1. Советот за радиодифузија му забрани на Игор Џамбазов да ја води програмата за игри на среќа, за да не му расте политичката популарност откако се кандидира за пратеник.
На Љубчо се уште не му е забрането да се појавува во јавност. Веројатно не се плашат дека ќе му се покачи популарноста. Се очекува наскоро да се донесе забрана и за емитување на спотовите на Трифун Костовски, особено онаа за тетовираното срце. И на Војо Стојановски и на Есма ќе им се забрани да пеат, а на Пеце Наумовски да игра кошарка.
Отсега па натаму Бингото ќе го води Љубчо Георгиевски. И кога ќе биде извлечено некое бројче, Љубчо ќе се огласи: “35, нели!?” Или – “Едноставно – 56!”. Или, “Реков и пак ќе речам, Бинго во ова коло не паѓа!”. “Па видете”, ќе каже Љубчо, “бингото ќе падне на следните избори во Република Македонија”.
Ливчињата за бинго ќе ги испраќа Тито Петковски. Веројатно уште чува од оние бугарските летоци, од првите избори. А хостеси ќе бидат Ганка и Илинка. Тие ќе вртат телефони. И ќе мешаат.
Лесно му беше на Игор. Тој си ја имаше Натали и и викаше “Дај му на човекот”. Замислете сега Љубчо да викне “Ганка, дај му на човекот”., А од другата страна на линијата се јавува Бранко и вика “Гледам супер Бинго”.
2. Македонија е земја на неограничени можности. Фазли Велиу, кого лани го знаевме како политички претставник на ОНА од Женева и еден од листата на терористите, сега е на листата на кандидати за пратеници. Ама, тоа не е ништо чудно. Чудно е што Велиу не може да си се гласа. Треба ние да го изгласаме. Тој, едноставно, не е на списокот на избирачи.
Значи, вујкото на Али Ахмети е во ситуација на исклучен телефон. Не може да бира, ама може да го избираат. Со таа разлика, што пораката од неговиот телефон не е: Претплатникот не е достапен. Туку – “Престапникот не е доплатен”.
3. Лесно им е на СДСМ-овците. Тие си имаат вештачки срца.
Тешко му е на Стојменов. Оти, на неговата девојка и откажало срцето. Сега д-р примариус Борис Стојменов мора да ја спаси. Таа мора да е мртва болна штом се пали на неговиот лик.
Стојменов не е специјалист само за срце. Гледајќи го спотот на неговата партија сфаќаме дека тој е и гастроентеролог. Оти, порачува дека овие досегашните ќе добијат тврди столици. Затвор. Или, запек. Или – капс, ако сакате.
Богами, ако се заседнеш пред телевизор може и навистина да добиеш запек. Среќа што меѓу спотовите одат говори на платени политички програми. Кога ќе ги слушнеш, тие делуваат како средство за протерување.
4. Ги гледам билбордите на ВМРО-ДПМНЕ и некако им ја сфаќам логиката. Ама, никако да се изначудам што бара лавчето на патиките “старки”. Навистина Љубчо купи се што му се бендиса, ама белким не се намерачил и на фирмата “Конверс”. Освен ако патиките не му се за бегање. Спринт.
5. Бранко збори за чесни луѓе, Павле збори за чесни луѓе, Ѕинго збори за чесни луѓе… Дури и Али Ахмети збори за чесни луѓе. Само Љубчо не споменува чесни луѓе.
Парадоксот на Македонија е што сите партии за овие избори нудат чесни, а државата ни е корумпирана. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ во ниедна реченица не ги споменува чесните е многу чесен пристап. Љубчо си ја почитува меѓународната заедница. Тој е кооперативен. Ако тие велат дека тој е корумпиран, зошто тој би ги убедувал дека е чесен.
6. И СДСМ си има концепт во рекламирањето. Прво одеа со “Македонија во срцето”. Сега одат со слоганот “Еден е животот”. Да погодуваме што ќе биде трето.
Прво им беше важна Македонија. Сега им е важен животот. Логиката вели дека штом веќе се со разум, како што кампањата се ближи кон крајот се повеќе стануваат практичари. Третиот слоган ќе биде: “Важни се парите”. Затоа е важен и 15 септември.