1. Готово е. Љубчо влезе во филм. Тој ќе биде народниот херој што ќе ги истепа Албанците на Балканот. Само уште оној Бранко да не му прави проблеми. Ова 2001, или 1991 година е? Што имавме ние минатата година? Релаксирани односи, или братство – единство?
Е, Бранко, Бранко… Што ти се чинеше кога се мажеше. Ем ВМРО-вчиња, ем мангупчиња. Љубчо ја направи војната, сега ти си виновен што не може да ја сопреш. Е, па така е со купена карта за “Титаник”. Или, како што поетски се изразува брат Љубе – заложничкиот брод што тоне. Ние, наивни, мислевме дека тој зборува за заложниците по окупираните села, а тој ти мислел на Македонија. Има ли некаде на светот поголем број заложници од двата милиона на Љубчо и Џафери.
Како сега Љубчо ќе дигне оружје на неговиот чесен и принципиелен другар Џафери? Зар толку немаме шанси ни за следни избори? Кој ќе му ги полни гласачките кутии, ако оние од ОНА не слезат од планините и не се стават како селски стражи пред избирачките места? Белки не мисли и Борис Трајковски да се откаже од втор мандат. Тие што масовно гласаа за демократскиот претседател на сите граѓани ќе мора пак да се вратат на тепачките активности во западна Македонија. Немојте сега да ги лутите со војна. Или со некакви изјави во кои се оспорува невалидноста на призренскиот документ. Пред две години, Борче не знаеше што значат невалидни претседателски избори. Ама Фрчко чуда прави. Претседателот го збогати речникот. Сега знае што значи зборот валидно.
2. Значи, Љубчо сака да тепа, ама Бранко не му дава. Видовме како се тепаше изминатите две години. Со повлечените полициски станици од сите села каде што му пречеше на Џафери. Со изјавите дека ако им се верува на новинарите, човек ќе помисли дека на Танушевци се води војна. А и кога почна војната, видовме како три месеци освојува десет села, а и ден денес не може да стапне во нив. Завчера падна и дваесет и првата жртва. Ако документот е невалиден, жртвите се валидни.
Љубчо ја направи војната. Љубчо лошо ја водеше војната. Љубчо ја изгуби војната. И за тоа сите се виновни, освен него. По Солана, Фровик, Ајф, КФОР и НАТО, најновиот виновник му е Црвенковски. Чудно, како уште за виновник не го прогласил и Џафери. Изгледа дека многу го има задолжено. Дебело.
3. Мали огласи
Менувам двајца чесни Албанци, за пет просечни Македонци. Шифра: МАНУ
Менувам нива во Полог, за камењар во Пустец. Шифра: Академик
Менувам Преспански јаболка за тетовски грав. Ми треба позитивна енергија: Шифра: Али Ахмети
Менувам добра идеја во Скопје, за удобна фотелја во Пешкопеја. Шифра: Андов
4. Кога ќе се спојат седмата сила и АРМ, стануваме суперсила. Тоа на дело го покажа колешката од Канал 5 која, правејќи репортажа во Кумановско, припука со топот на невидено, а војниците ѝ аплаудираа.
Ова е класична демократизација на војската. АРМ се отвора кон медиумите. Им дава на новинарите да пукаат. Па сега нека му ја мислат политичарите кога ќе држат прес-конференции или ќе даваат изјави. Наместо со микрофони, новинарите може да се појават со топови. Па уште и ако припукаат, цел народ ќе им аплаудира.
5. Премиерот на Бугарија Иван Костов ја прекина изборната кампања во неговата земја, за да дојде во Скопје, во божемна миротворна мисија.
Си рекол: Цел живот си ја гледаме Македонија како своја. Зар сега Албанците да ни ја земат.
6. Кога ќе почне враќањето на евакуираните селани во кумановскиот регион, барем една точка од платформата на Ахмети ќе биде лесно да се реализира. Таа е онаа во која се бара реновирање и санација на куќите. Колку канали се ископани по селата, веднаш може да се постави канализација, а богами и парно греење. Инфраструктурата е готова. Рововите одат од куќа в куќа.
Сиромашките селани. Ништо не знаеле. Не гледале што се случува, зашто цело време биле под земја. Копале.
7. Државната фудбалска репрезентација на Македонија има проблеми со голманите. Николовски е повреден. Милошевски се откажа. Останаа само Зекир и Филевски. Што правиме ако и тие се повлечат.
Селекторот Ѓоре Јовановски нека му се обрати на Љубчо да му отстапи кадар. Љубе Бошкоски е добар голман. Го гледате како се фрла по полињата во Кумановско. Плус, има добар рефлекс. Настрана што е одличен и за паради.
8. Со машката ракометна репрезентација во Израел отпатува цел авион. Многумина го искористија евтиниот аранжман да ја видат светата земја. И да се одморат. Да се релаксираат.
Толку ли е очајно во Македонија, па за да заборават на војната го избраа Израел.