1 Претседателот на Изборната комисија на студентските избори беше уапсен од полицијата, осомничен дека сакал да убие некого со нож. Со него приведоа уште еден студент, кој во моментот на апсењето имал пиштол. Поради тоа Изборната комисија не можеше да објави кој кандидат за претседател победил. Па затоа едниот се самопрогласи за студентски лидер. Другиот ден претседателот на Изборната комисија беше пуштен, ама наскоро беше киднапиран. На сето тоа му претходеше полнење на кутии, еден студент да гласа за петмина, притисоци со праќање пораки од мобилен, лепење плакати на изборните места и поништување на гласањето на цели факултети. На изборите излегле одвај 20 отсто од студентите.
По успешно завршените избори, новиот претседател изјавува дека пред него “стои предизвикот да направи нешто повеќе за студентското движење”. Повеќе од ова не може да направи.
Кое црно движење? Кои студенти? Што ли ги пали во тоа да се биде студентски лидер? Што е тоа Студентска организација? Од која партија е таа? На колку студенти во Македонија им е гајле кој е претседател на нивната организација? Кој плаќа за нивните трошоци? Како не им е срам воопшто да се кандидираат за лидер на таква организација, а не пак да се тепа за да победи?
Истите овие студентски кандидати за политичари утре ќе ги видиме во некоја политичка партија. Ќе ги гласаме за пратеници. Некој од нив ќе стане министер, а со вакво богато изворно искуство зошто да не стане и премиер. Тие ќе даваат изјави дека “Македонија има демократски капацитет да организира фер и демократски избори”. Само вакви политичари ќе нѐ внесат во Европската унија, оти во НАТО веќе ќе бидеме влезени.
Сѐ додека и последната битанга што лепела плакати на избори не добие некое место од кое може да се офајди, ние нема да ја видиме Европа. Затоа што Европа не гледа преку нив.
2 Полицијата го уапси претседателот на Изборната комисија на денот на гласањето, во моментот кога тој излегуваше од студентски дом. Го барале од порано, ама го нашле на студентски избори оти бил студент. Има логика.
Сега станува јасно зошто полицијата никако не успеваше да ги најде ни командант Лека ни Красниќи. Затоа што не се студенти.
3 Але ги видовте чупињата шо перендии праеја? За срамота, по креветите скокаја и со дифтици се покриваја… Але шо збораш? Не зборам. Дури на вести ги дадоја.
Од кога водењето љубов е скандал? Па макар бил и секс со битолчанки. Двеминутен видеоклип од мобилен телефон со две тинејџерки што воделе љубов во викендичка на Пелистер ги засени сите настани што се случија неделава.
И сега морализирање до сто и едно и назад. Подрачни единици во Министерството за образование ќе повикувале на одговорност, училиштата се потресени, родителите се вџашија… Се прашувале: “Што прават нашите деца?” Е што прават де? Тоа што го правеле и тие на екскурзиите низ Југославија кога играле фота на соблекување. Само што тогаш немаше мобилни телефони.
Не е забрането да се води љубов. Ниту, пак, е забрането да се снимаш. Ама со закон е забрането тие снимки да се дистрибуираат на телевизија, во Интернет кафеа или во други медиуми. Но за дистрибуцијата досега никој не е казнет. И за тоа никој не се згрозил. Се згрозиле оти децата се сакале и биле сексуално активни.
Родителите не се згрозуваат кога на сопствените шестгодишни деца им организираат маалски избори на мис и мистер или ги одобруваат тие избори во детските летувалишта. Од мали ги учат како да манипулираат со телото и со сексуалноста, а после ќе се згрозуваат кога на 16 години децата водат љубов.
Кога родителите плаќаат нивните шестгодишни девојчиња на детски фестивал да пеат “Не ми треба дечко, ми треба другар”, училиштата не се потресени. Ни Министерството за образование не реагира кога момчињата на детските фестивали се претворени во мачо шизици оти “ќе биле сами дома и ќе правеле жур”. Телевизиите тоа не го третираат како скандалозна вест туку пополнуваат програма и вршат директни преноси од сцената каде што девојчињата со црни тантелени чорапи играат и пеат како да треба да се продадат на улица.
Ќе излезе еден приватен видеоклип и ќе се направи хистерија. Исто како со работното време на кафеаните. Кога по полноќ загина тинејџер во тепачка пред кафуле, никој не се праша што барале малолетници по полноќ во кафуле, туку Владата си го реши проблемот. Ги затвори кафулињата. А тинејџерите се ашкаат по улиците и парковите.
Сега што ќе направат? Министерството за образование ќе ги забрани мобилните за тинејџери? Или ќе воведе задолжителни појаси на невиност?
4 Баш фино што се уапсени корумпирани полицајци и цариници. И уште треба да се апсат ако ги има. Ама додека не видиме нивната вина да биде потврдена со судска пресуда, целата парада околу судот во Скопје ќе биде уште еден прилог кон политичкиот маркетинг на Владата на Груевски. И тоа пак платена со наши пари. Во ситни апоени од 5, 10 и 20 евра.
5 Еден читател реагираше на веста дека најдобриот светски диџеј Пол ван Дајк за прв пат ќе дојде во Македонија. Вели: Како прв пат? Само јас лично четири пати сум одел на негова журка во Солун.