1. Цела Македонија ја брка Интерпол. Седнале во МВР некои високи функционери под шифра Модести Блејз и Вили Гарвин и решиле да средат сè по список. Си рекле: “Дај да видиме кои не се наши фирми, да ги пријавиме на Интерпол”. И направиле список со шифри. Па сега директорите на најголемите македонски фирми се лутат на прекарите што им ги ставиле. Пинокио се чуди зошто му го дале тоа име, а Скарфејс воопшто не личи на Ал Пачино во истоимениот филм. Ејсидиси е сосема друга приказна, а Попај се жали што во списокот му ја нема и Олива.
Директорот на ДБК Бојан Бојановски, се жали дека сега во службата има сè и сешто, небаре е земјоделска задруга. Тоа воопшто не е лошо. Во минатото таму работеа професионални полицајци. Овие земјоделците сега имаат и смисла за шега. Како да не се смееш на шифрите што ги испоставале на списокот.
МВР демантираше дека постоел таков список на фирми што ги пријавило на Интерпол. Ама мене не ми се верува. Вили Гарвин обично многу зборува. Изгледа пак ѝ избегал од контрола на Модести Блејз, па викнал некои новинари да им се пофали со списокот. Ако сакаш да те симнат од списокот, треба да поминеш во ВМРО-ДПМНЕ. Или барем да дадеш прилог за Организацијата.
Сега сите треба да внимаваме секојдневно да не нè следи некој средовечен Италијанец од Интерпол, да не нè открие како сме му помагале на режимот на Милошевиќ. Пред некој ден, еден странец со италијански акцент, што порано бил банкар во Рим, се распрашувал на Зеленото пазарче во Скопје кој најмногу во времето на Милошевиќ купувал српски кајмак. Тие ги водат под шифра Пекабела. Станува збор за прва категорија воени злосторници, ама ќе им се суди тука. Во Хаг ќе одат само тие што купувале новогодишни прасиња, шверцувани од Бујановац. Нив ги водат под шифра Гица. Тие патуваат за Хаг.
Нема друго, единствен спас е министерот за правда Џевдет Насуфи. Само тој знае како да нè скрие од Интерпол.
2. Среќа што има кој да ни ја чува земјата од државни непријатели, па цел државен врв може на раат да си отпатува за Загреб. Пред некој ден портпаролот Антонио Милошоски рече дека премиерот Георгиевски, поради обврски во земјата, нема да патува за Загреб. Ама, Љубчо е примерно дете. Навреме си ја заврши домашната задача, па сега, за награда, Борис ќе го води на пат.
Македонија пред самитот во Загреб е пред историска пресвртница. Затоа сите сакаат да бидат таму. Дилемата не е: “Одиме на Солун, или на Срем!”. Историската одлука е: “Одиме на Загреб!”.
Љубчо е загрижен, до 24 ноември, кога треба да замине на пат, да не се гласа за интерпелација на Владата. А Борис не е загрижен за ништо. Тој му вика на Љубчо: “Јас отидов, топ не ме бие!” А Љубчо мува не го лази.
Само што со нашата најмногубројна делегација, Хрватите ќе имаат проблем како да го усогласат протоколот. Сите делегации ќе имаат еден главен и еден на маргините. Кај нас или двајцата ќе бидат главни, или и двајцата на маргините. Да не се случи Борис и Љубчо да се степаат за столчето во пленарната сала. И како ли ќе им ги организираат средбите. Замислете двајцата да одат на билатерална средба со некој шеф на држава или влада. Тој ќе има сериозен проблем. Со кого прво да се поздрави. Или, ако реши во исто време да се поздравува, кому да му пружи лева, а кому десна рака. Така, Македонија, уште непотпишан договорот со ЕУ, на Европејците веќе почна да им создава грижи.
Со заминувањето на Борис и Љубчо од државата, на сцена стапува Саво. Ех, да му се поклопеше загрепскиот самит со прославата во Собранието од минатата сабота, кога Саво се прослави со пригодниот говор:”Користим прилику да поздравим Жику!” Ќе мора пак да свикува свечена седница.
Идниот петок Саво ќе направи преврат во Македонија. Циле вели: “Нема демократија!” Саво вели: “Нема демократија, двапати по толку!” И кога Саво ќе остане сам, ќе ни воведе суштинска демократија. Па ние ќе паднеме во толкаво очајание што ќе ги молиме Љубчо и Циле што побрзо да ни се вратат.
3. Без Љубчо, и така и така. Ама без Циле – не ја бива. Сите велат дека тој е клуч за опстанокот на Владата или за формирање ново парламентарно мнозинство. Клучарот Циле. Нели и на изборите пред две години го носеше клучот за 21 век.
Гласот на Циле беше решавачки во некогашното претседателство на СФРЈ, во периодот кога се распаѓаше државата. Сега гласот на Циле е решавачки за распаѓање на владината коалиција. Секогаш кога нешто се распаѓа, тука е Циле.
4. Завчера на патот Струмица – Штип, штрајкувачкиот одбор на”Бучим” се сретна со заменик-министерот за економија Ламбе Арнаудов. Преговорите се водеа во автобус. Можеби оној истиот автобус за 21 век, со кој Љубчо и Циле се возеа низ Македонија и ни ветуваа промени.
За сè е крив автобусот. Сè почна од него.