1 Со внимание го следев поставувањето на двата големи лава што ќе го чуваат мостот Гоце Делчев во Скопје од десната страна на Вардар. Лавовите чинат милион и сто и педесет илјади евра, но портпаролот на Општина Центар не знаеше да каже колкав е хонорарот за уметникот.
И со тоа го стави авторот во незгодна ситуација. Не може портпарол да не знае колку од државните пари се потрошени за одредена ставка. Па затоа и авторот Дарко Дуковски мораше да се снајде и да се прави вицкаст. Па кога новинарите го прашаа колку пари како авторски хонорар легнале на негова сметка, тој одговори: “Не знам тоа, жена ми ги води тие работи”.
Новинарите можеа да ја продолжат приказната. На пример, да ја побараат сопругата на уметникот и да ја прашаат колку заработил маж и за делото што го направил од љубов кон татковината и кон неа. Или, пак, да направат сериозна анализа на тема: “Улогата на жените во чувањето на парите во традиционалното македонско семејство”.
Иако, мислам дека по одговорот на уметникот требаше да следува дополнително прашање. Кога веќе жена му му го води есапот, требаше да го прашаат: “Колку пара папучи може да се купат со парите од хонорарот за лавовите?”
2 СДСМ е сериозна партија. Тие не се занимаваат со улогата на жената во традиционалното проВМРОвско семејство. Туку со улогата на мајката и братучедите за успешно владеење со Македонија.
Затоа и потпретседателот на СДСМ Андреј Петров кога се појави пред лавовите, не праша колку пара папучи може да се купат со хонорарот, туку кажа дека “само со парите од овие два лава можеше да се реши проблемот на млекарите и да се реновираат две болници”.
Така е, господине Петров. И јас мислам дека попрво треба да се санираат болниците отколку да се прават лавови. Дури и лавовите не ми стојат на модерниот дизајн на мостот.
Арно ама, господине Петров, постојано останува отворено прашањето: Ако можело да се реновираат болници и да се решава проблем на млекари и на стечајци, зошто тоа не го направивте кога бевте на власт. Оти парите ги имавте. Ама вие не направивте ни болници, ни лавови. А богами и спомениците на партизаните ги запустивте. Единствено, признавам, градевте трговски центри.
3 Франција ги урива камповите и ги депортира Ромите кои кај нив се преселиле од Романија и од Бугарија. И бара од Европската комисија да ја притисне Романија да го запре иселувањето на Ромите.
Зборуваме за две земјичленки на Европската унија во која едната земја протерува граѓани на Европската унија. Или Ромите не се граѓани на ЕУ?
Што всушност бара сега земјачленка на ЕУ? Бара другата земја да им забрани на своите граѓани слободно да се движат низ Европската унија. А слободното движење на луѓе е еден од основните принципи на Унијата. Франција, што се гордее со својата револуција и мотото “Слобода, еднаквост и братство”, одеднаш бара ограничување на слободата на граѓани на ЕУ само затоа што се Роми. И им се заканува на Бугарија и на Романија дека нема да ги примат во Шенген зоната.
Кој и е крив на Романија што не објавила книга за дедо му на Саркози, како што објавија Грците и што ја спречило Бугарија да купи воени авиони од Франција за пет милијарди евра?
И после вакво француско читање на основните принципи на ЕУ излегува соопштение дека ОБСЕ ќе испрати екипа што ќе ги надгледува правата и положбата на Ромите во Македонија.
Зборуваме за Македонија во која Ромите се во Уставот, имаат политички претставници во Парламентот, министри во Владата, телевизии, весник и интегрирани се во образовниот систем.
Ќе ги замолам ОБСЕ, ако веќе не ни го враќаат педофилот што избега во Норвешка, во оваа набљудувачка мисија за правата на Ромите задолжително да има барем по еден Романец и Чех, а шеф да им биде Французин.
4 Последните истражувања покажаа дека голем број од децата и трудните жени се анемични. И веднаш се најде виновник. Владата е виновна. Се снимаат анкети по улици и луѓето викаат: “Сиромаштија!”.
Секој ден кога ќе поминам покрај бурекџилница гледам мајки и баби како им буткаат во уста на двегодишни деца бурек и симит погача. Низ парковите едногодишни деца во колички се борат со чипс, грицки и гумени бонбони.
Сиромаштија има. Ама Владата не е крива за анемијата. Оти во земја во која каде и да боцнеш коренче ќе излезе домат, пиперка, кромид, цвекло и морков сите ние од мрза ги храниме децата со ѓубре.
5 Министерот за здравство Бујар Османи рече дека “оцрнувањето на јавното здравство ги доведува во заблуда пациентите дека системот не е добар и дека е ризичен и дека пациентите треба да го заобиколат”.
Значи министерот сака да каже дека медиумите се виновни затоа што јавното здравство има лоша репутација.
Небаре човек треба да прочита во весник и да гледа телевизија за да види што се случува во државните болници и амбуланти. Кога не бил министер, каде се лекувал Бујар Османи? Па и да не читаш весници и да не гледаш вести на телевизија доволно е еднаш да пробаш да бараш спас во државна болница, па се ќе ти стане јасно.
Така што и тоа што ќе се прави Ургентен траума центар само е добар избор за прецизно именување на состојбата во здравството. И до сега беше траума самото одење во Ургентен центар. Сега траумата само ќе се официјализира. Затоа и ќе се прави гломазна институција. Голема траума, голем центар.