ТУРНАТИ ГАЌИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:152:"Ниенемамепотребадасепомирувамемеѓусебе.Требадасисепомиримесосудбината.

    1 Ние Македонците, патриоти како што не дал Господ и чеда на Александар, ќе им дадеме на Грците 270 милиони евра за да ни изградат 28 километри автопат кон Гевгелија. Тие нам вето за НАТО, ембарга, блокади кон ЕУ, скршени регистарски таблички, ние ним оп 270 милиони евра. Што да се прави кога се мора. Така рекле од Европската банка, Грците биле најдобри на тендерот, ние играме по меѓународни правила… Демек, така ни било пишано. Од судбината не се бега.
    Дваесет и една година, откако станавме независна држава, глава не ни дадоа да дигнеме, брутално се изживуваат врз нас, ни го начукуваат до балчак секаде и секогаш каде што има прилика, прават сe за да не снема, а ние моравме баш ним да им дадеме 270 милиони евра. Додуша имаме добро оправдание. ЕУ од нас тоа го бара. А може и НАТО. Затоа што они се внатре, а ние не сме.
    Па имаат ли Грците поголеми пријатели од нас? Во оваа криза што ги снајде, толку верна љубов никој не им покажал. Па ние повеќе им помагаме отколку што тие самите се спремни да си помогнат. Малку е што стотици милиони евра им оставивме на одмор и на шопинг. Сега ќе им платиме да ни направат троа пат за да можеме побрзо да стигнеме на плажа. За што побргу да им ги однесеме и парите од дома. Не само тие што ни ги собрала државата од даноци.
    А тие, какви се, утре ќе ни речат: “Да не бевме ние, ни пат немаше да имате”. Ние ќе мислиме дека тоа е вистина и ќе им бидеме вечно благодарни.
    2 Се извинувам за дезинформацијата од минатата сабота. Кога пишував каков тек ќе има приказната ВМРО-ДПМНЕ ДУИ, го споменав средното училиште “Нико Нестор” во Струга во кое секој почеток на школска година и пред секои избори има меѓуетнички тепачки и после и Албанците и Македонците бараат да се учи во посебни смени.
    Е не било “Нико Нестор”. Туку “Рајко Жинзифов”, “Цветан Димов”, “Јане Сандански” и “Никола Вапцаров”. И не била Струга. Туку скопски Чаир каде што ДУИ ги смени таблите на училиштата во “Исмаил Ќемали”, “Хасан Приштина”, “Јашар Бег” и “Имри Елези”. Министерството за образование вели дека таблите на училиштата се сменети незаконски, а Инспекторатот за локална самоуправа се закани дека ќе мора да интервенира и полицијата да ги врати старите табли.
    Е тоа ќе правиме. Едните ќе ги ставаат, другите ќе ги вадат таблите. Па потоа првите ќе ги вратат старите табли, а другите ќе ги вадат. И така додека не се истепаме. Па ќе се смириме и по неколку години ќе викаме “Камо да беше само до таблите”. И таблите ќе ни станат добри. Како сега што ни се добри и двојазичните патокази и слушалките во Собранието за кои се распукавме во 2001 година.
    Во меѓувреме, патриотите и чуварите на достоинството и образот и кај Македонците и кај Албанците ќе имаат уште една причина за избори. А ние одново и одново ќе се помируваме.
    Ние немаме потреба да се помируваме меѓу себе. Треба да си се помириме со судбината.
    3 Откако на вчерашната насловна на ВЕСТ побаравме од српскиот рокер Бора Чорба пред да пее за државни пари во Скопје да се извини што вика дека Македонците се Срби со говорна маана и дека Македонија е Вардарска Бановина, на Фејсбук имаше многу реакции. Меѓу нив и едно филозофско рационализирање: Подобро четник отколку учка.
    Ужас! Подобро за кого!? За Македончето, чиј прв избор е да се помири со судбината. Змија или магаре. Не може ни змија, ни магаре. Туку мора секогаш изборот да ти биде змија да те апне, или магаре да ти го бапне. И од многу филозофирање на крај и змија ќе те апне и магаре ќе ти го бапне. И ќе го апнеш ако мора. Оти така било пишано.
    4 Прво на Тодор Александров, кој бил нарачател на убиството на Ѓорче Петров му дигнаа споменик во скопската населба Кисела Вода и му дадоа еден мост. Потоа со денови на МТВ ни држеа историски час за неговиот лик и дело. Веројатно да му најдеме оправдание зошто го отепал Ѓорче. И вчера на денот кога и него го отепале одржаа не една, не две, туку три панихиди.
    На едната панихида имало луѓе од ВМРОНП на Љубчо. Па црквата не пратила поп. Оти Љубчо бил против Македонија. За разлика од Тодор Александров. Кој бил против Македонците.
    5 Цел живот мислев дека поговорката Наведната глава сабја не ја сече е турска што ние сме ја прифатиле оти ни легнала на табиетот. Ама ќе да е дека Турците нас не цитирале.
    Грците сакаат да не нема, ние им плаќаме. Српски квази ѕвезди викаат дека не нема. И на нив им плаќаме. Струјата и парното поскапеа, сите кукаат, а никој не излегува на протест. Живееме во ѓубре, а се навредуваме ако тоа го видиме на филм. Тоалетите во школите (со и без табли) ни се извор на зараза, а се лутиме кога странските амбасади ни ги реновираат. Не ни пречи што со непланска градба се уништува Охридското Езеро ама ни пречи ако за гомната во езерото се пишува во весниците…
    Што кажува тоа за нас како заедница? Дека, на овој или оној начин сме корумпирани. И дека од пуста мрза не се ни обидуваме да си ги кренеме гаќите. Ако веќе сме избрале да седиме натртени.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира