ТРГОВСКИ ЕКСПЕРТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:93:"Аман,Циле,немојдасиодиш,штоќеправимебезСаво

    1. На конференцијата за меѓународна соработка во борбата против трговијата со луѓе во Рим, учесниците останале подзинати кога настапувал претставникот на Република Македонија. Таму достојно нè претставуваше министерот за правда Џевдет Насуфи. Поголем специјалист за трговија со луѓе на конференцијата немало. Ќе беше вистинска меѓународна штета ако Насуфи, како експерт за трампање луѓе, не го пренесеше своето успешно искуство и надвор од границите на татковината. На пример, практично да објасни како ги трампаше војниците за командантот на ОВК Асани. Или, како бомбашот Велиу евтино го извезе во Западна Европа.
    Темата на конференцијата во Рим беше уште една можност за афирмација на Македонија во меѓународни рамки. Затоа што барем на оваа тема имаме луѓе од Владата кои се вистински експерти. Во друштво со министерот Насуфи во Рим беше и заменик-министерот за внатрешни работи Рефет Елмази. Дует од соништата.

    2. Ај што претседателот на Собранието Саво Климовски си призна дека не е паметен како Циле. Ај што кажа и дека нема толкав капацитет, тоа се гледа. Ама, пустиот, што му требаше да изјавува дека ако Циле си замине од партијата и тој ќе си оди со него. Аман, Циле, не си оди, ќе останеме без Саво.
    Климовски ќе оди со Циле, каде и да е. Туку, што правиме ако Циле реши да си замине во Америка. И Саво ли ќе оди со него? Може. Ако го прими новата амбасадорка во Вашингтон Радмила Кипријанова на спиење. Нема многу да ѝ пречи и не ќе мора за него да подготвува посебен кревет или спална соба. Бидејќи Саво нема голем капацитет, доволен ќе му биде и двосед.

    3. Прв Циле јава на чело на колоната/ по тесно патче планинско…
    Каде оди, сите алтернативци со себе ги води. Којзнае со што ги замајал вечерта кога четири часа расправале за односите во партијата, ама другиот ден сите како маѓепсани се појавија во “Александар палас”, да ја чујат намерата на Зелениковски да ја купи “Алумина”. Кога цела партија се појави во придружба на лидерот само кога беше објавена намерата за купување, колкумина ли ќе се појават ако човекот навистина ја купи фабриката?
    Не дај боже некој во хотелот да фрлеше димна бомба, како вчера на собирот на бугароманите во “Холидеј ин”. Во маглата алтернативците не ќе знаеја каде им е лидерот. И каде да одат, каде да го бараат.
    Веројатно затоа, меѓу нив не беше Радмила Кипријанова. Партиска тактика било таа да остане дома и да ги пакува куферите. Да се подготви за Вашингтон. Што ако сите тргнат по патот на Саво. Не резиденцијата на бившата амбасадорка Ачевска, туку на Радмила Бела куќа ќе ѝ требаше.

    4. И Александар Флоровски изгледа се подготвува да стане дипломат. Штом на четириесет и кусур години му текнало да студира, и тоа дури во Бугарија, мора да е многу амбициозен. Не е како син му на Стојменов, па во Прилеп да дава 11 испити дневно. Еееј, Благоевград е ова, не е Прилеп.
    Флоровски студирал односи со јавноста. Му личи. Културно се однесува со луѓето. Има богат речник и јасно се изразува. Елоквентен е кога говори. Дипломатски дискутира. Само уште диплома му фали, па да стане амбасадор.
    Смејте се, смејте… Ама така ќе биде!

    5. Потпретседателот на Собранието Томислав Стојановски се пожалил дека новинарите ги ловат пратениците за изјави пред вратите на тоалетите. Не можејќи на пратениците да им забрани да одат во тоалет, им забрани на новинарите да шетаат по ходници.
    Саво ја повлече забраната. Така што новинарите сега повторно ќе дежураат пред тоалетите. Пожелно е да ги ловат пратениците пред да влезат во тоалет, а не кога ќе излегуваат. Затоа што под притисок даваат куси изјави.
    Со победата на новинарите, тоалетите во Собранието стануваат значајна алка во развојот на македонската демократија. Само не ми е јасно зошто на некои пратеници толку им е непријатно да даваат изјави во ходникот. Тоа што го прават во тоалетите е ништо во однос на тоа што го прават на говорницата.

    6. Министерот за финансии Никола Груевски прво ни кажа дека аранжманот со ММФ се одлага затоа што експертите биле зафатени со Југославија. По два дена ни кажа дека аранжманот се одлага затоа што во Буџетот сме имале многу пари.
    Е па ако имаме толку пари, дај ние да ѝ дадеме некој кредит на Југославија. Како што имаме премногу вода, па даваме за Албанија, преку Шпиље и Глобочица, така и пари за Југославија можеме да дадеме преку ММФ.

    7. Конечно ни се случи нешто што не личи на нас. Самитот на балканските лидери барем за еден ден од Скопје направи центар на Балканот. Покажавме дека имаме убав луксузен хотел, покажавме добра организација, покажавме убави “крајслери”, покажавме дури и пристојни полицајци, неверојатно, но вистинито, дури и улиците првпат од пред изборите ни ги исчистија и контејнерите ги дезинфицираа, а и претседателот ни е највисок од сите, па може да се носи за вакви самити на врвот.
    Само што Трајковски малку беше разочаран дека ѕвездата му беше затемнета од присуството на југословенскиот претседател Коштуница. Ич нека не бере гајле. Барем тој ден Борис беше поголема ѕвезда од Љубчо.

    8. Утре се одржуваат локални избори во Косово. Белки таму ќе има некој инцидент. Колку да не бидеме единствени на Балканот.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира