ВЕСЕЛА МАТЕМАТИКА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:32:"Декасемприхајал

    1. На Гошев никако да му се погоди. Веќе 12 години никако некој да му создаде идеални услови за работа. ВМРО – вците многу трошеле, ММФ многу ги притискале, луѓето многу се переле, па не им чинеле скапите детергенти, пензионерите не умираат, туку запнале да купуваат скапи лекови, новинарите не го фалат, туку анкетираат разочарани граѓани… Никој не го разбира. Дури ни објаснувањата дека со промената на ДДВ-то поскапувањата ќе бидат само 0,5 отсто не му ги фермаат. Тоа што требаше да поевтини за 1 отсто не поевтини, оти нема толку ситна пара. А тоа што требаше да поскапи за 13 отсто, поскапе за 20 отсто, оти така полесно се заокружуваат цените.
    Математиката на Гошев е како во вицот со жените што постојано ги удираат колите кога паркираат. Зошто? Затоа што мажите ги лажат дека 20 сантиметри се помалку отколку што се. Така и 20-те отсто за Гошев си останаа само 0,5 отсто.
    2. Сте ги забележале ли рекламните паноа и билборди покрај патиштата низ Македонија? Сте забележале ли дека насекаде се уште ве поздравува ВМРО – ДПМНЕ со “Главата горе”. Ако од август минатата година, до сега ниту една компанија не почувствувала потреба да рекламира свој производ, значи дека ништо не се произведува. Наместо рекламните билборди да не бомбардираат со понуди да трошиме пари, ние ги гледаме црвените патики со лавчиња кои единствено асоцираат дека треба да се бега што подалеку од тука. Наместо да ни привлече внимание некоја атрактивна понуда за попуст или нов производ, или што било, што нема врска со политиката, на влезот во Тетово се уште оддалеку не поздравува Ганка и патетично ни порачува да ја дигнеме главата горе, а во центарот на Скопје на фасадата на едно кафуле кое не го фаќа полицискиот час, гордо чекори Бранко со дружината и ни вели “Заедно”.
    Каде? Во кафеана? Оти само тие добро работеа и барем вработуваа по некој, додека на луѓето од булбордот не им текна да се борат против малолетничката деликвенција.
    Весела е и математиката на Бранко. Со неговиот закон за вработување ќе се вработеле дури 20 илјади луѓе. Идеално би било кога за тие 20 илјади луѓе некој би му нашол и 20 илјади работни места.
    3. Се се врти околу бројката “20”. Сега германските весници се прашуваат што ако албанското население во Македонија, според пописот, брои помалку од 20 отсто. Велат – што ќе се случи ако излезе “погрешен резултат”?
    Нема проблем. Ако се помалку од 20 отсто, ќе најдеме решение за охридскиот модел. Ќе го смениме Рамковниот договор.
    4. Со Хари нема зафрканција. Дури и на Американците им се налути оти во Извештајот на Стејт депарментот пишувало дека полицијата врши селективен пристап кога поднесува кривични пријави. Па амбасадорот Батлер се правдал дека е техничка грешка, дека тоа се однесувало на претходната влада. Некои дури рекоа дека Стејт департментот ќе се извинел.
    Нема смисла. Ние толку да се мачиме како нивни сојузници со уставно име да го освоиме Багдад, а тие забораваат да ги ревидираат ставовите за нивната најсилна алка во коалицијата против Ирак. Џабе ли секој ден седиме пред телевизор и претвораме милји во километри сметајќи уште колку време ни остана до постконфликтиот период кога ќе се покажеме? Џабе ли секој ден гледаме во небо со надеж дека некој американски авион ќе не надлета, кога веќе им дадовме дозвола да го користат нашето небо?
    5. Рака на срце, само гледањето авиони ни остана како забава. Откако во МРТВ се жалат дека немаат пари за програма, ќе се собираме по паркови, ќе гледаме во небо и ќе им мавтаме на Американците.
    Државната телевизија немала пари да ги откупи правата за пренос на натпреварите на фудбалската репрезентација на Македонија. Кога игра Македонија ќе гледаме снимки, а кога игра Албанија на Третиот канал ќе гледаме директен пренос. Затоа што за натпреварите на Албанија не треба да се плати.
    Колку чини националното достоинство претставено преку националната телевизија? Џабе. Колку што чинат преносите што се преземаат од Тирана. Е па ако веќе сме се фрлиле на штедење, зошто утре да не ги гледаме и вестите на ТВ – Тирана. И нив ќе ни ги дадат џабе.
    Раководството на МРТВ штеди. Па сега ќе се укинува и Радио 103. Нема веќе ни Цветници. Скопскиот фестивал ќе мирува една година… Не ни е ни до пеење, ни до играње. Ќе ги гледаме само прес-конференциите на Борјан Јовановски и Сашо Чолаковски. Сите да се претопиме во зачмаената атмосфера. Нема работа, нема кафеани, нема забава, нема пари… Уште навечер по 11 часот да не тераат да ставиме ќебиња на прозорците зашто ако видат дека свети светло, ќе не прогласат за државни непријатели.
    Во оваа држава еднаш веќе мора да се стави ред. Ако треба еве, нема ни да дишеме.
    6. Само Борис не го напушта оптимизмот. “Бомо сработили”, му рече на Дрновшек и си се изнасмеа. А Јанез, како Јанез, “ни на умрен плаче, ни на жив са смее, ни со Борис мајтап игре”. Сигурно си помислил “Кам сем прихајал”, гледајќи го нашиот Боре кој ќе не внесе во Европа, од Вардар преку Триглав.
    Кога Јанез би бил струмичанец, на мајтап би рекол: “Дека сем прихајал”.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира