1 Баш на 1 јуни, Меѓународниот ден на детето, во медиумите пукна скандал за висок дипломат во Мисијата на ОБСЕ во Македонија, осомничен за педофилија. Им се расипа пригодата. Баш очекував по повод Денот на детето, ОБСЕ да излезе со некоја лекција како во Македонија недоволно се почитуваат и се заштитуваат правата на децата. Вчера полицијата го потврди случајот. Рекоа дека во запленетиот компјутер му нашле осум часа видеоснимки и 30.000 фотографии со детска порнографија. Значи во ОБСЕ навистина ги сакаат децата.
Некои од нив толку многу ги сакаат, што дури и би спиеле со нив. Шегата настрана. Педофилскиот скандал во ОБСЕ е доказ дека меѓуетничките односи во Македонија се навистина добри. Кога би имал високиот дипломат толку слободно време да симне од Интернет толку педофилски материјал, ако морал да оди како набљудувач секогаш кога македонската полиција апси криминални банди во селата низ Северозападна Македонија? Оти кога се апсат Албанци, многу е деликатно, ОБСЕ мора да внимава да не се кршат човековите права.
2 Македонски државјанин умрел во Словенија оти немал 100 евра. Имал болки во градите, ама не го примиле оти му фалеле уште 20 евра.
Е тоа ти е Европска унија. Таму и умирачката има цена. Кај нас се умира за џабе. Затоа што тие се внатре, а ние сме надвор.
3 Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски се сети како сограѓаните да ги одврати од одмор во Грција. Ќе прави плажа на Вардар.
Капењето е забрането, но, сепак, скопјани ќе можат да се сончаат на вистинска плажа зад Градскиот парк.
Сега се отвора дополнителна можност за заработка на граѓаните што имаат станови и куќи во близина на Паркот. Најмногу ќе ќарат тие што живеат на Илинденска. Затоа што се прв ред до плажата. Па ќе издаваат соби за одмор. Илинденска ќе стане Туристичка улица. Има и неколку фурни, па за да се чувствуваат скопјани како да се во Паралија, од сабајле домаќинките, по гаќи и со влечки, ќе ги разнесуваат тавите за печење, а попладне, изгорени од сонцето, ќе се прибираат на ручек и на попладневна дремка покрај музиката од кафулињата на Ленинова.
Јас живеам таму некаде, ама втор-трет ред од плажа. Сега ќе земам еден картон, ќе напишам “Цимер фрај”, и ќе издавам соби. Ќе им наплаќам на скопјанишчана за да заработам за одмор во Грција.
За да стане популарна плажата, на градоначалникот Трајановски му предлагам да организира наградна игра за посетителите. Кој ќе собере 100 пластични шишиња од Вардар, ќе го пратат на бесплатно капење во Охрид. Кој ќе собере шпорет или машина за перење, може да си ја носи дома.
4 Премиерот Никола Груевски во говорот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ рече дека во опозицијата се шири оптимизам дека Бранко, наводно, се договорил со Велија да им помогне за да се вратат на власт.
Пред тоа ВМРО-ДПМНЕ со соопштение се жалеш е дека е под постојан напад од новинарите и од сопственикот на А1 Телевизија
Како круна на тоа, Миленко со некои снимки ни откри цврсти докази дека Велија не плаќал придонеси на платите на новинарите и оти имал и телевизија и весници, а тоа било незаконски.
Добро утро, Колумбо. Ете, и Миленко ја откри Америка. Оти ние тоа не го знаевме. Ни ние, а ни другите од бизнисот. И не само од нашиот бизнис туку од сите други бизниси. А, исто така, тоа не го знаел ни премиерот. Ни оваа, а богами ни сите други влади досега.
Само што за тоа не е виновен Велија. Виновен е премиерот Груевски. Како што бил виновен и премиерот Бранко. И сите други влади.
А бе, Никола, што н лажеш? Што ни правиш претстава? Едниот божем напаѓа, а другиот божем се брани, и обратно. Да не треба уште да те жалиме дека многу страдаш од Велија? Убаво ти беше кога заедно дувавте во иста шупелка и правевте медиумски хајки за компании и личности. А сега, демек, ти си жртва на новинарството на Велија?
Јакиот Велија, јакото новинарство! А и Велија е демек жртва на власта оти му вршеле притисоци.
Јаката власт!
А мекици за втората ќеркичка заедно јадевте.
Ај не раскажувај прикаски. Фати се за работа.
Држава што не може да обезбеди бизнис без нелојална конкуренција, не е држава. А ти знаеш дека државата има проблем со нелојалната конкуренција. И твојата влада ги толерира нелојалната конкуренција и незаконското работење. И твојата влада помага да се урива целата бизнис логика. Тоа е, всушност, вистинско загрозување на слободата на говорот и демократијата. А за тоа, тебе како премиер, а богами и како лидер на ВМРО-ДПМНЕ не ти се криви ни Велија ни новинарството.