УМЕТНИЧКИ МАНИФЕСТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:100:"Когаекиријавопрашањеиантифашизмотјагубицената.

    1 Штом глумците, музичарите, балерините и играорците излегоа да протестираат затоа што опозицијата го блокира донесувањето на буџетот, навистина сум убеден дека сето ова што ни се случува е театар. Една голема комедија на апсурдот. Власта вади народ на улица за да се бори против опозицијата во Собрание. Посмешна претстава не сум гледал. Ама бидејќи не можевме да сфатиме што се случува со спонтаните протести на стечајците, земјоделците, пензионерите и на спортистите, се појавија професионалци за да ни ја одиграат претставата. Со уметнички манифест, во име на власта, соопштија дека ако не се донесе буџетот до 31 декември, тие се спремни на колена да клекнат и да плачат пред седиштето на СДСМ. Комедијата станува трагедија. Всушност, веќе не знам ова во кој жанр да го сместам. Вистинска постмодерна кармакаша од рефлексија на реалноста.
    Кај и да е, против опозицијата утре ќе излезат да протестираат и затворениците. Ќе ги пуштат на неколку дена да дефилираат за поддршка на буџетот, оти ако не се донесе, ќе снема храна во затворите. Ништо чудно и брат Љубе да го чита затворскиот манифест. И онака веќе стопати на сите им се извини. Дури Центарот за комуникации ќе направи список и на проститутките околу МТВ. И тие ќе протестираат, оти ако клиентите немаат пари за плата, и тие ќе нема кому да даваат услуги. А тие проститутки што ќе одбијат да протестираат, Илија Димовски ќе се потруди да ги спружи на насловна страница. Е дури тогаш им се еба работата.
    На 31 декември ќе излезат сите министри од Владата да протестираат пред седиштето на СДСМ. Лично премиерот Груевски ќе го чита манифестот. Оти при мнозинство во Собранието и при апсолутна власт во рака, опозицијата е крива што нема пари во буџетот.
    Идеално би било да нема опозиција. Нема опозиција, нема амандмани. Нема амандмани, нема проблеми. Нема проблеми, нема ни уметнички манифест.
    2 Груевски глуми театар и анимира сe што мрда да излезе на улица, оти се зафркава. Тој многу добро знае дека СДСМ нема проблем со буџетот. СДСМ има проблем со Бранко.
    Ај што го избрка Бузлевски од партија, некако и да разбереш. Човекот ќе настапи како независен кандидат на локалните избори. Ама зошто го избрка Бучко? За објавени две колумни. Или само за една? Таа во која побара претседателот на СДСМ да се избира на непосредни партиски избори. Бучковски проба да докаже дека има демократија во СДСМ. Бранко му докажа дека греши.
    3 Какво тажно време дојде. Борците од НОБ се правдаат дека не се против Македонија туку се за подобра Македонија. Божем има потреба тие што ја создадоа македонската држава некому да се правдаат. Ги истераа од канцеларија некои нови борци што направиле здружение во 1997 година, 52 години по ослободувањето.
    Сe уште се живи сведоците на бугарската фашистичка окупација кои раскажуваат дека во училиште ги терале да се запишуваат во организацијата на бугарската фашистичка младина “Браник”. Тие што не сакале, добивале шлаканици пред секој час. Фала Богу, не им текна на овие нови квазиконзервативни болшевици на протестот на борците да направат контрапротест. Да ги повикаат “браниците” да излезат на улица .
    Е затоа 2.300 години Македонците не успеале да направат своја држава. Затоа што единствените што ја направија државата, ги фрлија на улица и ги понижија. Да не беа партизаните антифашисти, кои во Втората светска војна застанаа на вистинската страна и учествуваа во одбрана на светот од фашистичкото зло, ќе викавме сега: “Сичко хубаво”. Или “Све је у реду”.
    И зошто ги избркаа? За имот во центарот на градот. За атрактивни деловни простории. Најдоа уште една дупка што можат да ја лапнат.
    Кога е кирија во прашање и антифашизмот ја губи цената.
    4 Министерот за здравство Никола Тодоров ги почна преговорите со штрајкувачите. По првата сесија изјави дека треба да се најде решение во кое нема да има поразени и победници.
    Каде се пациентите во оваа приказна? Се изгубија во битката на суети. Секоја битка има своја колатерална штета. Значи борба за суети било. Пациентите не ги спомена.
    5 Додека во Собранието ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се дрпаа за микрофоните и кршеа ноктиња за буџетот, портпаролот на ДУИ Бујар Османи држеше пресконференција за најновиот извештај на Европската унија за перспективите на Македонија.
    По годишното обраќање на претседателот Иванов, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ побрзаа пак да се искараат со свои толкувања. Едни викаа дека е државнички, а другите дека е поданички кон Груевски. Само ДУИ немаше што да каже. Ѓоле не им е во агендата.
    Секој со својата агенда.
    6 Синот на индискиот магнат Субрата Рој го презентираше проектот со кој од Љубаништа на Охридското Езеро ќе направи монденски центар. Раскажуваше за марини, за хотели, за базени и за голф терени. И на крај го откри најинтересниот детал од проектот. А тоа е последната дупка на голф теренот. Таа ќе била сместена во езерото.
    Е се претера со остварувањата. И во водата дупка ќе направиме.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира