ТРУСНО ПОДРАЧЈЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:97:"Водворотнагрчкиотконзулатсеодгледувамарихуана

    1. Прилеп дефинитивно е ројалистички град. Има пиво со име “Круна”, си ги има приказните за Крали Марко и од оваа недела има спомен-плоча на Алексан­дар Македонски.
    Претседателката на градот Виолета Попоска ја открила спомен-плочата на Александар Македонски по повод 2318-тата  годишнина од неговата смрт. На тој начин најкралскиот град во Македонија му се оддолжи на овој голем војсководец.
    Мора да се признае, станува збор за навистина многу редок јубилеј. Само еднаш и никогаш повеќе нема да се слават 2318 години од смртта на Александар. Тоа што не се чекала некоја заокружена годишнина не е никаква штета, бидејќи се работи за добро осмислена програма на одбележување на ликот и делото на прилепскиот војсководец. За 2319-тата годишнина се предвидува откривање на споменик. А за 2320-тата годишнина, како заокружен датум, на свечена седница на Собранието на општината, Прилеп ќе се прекрсти во Александрија.
    Некои велат дека случката со откривањето на спомен-плочата на Александар Македонски во Прилеп е смешна. Мене воопшто ништо не ми е смешно. Баш е жално. Човекот умрел.

    2. Станува горештина. Треба да се мисли на одмор. Грците како туристичка сила размислуваат како што повеќе да спечалат ова лето. Особено кога им доаѓаат гости од кои има што да се добие. На пример, како американскиот турист Метју Нимиц.
    Нас не нé бива за туризам. Како да не можевме и ние да го поканиме Нимиц да ни дојде на летување. Наместо на некој грчки остров, можеше да се сонча крај нашите езера. А ако веќе обожава острови – и ние остров за трка имаме. На Преспанско Езеро. Кога можел таму да летува Самоил, зошто не би можел да летува и Нимиц. Ќе си помине – царски.
    Сигурен сум дека летувањето на Преспа би му било поадекватно, отколку летувањето во Грција. Прво, ќе се чувствува како дома. Нимиц доаѓа од Њу­јорк, па аналогно на тоа и нашиот остров се вика – Голем Град. Освен  тоа, меѓу туристите ова место е познато и како “змиски остров”. Значи, Нимиц би бил меѓу змиите. Што е сосема компатибилно со неговата посредничка мисија. Нели, обично се вели дека преговарачите си ја кријат позицијата како змијата нозете.
    И уште една компаративна предност. Островот е сместен на тромеѓето помеѓу Македонија, Грција и Албанија. Така што од таму Нимиц би имал јасен поглед на балканските прилики. Освен тоа и Преспа одвреме-навреме ја потресуваат земјотреси, како Грција. Тоа постојано ќе го потсетува дека се наоѓа на трусно подрачје. Или, едноставно кажано – во нестабилен регион.

    3. Удрила горештината во глава. На грчките новинари доматите и пиперките во Гевгелиско им се чинат афиони. Од коишто, нели, Македонија, како позната по дрога, произведува опиум. А од него – халуциногени дроги. Тоа објаснува како доматите, погледнати од преку граница, стануваат афиони.
    Ние цело време мислевме дека оваа наша Влада работи од денес за утре. А таа работела со ум и води далекосежна политика. На прашањето на дрогата има разработена долгорочна стратегија како да прави опиум за грчкиот народ и да ја уништува грчката младина. Сади домати и пиперки и потоа тие со генетски инженеринг се мутираат во хероин. Нема зафрканција. Тоа е долгорочен процес, не е состојба.
    Штета што грчките камери не го снимиле дворот на бившиот грчки конзулат во Скопје. Троскотот што ја покрил зградата од сите страни во халуциногена состојба личи на марихуана. Штета што Грците ја држат зградата под клуч. Би можеле малку да пушиме тревка. Кога ќе решат повторно да го отворат конзу­латот, во таа чест би организирале едно заедничко виткање “џоинт”. Потоа малку ќе “дуваме”. Додека  прописно не се “надуваме”. Така ќе излезе дека целата приказ­на за Македонија како балканска Колумбија била надувана.

    4. Во прв момент и писмото на ПДП до Советот на Европа, во кое пратеничка­та група ѝ сугерира на оваа европска асоцијација да не нé прима меѓу нејзините членови, изгледаше како надуена работа. Арно ама, сепак станува збор за доследна политика на ПДП. Луѓето се познати по тоа што не се превртливи. Си имаат став и си го бранат докрај. Ставот дека ќе излезат од Владата им е непроменет уште од кога влегова во Владата.
    Не знам зошто некои  велат дека ова писмо е рамно на скандал. Напротив. Скандалозно би било ако некој министер во Владата од оваа партија побара прием на оваа држава во Советот на Европа.

    5. Фатени во летаргијата на здодевното собраниско секојдневие, занимавајќи се само со дигање раце за ратификации на различни спогодби и договори, пратениците без многу дискусија си дигнаа раце и за Законот за трансплантација на делови од човечкото тело. Дури по усвојувањето на Законот некои се свестија што изгласаа. По смрт – болест.
    Да се најдеше барем некој да прочиташе за што дига рака…

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира