Ујдисана банда

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:44:"Одштоболест,одтоалек

    1. Според Уставот, вонредна состојба може да се прогласи и во случај на елементарна катастрофа. Борис во Америка, Андов – Врховен командант. Љубчо и премиер – и министер за одбрана.  Доста – министер за внатрешни работи. Вистинска тројка за вонредна состојба. Поголема катастрофа ќе биде уште ако Џафери стане началник на Генералштабот.
    Сега Љубчо ги обелоденува сите работи што ги знаел за тероризмот. Уште од времето кога беше опозиција и кога не им веруваше на приказните со кои потоа и нас нè лажеше за релаксираните меѓуетнички односи. Баш ми е гајле што мислел Љубчо кога бил млад и зелен, кога видовме што направи со Џафери откако порасна. Па сега уште ќе ни ја организира и одбраната. Прв Љубчо јава во колоната… Храбриот војвода што никаде не се појавува без најмалку десет телохранители околу него.
    Тоа народски се вели: Од што болест, од тоа лек. Прво ни ги донесе терористите, а сега ќе нè брани од нив.

    2. Претседателот Трајковски му носел фотоалбуми на Џорџ Буш, за да му ги документира злосторствата и ѕверствата на терористите. Само, како ги заборави фотоалбумите од изборите на кои со сила го направија претседател. Можеби некое лице од тоа време ќе се препознае со некој сегашен терорист од планините.
    Ужасното убиство на осумтемина војници и полицајци на Шара, Трајковски го припиша на демонски сили. Убијците се ѓаволи. Додека црнокошулашите во западна Македонија ги кршеа гласачките кутии и ги полнеа со ливчиња за “претседателот на сите граѓани”, тие беа ангели. Сега, кога му ги убиваат војниците на Врховниот командант, ангелите станаа демони.

    3. Помина еден месец од минатата офанзива на тетовското Кале и големата победа што ја прогласи премиерот, скриен на безбедно, зад хангарите во тетовската касарна. Љубе Бошкоски шеташе со стап, ловеше бајат леб и санитетски завои по селата. Тоа беше доказ дека државата ја држи територијата под контрола.
    И што направија? Загинаа уште десет млади момчиња. Не дај боже, додека да излезе и ова од печат, може да бидат и повеќе. Скраја да е.
    Само два дена пред убиството на двајцата војници кај Ваксинце, министерката за внатрешни работи изјавуваше дека МВР има индиции дека се очекува терористички напад и во липковскиот крај над Куманово. Нè смири со изјавата дека и во иднина може да очекуваме вакви терористички напади.
    Фала што ни кажа. Сега ни е полесно. Знаеме дека ќе гинат уште луѓе.
    А вие што ќе правите? Пак ќе нè лажете дека имате контрола на теренот!? Љубе Бошкоски ќе открие уште некое ќебе?

    4. Среде војна останавме без министер за одбрана. Не може Љубен како Љубчо. Ем да водиш војска ем да броиш пари. А не се малку. Не се добројуваат лесно.  Три милиони марки.
    Љубен за жалење. Не биле 13 милиони, само три биле. А од кај знае пак тој, како што е наивен, дали дедото не му скрил 10 милиони. И си остана Љубен сиромашен.

    5. Оној Имери бил многу инспиративен тип. Силината на соопштенијата на партијата зависела од инспиративноста на пишувачите. Ако некој денеска има инспирација, ќе отепа 8 војници. Ако не му оди – двајца. Па после друг ќе добие инспирација да пали дуќани. Ако не е инспириран, ќе се сврти на киосци.
    Нашиот живот зависи од нивната инспирација.

    6. Како што Доста пред два дена велеше дека има индиции за нови терористички напади, и ние пред две години, кога видовме за што промени сме гласале, имавме индиции дека власта ќе ја растури државата.
    Зборуваат дека терористите во Кумановско држеле илјадници цивили како заложници. А колкумина држат Љубчо и Џафери? Два милиона заложници на ујдисана банда. И од “нашите” и од “нивните”. Никој да не се налути.
    Во Македонија горат иконите на соживотот, како што беше една слаткарница на почетокот на Широк сокак во Битола, во која уште како дете ги јадев најубавите еклери, или ресторанот на битолчанецот Ајчо кој го негуваше она малку традиционално градско што остана од градот на конзулите или, пак, семкарниците во Драчево, како најсилна логистичка поддршка на терористите. Грицкаш семки и плукаш на државата.
    За тоа време Џафери бесрамно раскажува за кристални ноќи, две недели откако неговиот Тачи се фалеше дека може да ја рециклира кризата, и тоа го докажа. Другар му Љубчо, пак, сега се сетил дека израсна како голем Македонец и патриот, откако само една недела пред тоа размислуваше за амнестија на терористите кои, демек, биле со сила мобилизирани.
    Имаат ли храброст да се појават пред мајките на загинатите војници? Имаат ли образ да им се извинат на нивните сограѓани на кои им гореа куќите и дуќаните. Ни едните ни другите не се виновни што живеат заедно.
    Мислите ли дека на тие очајни луѓе веќе им е гајле за манекенските собири кај беспомошниот шеф на држава, кој се занесува дека прави некакви самити и збира совети за безбедност. Дека за нив има смисла широката или голема коалиција, седенките на Бранко и Љубчо, циркусијадите на Страшо – МААК и писмата на интелектуалците. Или дека животот ќе им се смени кон подобро, со таа пуста преамбула, а без децата и имотот.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира