1. Во Македонија е мрачно. Нам ноќта ни е најдобар ден. Затоа сите важни работи во државата се изгласуваат ноќе. Не дека законот за амнестија е нешто многу поважен од уставните измени, ама и за двете работи пратениците одлучија во доцните ноќни часови.
За да не ги гледаме ние малите патриоти како ќе гласаат големите патриоти, ги исклучија и телевизиските камери. Тоа им требаша за да биде целосен мрак. Скраја било, не дека пратениците ни се како вампири, па околу полноќ стануваат најпродуктивни. Едноставно, ноќе се пополезни. Нели премиерот Љубчо и министерот Љубе завчера попладне им објасниле на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека треба да бидат конструктивни. И тие веднаш заборавија што се кажаа за законот за амнестија и ноќта го изгласаа законот. Станаа конструктивни. За разлика од денот, кога по логиката на нештата веројатно биле деструктивни.
2. Странците ги откриваат убавините на Македонија. Овие од УНХЦР сликаат убави пејзажи. Од полето до планината. Па се до границата со Косово и позициите на армијата. Што убави бачила сме имале тука, а не сме знаеле. Штета што се разурнати, па организацијата на ОН за бегалци мора да оди на увид и да ги фотографира. Малку им се раселени лица, разурнати домови и споменици на културата, баш до бачилото им дојде. Оти биле повикани од локалното население.
Кога беше косовската криза една загрижена УНХЦР-ка се жалеше дека во Стенковец немало тениски терени. Овие што беа кај Рашче, да не биле на увид како да направат базени?
3. Живееме во серијата “Отпишаните”. Тихи и Прле во нова епизода. Љубе брка муџахедини, а Чашуле околчува граници. Сето тоа се случува во координирана акција со Америка. Оти, како што рече братот, само ние и САД се бориме против тероризмот.
Другите не сакаат да ни помогнат. Карла дел Понте од Хаг дури ни испрати и диви копачи на гробници. Па кога тие ќе се појават, се развиваат 20 различни верзии на настанот. Пратеникот Анушев избуземно изјавува дека над Љуботен некој копа. Веднаш тргнуваат полициски екипи да го обезбедат теренот. По нив трчаат новинарски екипи. НАТО е веќе таму. А ОБСЕ ден подоцна оди да испитаат зошто се дигнала фрка. МВР заседава цел ден и никој не излегува со изјава.
Сега, по изгласувањето на законот за амнестија којзнае уште колку филмови ќе се снимаат и меѓу “борците за човекови права”. И тие се во филм. Ние го немаме Валтер да го брани Сараево. Ама, може да се сними филм “Леши го брани Шипковица”.
Нашиот најголем хендикеп е што мораме да живееме во филмот на Љубчо и Џафери. Ако одиш на кино и ако филмот не ти се допаѓа, ќе си станеш и ќе си излезеш. Ама, од овој филм не се бега. И што е уште пострашно – нема крај.
4. Бранко доби конкуренција. И Али Ахмети направи влада во сенка. Така што сега под сенката нема место за двајцата. Ахмети му ја фати ладовината. Црвенковски ќе мора да излезе на сонце.
Бранко, еве ти уште една можност да излезеш на чистина и конечно да понудиш нешто ново. Ако не ја искористиш и оваа шанса, ич не барај место под сонцето.
5. Доживотниот претседател на синдикатите Живко Толевски се исплаши некој да не го смени, па се обиде кандидатот од синдикатот од “Југохром” да го елиминира со образложение дека “Југохром” не плаќал синдикална членарина.
Сироти југохромци. Ај што ги зезаат Фетаи, Крстевски и Груевски, сега уште и синдикалецот Живко Толевски им бара пари. Тие плата не примиле со месеци, блокираат патишта и протестираат пред Влада зошто немаат што да јадат, а Толевски принципиелно си ја бара членарината.
Му требаат пари на човекот. Зарем заборавивте колку девизи му останаа заробени во ТАТ?
6. Премиерот Љубчо и премиерката Снежана ќе бидат кумови на вевчанската четворка. Тие се како Тито и Јованка во наша варијанта. Тито секогаш беше кум кога во семејството ќе се родеше десетто дете.
Баш сум љубопитен дали кумот в година на вевчанските деца ќе им испрати и мандарини од вилата на Водно.
7. Љубчо Георгиевски прифатил да му даде предвремени избори на Бранко. Наместо во седум, гласачките места ќе се отворат во шест часот.