1. Не знам дали некој воопшто ќе се сетеше дека кај нас, среде бел ден, во центарот на главниот град, некој со автомобил-бомба се обиде да го убие претседателот Киро Глигоров, доколку и денес на власт беше тогашната коалиција. Вака се отвори проблем, како да му се најде работа на тогашниот претседател на Собранието Стојан Андов.
Предлогот од неговата партија беше тој да биде претседател на анкетната комисија. Пратениците на СДСМ не го прифатија тој предлог и им понудија на либералите на чело на комисијата да стават друг пратеник. Овие се повлекоа на 15 минути, се налутија што не им го сакаат Андов и го повлекоа предлогот за формирање анкетна комисија.
Не е важно дали ќе се откријат нови детали за атентатот врз претседателот на државата. Важно е на чело на комисијата да биде Андов. Дури не е важно ни дали ќе се формира таква комисија. Што ќе ти е, ако со неа не раководи Андов. Баш би било интересно кога на следната седница пратениците на СДСМ би побарале формирање таква комисија. Дали либералите ќе гласаат против?
2. Лошите работи поарно да се заборават. Што ќе ни е сега постојано потсетување на атентатот. Си имаме ние попаметна работа отколку да се занимаваме со мостри на песок од скопската населба Кисела Вода. Или да се загледуваме во луѓето за да го препознаеме фотороботот од плакатот “Да се обидеме заедно”. Настрана што останаа неоткриени и соседни земји, и некои три нивоа, и некој човек што го направил експлозивот, па групации, па сомнителни банки… Освен тоа и новиот министер за внатрешни работи Томислав Чокревски ги нема годините на неговиот претходник Љубомир Фрчковски, за да се загледува во секоја жена што вози “ами 8”.
3. Интересно е како во изминативе две недели, по повод иницијативите на двете вонпарламентарни опозициони партии и на опозиционите парламентарци, се однесуваа партиите во Македонија.
Владејачката СДСМ, како и што се очекуваше – игнорантски, со призвук на моќност и сила. Тие кажуваат што е легално, а што не е, тие го толкуваат Уставот, обвинуваат за вознемирување на граѓаните… Приврзокот Социјалистичката партија, според традициите, со јасен и кристално чист став – како ќе каже СДСМ! Либералите во небрано, од една страна во ист кош со ВМРО-ДПМНЕ и ДП, од друга страна се трудат да бидат различни од нив, на трета страна офанзивно обвинуваат, на четврта страна како да се бранат. Како да не беа свесни што ги чека кога отидоа во опозиција – наместо како малцинство да го нервираат мнозинството, тие дозволуваат да бидат изнервирани. Во ВМРО-ДПМНЕ очигледно добро се забавуваат. Ни трага од Љупчо Георгиевски кого го познававме – не се заканува, не упаѓа во туѓ збор, одговара само кога ќе го прашаат, ужива во 200-те илјади потписници… Во Демократската партија како сите да ги правеле под ист калап на лидерот Петар Гошев. Нервозни, зајадливи, спремни за кавга, накострешени… Партиите на Албанците во Македонија се приказна за себе. И владејачката ПДП и опозиционата ПДП-А си гледаат сеир. Сигурно се чудат како овие собрале 160 илјади потписи за четири дена. Кога би го анимирале нивното избирачко тело, тие би ја завршиле акцијата за четири часа.
4. Завчера поминав низ Трговскиот центар на Скопје, покрај излогот на некогаш престижната стоковна куќа на “Центротекстил”. Внатре, помеѓу соголените кукли, полупразните полици и растурени закачалки, во мрак, врз два-три заостанати теписи, седеа дваесетина продавачки. Вечерта, на вестите на телевизијата “А1” дознав дека тие се заклучиле однатре и во мракот чекале некој да ја купи стоковната куќа, заедно со нив.
Во вестите на државната телевизија повторно ги дадоа стечајците од кумановскиот “ЧИК”. И тие чекаат некој да ги купи.
Половина час потоа, една госпоѓа што ја следела трибината на МТВ за предвремените избори, го праша претставникот на владејачката партија, пратеникот Наќе Стојановски, дали и тој не би барал предвремени избори, кога би имал 100 германски марки плата, а тој одговори дека би барал само ако знае дека тие што ќе дојдат на власт ќе му овозможат барем 150 марки. На прашањето на друг гледач, кои се резултатите на оваа влада, господинот Стојановски кусо одговори дека има многу резултати, дека премиерот во неколку интервјуа ги наброил и рече дека впрочем резултатите се транспарентни, односно, сé се гледа.
Дали господинот Стојановски тој ден прошетал низ Трговскиот центар во Скопје? Ќе имал прилика да ја потврди својата теза за транспарентноста на резултатите. Сé се гледа. Во излогот на “Центротекстил”. Којзнае, можеби на тие што седеа во мракот и чекаа некој да ги купи, новиот газда ќе им даде и 160 марки плата!
5. Во Скопје ќе гостува циркусот “Медрано”. УНПРЕДЕП со своите хеликоптери го зафати просторот кај базенот во Карпош, каде што обично ги поставуваат циркуските шатори. Овој пат циркусот ќе биде лоциран спроти МАНУ.
Штета што во близината на Собранието нема некоја празна ледина. Можеше таму да се постави циркус. Пратениците ќе можеа да избираат. Да одат во циркус или на седница. Бидејќи веќе се расправаат со глупи августи. Сигурно има и тажни кловнови. И одачи по жица. За жонглери ич да не зборуваме. Можат да бидат и кротители на лавови. И уметници на трапез.
Сега учат како да бидат дресери. Тренираат на народот. Што поуспешни дресери, толку поатрактивна циркуска претстава.