1 Ако нешто те боли, не оди во болница. Оди во некоја телевизија. И пожали се каде те боли. Штом твојата приказна ќе излезе на телевизија веднаш во болница ќе те третираат како човек. Инаку, никој нема да те погледне.
Секој ден вестите на телевизиите почнуваат со потресни приказни од животот за македонското здравство. Затоа, предлагам во редакциите да се отворат ургентни центри. Новинарските ургентни центри ќе свикаат конзилиум, ќе оценат кој за која клиника е, и со камерата ќе одат да бараат лекар кој ќе го прими болниот. Па така, освен книшка и син картон, отсега на државен лекар одете и со камера. Оти, ви нема спас.
И после ни велат дека ние новинарите сме биле полудени. Нормално дека сме полудени. Малку ни е што се занимаваме со пациентите од Владата и од Парламентот. Сега треба да ги третираме и вистинските пациенти. При цела мрдната држава, кај може ние да останеме со сите?
2 Премиерот изгледа не е тука, оти не се појавил со лопата уште од понеделникот, па по телевизиите има некои неважни работи. Како што се, на пример, приказните за сопственоста на земјиште кое одеднаш не е твое. Сме направиле десетина приказни за случаи кога имотот што го имаш одеднаш станал државно земјиште и преку ноќ државата му го продала на комшијата. Само што овој пат приказната беше подраматична оти настрада една жена што го нарушувала јавниот ред и мир.
Во која земја премиерот очекува инвеститори? Во Македонија Вечна во која не можеш да си сигурен дека тоа што е твое е навистина твое? Каков капитализам гради конзервативната влада во земја во која не ти е гарантирана приватната сопственост? Кои ли инвеститори ги очекува премиерот во земја во која не можеш да си правно сигурен? Каква сигурност им гарантира на инвеститорите ако Катастарот и судовите и по толку успешни реформи според европските стандарди с уште работат по принципот: “Имаш, имаш, имаш, па немаш”? Па кога ќе се побуниш уште и ќе те срамат, ќе те апсат пред камери за нарушување на редот и мирот, па и случајно ќе те акнат од земја.
3 Навистина е убаво да се живее во Македонија. Само да нема некои мали недостатоци. Како на пример:
Да не ти затреба да одиш на лекар.
Да не треба да вадиш пасош и лична карта истата година кога ќе посакаш.
Да немаш работа со Катастарот.
И да не треба да бараш правдина на суд.
Другото с е идеално. Природата е прекрасна. Имаме вредно археолошко богатство и стари и нови културни споменици. Луѓето се како и секаде. Има и добри има и лоши. Па и времето е убаво.
Само уште да се решат тие ситниците што ги споменав, ќе бидеме рајска градина.
Ама нема време да се решат. Оти сите ние на чело со политичарите се занимаваме со големи проекти – датум за влез во ЕУ и решавање на спорот со името.
4 Арно ама и големите проекти за влез во ЕУ и решавање на спорот со името паѓаат на локално ниво.
Селаните од село Фалише, Тетовско, шест години се мачат со двојнотото именување на нивното село во официјалната комуникација. Некаде е заведено како Фалиш, а некаде како Фалише.
Во 2004 година компјутерот згрешил и полицијата името Фалише го сменила во Фалиш. Сите изводи, лични карти, пасоши и други документи МВР ги издава со името Фалиш. Жителите шест години се обидуваат да си го повратат уставното име, ама без успех. И на крај пратиле барање до премиерот Груевски.
Арно ама во одговорот што го добиле од канцеларијата на премиерот место решение добиле трето име. На ковертот од писмото на адресата селото било напишано како Фалиште.
Селаните барајќи го уставното име, жалејќи се на двојното име, добија и трето име. Покрај своето Фалише, полициското Фалиш, добија и владино име Фалиште. Не двојна, тројна формула. “Ерга омнес”.
И сега државата што вака успешно го реши проблемот со името на Фалише, треба да го реши проблемот со името на Македонија. Се чека само уште предлогот од Нимиц.
5 Што му се лутите на министерот за образование Никола Тодоров за учебникот по општество за петто одделение? Детето е мало и нормално е негови идоли да бидат Тони Михајловски и Нора Шаќири.
Туку каде се тие што го одобрија тој учебник и што го пуштија во печат? Проблемот е што министерот не им е дораснат ни да ги казни, ни да ги смени.
6Во Македонија глобализацијата не ти дозволува да бидеш ни патриот. Сите што од патриотски причини не купуваат во “Веро” не можат да бидат сигурни дека нивните пари сепак нема да завршат во Грција.
На конкурсот на “Вест” “Послушајте патриоти” ни стигна фотографија од газдата на “Тинекс” и градоначалник на Центар Владимир Тодоровиќ како летува во Платамона.
Така што, и да купувате патриотски во “Тинекс”, парите секако одат во Грција.