1. Каде се полицајците што ги тренираше ОБСЕ?
Каде се братучедите на командант Чакала од Арачиново што наскоро ќе го чуваат редот и мирот заедно со полицијата, за доброто на арачиновските бизнисмени?
Каде е оружјето што за време на жетвата на НАТО го предаде разоружаниот Чакала?
Каде е коалициониот партнер Али Ахмети?
2. На годишен одмор сум и таму каде што летувам можам да ја следам сателитската програма на Македонската телевизија. Така и дознав за бомбите што Чакала му ги испорача на Бранко како одговор на неговата остра изјава дека ќе го апси. Гледајќи низ нашиот прозорец кон светот, како што се рекламира сателитската на МТВ се изнагледав едно чудо репризи на емисии, и репризи на репризите. Вчера, гледајќи ги вестите во еден момент си помислив: “А бе овие да не почнале да даваат репризи и на вестите од пред некоја година”.
Се сеќавате како Љубчо даваше изјави по случките во Танушевци дека станува збор за одметнати криминални банди. Се сеќавате и кога се налути па почна да се заканува дека ќе ги апси одметниците од планините. И тогаш ОБСЕ, НАТО, ЕУ и САД и даваа целосна поддршка на македонската држава да излезе на крај со криминалците. Тогашниот коалиционен партнер ДПА дури и се чудеше кои се тие луѓе од планините. И тогаш локалното население се плашеше од локалните криминалци, ама не соработуваше со полицијата. Првите барања на тогашните терористи што станаа борци за човекови права беа за ослободување на нивните компањони.
Командант Чакала веќе доби легитимитет. Со него се занимава цела држава. Ќе се јави на три телевизии и веќе станал јавна личност. Полицијата однапред му се извинува на локалното население дека ќе го вознемирува ако оди да апси криминалци. Амбасадорите на ЕУ, НАТО и САД се состануваат и даваат соопштенија за Чакала. ДУИ го осудува Чакала, ама предупредува дека ако имало неправедни апсења ќе ја напуштеле коалицијата со СДСМ.
Дали и вие мислите дека станува збор за реприза на вестите од пред две години? Ако е така, не е далеку времето кога Чакала од криминалец ќе се претвори во борец за човекови права. Па после во лидер на партија, парламентарец… Можеби и нов коалиционен партнер, ако ДУИ ја напуштат власта. За него најбезбедно место не е затворот во Шутка. Побезбедно ќе му е да се вдоми во Владата. Како проверен миротворец на крај и ќе стане координатор на некое ново владино тело за разоружување. Штета што Бранко веќе ги врати пиштолите. Ја пропушти шансата да го положи оружјето пред Чакала.
3. Одам да гледам нови вести. Чекај, чекај… А бе овие навистина да не ги репризираат. Изјавата на Бранко ми личи како онаа од пред гостиварските настани…
П.С. Почитувани читатели,
Како што веројатно забележавте, оваа сабота “Сакам да кажам” е покуса и поинаква од рубриката што сте научени да ја наоѓате на ова место. Искрено кажано, овој број мислев да паузирам затоа што не сум дома и не ги следам настаните во живо. Ама бомбите беа доволно силни за да ги напишам овие неколку забелешки.
Ќе бев среќен наместо оваа колумна, во овој број да поминам само со репортажата што ќе ја најдете на страниците …..
Рубриката “Сакам да кажам” продолжува вообичаено во идниот саботен број на ВЕСТ.