Црвени саксии

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:68:"Некамујамисликојнемисликаконив

    1. Претседателот Борис Трајковски не гледа потреба да го свика Советот за безбедност. Вели дека државата функционира нормално.
    Лани ова време, во Арачиново ни отепаа тројца полицајци. Годинава, во Теарце, само еден и уште двајца повредени. Не само што е нормално туку дури има и напредок.
    За напад на полициска станица, убиство на полицаец и за некакво соопштение од непозната организација која сака да ја имитира ОВК не вреди да се нарушува спокојството на претседателот кој треба да патува за Давос. Кога ќе се врати, ќе мора да оди и на молитвениот појадок во Вашингтон. Така што Советот за безбедност на Македонија може да почека додека не се случи уште нешто. Тогаш ќе треба да расправа Советот за безбедност на ОН.

    2. Дека не е нарушено нормалното функционирање во државата се гледа и од посетата на претседателот на Основниот суд во Скопје и испрашувањето кај истражниот судија. Трајковски, очигледно, уживал. Кога излезе од Судот, на прашањето како си поминал, одговори: “Убаво!” И беше насмеан како да излегува од свадба. Уште да не мораше да го мачат новинарите да дава изјави. Се труди, пустиот, сака да се дружи со новинари, да каже нешто паметно, да го сликаат со камери, ама се мачи. Дали нов збор да измисли или како старите да ги состави во една мисла.
    Пред истражната судијка, Трајковски се сетил на телефонските разговори што ги водел во септември-октомври минатата година. Ама не можел да се сети што муабет правел во декември 1999 година. Трајковски има слабо паметење. По извесно време, не знае што зборува.

    3. А не знаел што зборува ни Саво Климовски. Па, целиот испотресен, им се довери на новинарите дека не е страшно ако преку телефон раскажувал интимни работи, ама многу е загрижен да не кажал случајно некоја државна тајна што ја знаеле само тој и претседателот.
    Што можел да знае Саво и што ли си раскажувале со Борис. Зар тие што ги прислушувале ги есапеле за многу важни, па, им кажувале државни тајни.

    4. За разлика од нив, Андов се знае. Кога пред некоја вечер почна да му вика на новинарот на А1 телевизија, толку се исплашив, што морав да избегам од дневната соба, додека не се смири. Сите нè испокара. Па дури и јавниот обвинител кому му кажува како да постапува со аферата за прислушувањето. Небаре на Џиков нема кој да му каже. Покрај Доста, сега уште и Андов му фалеше.
    Претседателот на Собранието е како учител од старо време. Додека седи на катедрата и гледа во пратениците, сите се мирни. Штом спушти глава, пратениците му бегаат.
    Само четворица пратеници од ДА седат мирно во клупите. Ако треба, и на паузи не излегуваат. Веднаш им бележат како се однесуваат. За да поминат кај Љубчо, мора да имаат примерно поведение.

    5. Баш ни е забавно. Не знаеш дали сме во циркус, детска градинка, или во држава. Циркусанти, колку сакаш. Со детска памет, уште повеќе. Ама држава си правиме.
    Сега веќе не смееме да зборуваме. Затоа што нè слушаат. Ама тоа не е доволно. Треба да знаат и што мислиме. Како што тргнале, ќе увезат некоја опрема и за читање мисли. Па нека му ја мисли кој не мисли како нив. Сите треба да бидеме исти.
    Уште малку ќе почнат да нè облекуваат во униформи. Како оние сиромашки аптекарки од скопските аптеки, што ги облекоа како гејши во црвени сатенски кимона. За да му се бендисаат на премиерот кога ќе оди да си купи “лексилиум” кога ќе го изнервираат Бранко, Змејко и Борис Стојменов.
    Ние нема да го нервираме. Ако треба, сите нека нè облечат во униформи. Исто зборуваме, исто мислиме, па исто нека изгледаме.
    Имаше една група со име “Диво”, во која сите беа облечени исто. Носеа дречливи жолти комбинезони, големи жолти очила и црвени саксии на главата. Албумот им се викаше “Слобода на избор”.
    Е така нека нè облечат и нас. По слобода на избор ќе носиме црвени униформи, жолти очила и црвени саксии на главата. Саксиите се задолжителен дел од униформата. За да не нè боли кога ќе нè маваат по глава.

    6. Што ќе се случи ако породилките немаат пари за болничкиот третман. Тие ќе избегаат, а децата ќе им ги задржат. Како кауција. Ако сакаат да си ги земат, нека се јават во Фондот за здравство за да платат. Директорот Војо Михајловски ги собира парите.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира