1. Широката насмевка на лицето на грчкиот премиер Мицотакис, во моментот кога како добредојде на Пале ги примаше гуслите што како подарок му ги врачи Радован Караџиќ, во никој случај не беше одраз на префинета грчка куртоазија. Мицотакис манифестираше жива радост што, ете, успеа на едно место да се сретне со “друштвото” кое го брка целиот свет, а насмевката повеќе му дојде како камуфлажа на воодушевувањето што, ете, токму тој е среќниот кому му се дава историска шанса да се ракува и цела ноќ да се дружи со претставниците на небескиот народ.
Сега веќе е комплетирано триото гуслари: Ќосиќ, Милошевиќ и Мицотакис, извежбано да одгусла една долга, јуначка песна во која се велича хероизмот на психијатарот што го уби Сараево и потоа го поведе својот голорак народ да ги брани своите вековни огништа, сето тоа одвреме навреме прекинувано од суровиот свет кој не ја разбира праведната борба за голема Србија. Во точно одредени временски интервали, првиот гуслав Ќосиќ ќе ја одложи гуслата настрана и ќе одржи крајно мирољубив говор во кој на бранителите на своите огништа ќе им вети помош до крајната победа (останаа уште само четири муслимански градови за чистење) и космополитски ќе извика дека каде што постои српска куќа и српска нива, таму е и српската држава.
Сега, што може сиромашкиот Мицотакис уште да стори за да ги спаси своите пријатели. Можеби, да го пресели штабот од Пале во некое летувалиште на Егејското Море. Така Караџиќ би бил под директна заштита на НАТО. Настрана што престојот во хотел би им дошол како продолжување на борбената традиција. Убивањето на граѓаните на Босна и Херцеговина почна токму од прозорците на сараевскиот “Холидеј ин”. А и госпоѓицата д-р Билјана Плавшиќ, сончајќи се на некоја плажа, ќе може во спокојство да ја планира популационата политика на српскиот народ. Таа веќе се прослави со изјавата: и шест милиони Срби да изгинат, пак ќе останат доволно да формираат држава. Настрана што во Грција ќе има подобри услови да си ја обновува гардеробата и накитот. Што се белградските бутици во однос на бутиците од Атина?
2. Кој е најдобриот начин со кој босанскиот претседател Алија Изетбеговиќ ќе му се заблагодари на Мицотакис за грижите што тој ги покажа за неговата држава, која, нели, ја призна и Европската заедница чија почитувана членка е и Грција? Би можел, на пример, да одржи говор во парламентот на турската република Северен Кипар.
3. Сé уште не ми е јасно зошто претседателот на Македонија Киро Глигоров толку инсистира да се сретне со господинот Мицотакис. Како прво и прво – што ќе му подари? Ние немаме гусли. Треба да му даде тапан. Или барем рачки од тапан. А може и зурла. И онака Мицотакис сака да се дуе дека е некаков балкански Митеран.
Само, уште поголем проблем е што во нашава држава не може да му се најде домаќин што ќе му биде достојно ниво. Човекот избира друштво. Најдобро се чувствува меѓу воени злосторници.
4. Вчера се славеше Денот на полицијата на Република Македонија. Во соопштението што го добивме од Министерството за информации ни беше набележано дека “одбележувањето на овој ден е во функција на АФИРМАТИВНО-ПУБЛИЦИСТИЧКИ приказ на остварувањата и резултатите во МВР”.
Е, сега, бидејќи ова е прва прослава на 7 мај, редот е и ние АФИРМАТИВНО-ПУБЛИЦИСТИЧКИ да се осврнеме на празникот на полицијата. Зошто токму 7 мај? Затоа што за време на одржувањето на Смилевскиот конгрес од 2 до 7 мај 1903 година била организирана народна селска милиција која го обезбедувала селото. Бидејќи тогаш сé уште постоела Отоманската империја, тоа биле зачетоците на првите македонски паравоени организации. Учесниците во аферата “Сина птица” од април минатата година, кога си одеше југословенската армија од Македонија, не знаејќи го овој податок, за џабе се израдувале дека токму нив ќе ги земат да ги слават во иднина. Ту, мајката, како не им текна да се вратат уште поназад, во времето на Самоил? Може неговите полицајци биле токму оние ослепени војници на кои им оставиле по едно око! Значи, некои од денешните полицајци, што не гледаат кого тепаат, се нивни директни потомци.
5. Бидејќи во Македонија сé функционира беспрекорно, властите и Парламентот немаат со што да се занимаваат, па сега работат на финесите на благодетното живеење. Фалеше уште обврската идните сопружници задолжително да одат на психо-тест во брачно советувалиште пред да решат да се земат. Инаку, без потврда, матичарот нема да ги регистрира.
И граѓаните на САД имаат ригорозни административни проверки пред секое стапување во брак. Арно ама, ако сакаат да му избегаат на законот, тие си го имаат Лас Вегас. А во Мексико пак таа формалност можат да ја завршат без “хартија”, ако во тоа не се сметаат доларите.
Ете една разумна причина зошто не треба да ги заоструваме односите со соседите. Како ви изгледа идејата да се венчате во Врање? Или во Петрич? Или во Корча? А во Солун? Додека не се изградат мерките на доверба – нема шанси.
Само, што правиме ако младата е веќе во осми месец!?