1 Ќе го тужам ЕСМ. И тоа ќе го тужам за етничка дискриминација пред судот во Стразбур. Како може Македонците кога не плаќаат струја да ги исклучува, а Албанците во Кондово и Арачиново да не ги исклучува. Додека ЕСМ беше државна фирма можев да разберам дека води државна политика на позитивна дискриминација. Ама откако австриски ЕВН е газда на ЕСМ нема логика за нееднаков третман на корисниците.
Не можеле да наплатат струја во Кондово. Ги избркале со пушка и тие не ги исклучуваат.
Ако сакаат да водат политика со муштериите нека си ги викнат Оли Рен и Хавиер Солана и нека почнат политички дијалог. Ама тогаш нека не наплаќаат струја и од мене. Немам намера со мои пари да им го финансирам дијалогот.
2 Дојде Оли Рен. Не кажа ништо ново што ние тука не го знаеме. Запрени се реформите и ако не продолжат нема датум за преговори со ЕУ.
Но Оли Рен не сака гласно да го каже тоа што сите го знаеме. А тоа е дека Али Ахмети и ДУИ се тие што го кочат дијалогот, а со тоа и реформите.
Ќе дојде некој од ЕУ и наместо да каже: “Ти се лош, а ти си добар”, тој ни тврди: “Сите сте лоши”.
Али Ахмети нема потреба да ги слуша. Затоа што нема што да изгуби. Губи само Македонија.
3 Кој вели дека во Македонија нема дијалог? Цело време се води дијалог. Дека нема дијалог.
4 Европската унија повторно ја објавија црната листа на граѓани на Македонија на кои им е забранет влез во земјите членки на ЕУ. Биле 16 лица.
Што не лажат? Какви 16 лица. На црната листа на ЕУ се два милиони и кусур македонски државјани.
Нека проба кој било носител на македонски пасош, претставник на просечна средна класа да добие виза. Тешко се добива и ако имаш добра причина, а не пак ако сакаш да патуваш без причина. Која е разликата меѓу командант Лека кој е на црната листа и просечен граѓанин на Македонија кој демек, не е.
Има разлика. Просечниот граѓанин по сето понижување и плаќање се надева дека ќе добие неколкудневна виза за ЕУ. Лека не се ни надева. Сигурно знае дека нема да добие виза. Така е дури и во подобра ситуација. Поштеден е од малтретирањето.
5 Премиерот ја поништи Комисијата за издавачка дејност во Министерството за култура. Имаше многу жалби од издавачите за тоа како се делени државните пари за проекти.
Велат дека културата била политизирана. Не е точно. Политика подразбира повисоко ниво на општествена организација. Тука парите не се делеле на партиски другари и по идеолошка основа. Се делеле на жени, деца, братучеди и други роднини. Кај нас културата не е политизирана, туку фамилијаризирана. Како во феудално општество.
6 Новото раководство на СДСМ во последно време се појавува зад партиската говорница на која со црвени букви е напишано “На колосек”. Што ли им значи на Радмила Шеќеринска, Јани Макрудали, Игор Ивановски и Горан Минчев новиот слоган?
Во бивша Југославија имаше една изрека: “Глупав си како железничар”. Зошто? Затоа што кога го тераш возот не мораш да гледаш ни лево ни десно. Нема што да мислиш. Одиш каде што те водат шините.
Во новиот слоган ја нема жолтата боја, ја нема ни сината. Нема фракции, нема разногласие. Има едноумие. Сите се на ист колосек. Црвен.
Дали Радмила решила да се врати на колосекот на Бранко, или на Петар Гошев? Или оди подалеку. Ќе стигне до Милан Панчевски и Јаков Лазароски.
Или пак таа и тројцата околу неа одат уште подалеку? До Мао Це Тунг и четворочлената банда.
7 Министерот за странски инвестиции Глигор Ташковиќ многу шета. Ама и многу збори. Нека шета и нека ќути. Ионака фајде големо нема. Ај што ни ги троши парите за шетање, па мораме и да го слушаме.
Се пофали дека Македонија за 40 години ќе биде Сингапур на Балканот. Не умри магаре до зелена трева. Има надеж за нас. Ако не не престигне глобалното затоплување. Оти за 40 години можеби глобалното затоплување ќе ги потопи сите околу нас. Па Македонија ќе излезе на океан. И така ќе биде Сингапур на Балканот.
8 Тачи му порача на коалициониот партнер од власта Тито, да не зборува многу оти ќе заврши како Циле.
Пратениците на НСДП нека почнат да размислуваат за цена. Оти ВМРО-ДПМНЕ и ДПА ќе ги купат исто како што му ги купија на Циле од ДА.