1. “Вечер” пред некој ден ги објави фотографиите на сопругите на премиерот Бранко Црвенковски и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Георгиевски, Јасна и Снежана, што се вели – со мев до уста, пред пораѓање. Во меѓувреме госпоѓата Црвенковска родила ќерка. Како се случило двајцата кандидати за иден премиер на Македонија да го натемпираат времето за пораѓање на нивните сопруги во екот на предизборната кампања не е познато. Во секој случај на избирачите симболично им покажаа дека, за кого и да се определат, можат да сметаат на бериќетна иднина.
Па сега, нека рече некој дека Македонија не ги “трга” породилните маки во изградбата на демократијата. Блазе си им на сопругите. Барем ним ќе им олесни до завршување на изборите. Нас маките нé чекаат дури по изборите.
2. Минатата сабота се формира коалицијата Сојуз за Македонија. Ја формираа СДСМ, Либералната партија и Социјалистичката партија. Кога ќе се вратиме четири години наназад, за време на првите повеќепартиски избори, претходничките на овие партии настанаа од еден друг сојуз – Сојуз на комунистите. Тогаш беа СКМ-ПДП, Реформистите и Социјалистичкиот сојуз. Сега наследниците со новите имиња повторно направија Сојуз.
Во меѓувреме не се изменија само имињата. Основно – направивме држава. Лидерот на СДСМ изгради препознатлив имиџ на најмлад премиер во Европа со “шизички” манири, лидерот на либералите постојано беше во центарот на интересот, било поради жестоките критики на опозицијата, било поради кокетирањето со некои надвор од владејачката коалиција, било поради “народските” истапи во Парламентот и го изгради имиџот на сива еминенција во македонската политика. Само социјалистот Киро Поповски остана ист како што си беше во времето на Социјалистичкиот сојуз и плурализмот на самоуправните интереси. За изминативе четири години не можам да се сетам на ништо значајно поврзано со неговото име, освен што постојано ми се враќа сликата од екранот за време на директните ТВ преноси на Парламентот, кога на секои пет минути пиеше минерална вода и си ги грицкаше ноктите.
Еден коментар од сосема непознат човек што присуствуваше на промоцијата на Сојузот за Македонија во МНТ, кој сосема случајно го чув, а ми се бендиса и го забележав, во моментот кога тројцата лидери заедно со претседателскиот кандидат Киро Глигоров се фатија за раце и ѝ отпоздравуваа на публиката беше: “Боже, како овој човек цел живот знае за кого да се закачи”.
3. Сметам дека ќе биде голема штета ако Ѓорѓи Џорџ Атанасовски не може да биде претседателски кандидат. Ако му се дадеше можност да настапи барем на десетина митинзи со пишуваниот говор со кој им се претстави на новинарите, човекот барем ќе научеше полесно да чита, а можеби и ќе го разбереше тоа што му е напишано.
Инаку, најмногу ми се допадна како “родениот во Прилеп, жителот на Прилеп и интернационалниот бизнисмен” го сфаќа поимот правна држава. Господинот Атанасовски рече дека не е судија (веројатно мислеше правник), ама ќе формира комисија (веројатно од правници) која ќе направи правила на однесување и сите ќе ги почитуваат тие правила. Супер. Така функционира вистинска племенска заедница. Сите ќе ги почитуваат правилата на поглавицата Џорџ.
4. Приватната скопска телевизиска станица “А1” ги распродава своите термини на политичките партии, ама пустото, толку инсистира на тоа “независна” што задолжително, кога е откупен терминот на екранот се појавува натписот “Платена политичка програма”. Или – ППП. Сето тоа кај скопските мајтапчии го “роди” новиот штос. Трите букви “П” се читаат како ТРИ-ПЕ-Р. А партиската програма се нарекува “трипер програма”.
Кога ќе подразмисли човек, има некаква врска. Ова изборите станаа како заразна болест. Се добива со близок контакт меѓу многу луѓе. На почеток на сите им е убаво. После – ќе си ја чукаат главата.
5. Последнот претседател на Сојузот на комунистите на Југославија Милан Панчевски имаше изборна промоција во белградскиот весник “Политика”. Настапи од името на Прогресивната демократска левица, односно коалицијата на Демохристијанската партија, Демократската партија на Србите, Демократската партија на Југословените, Сојузот на комунистите на Македонија и Новото комунистичко движење. Зошто Србија се поистоветува со левица не ми е баш јасно, ама многу интересно е размислувањето на другарот Панчевски за политиката на еквидистанца кон соседите. За разлика од претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Љубиша Георгиевски, кој исто така ја критикува политиката на еквидистанца и трга накај Бугарија, Панчевски размислува: “Каква политичка дистанца кога овде сите Срби се покажуваат како црни ѓаволи, а на нас Македонците со медиумски и новокомпониран приод на историски толкувања сега Албанците и Бугарите ни станаа браќа”.
6. Меѓу првите приватизирани претпријатија во државата е и претпријатието “Солун” од Гевгелија. Деновиве очекуваме изјава на Евангелос Венизелос за најновата скопска провокација.