1. Лани го имавме прислушкувањето, па ни се случи Танушевци. Годинава ги имаме имотите на Љубчо и Снешка и ја добивме Мала Речица.
Лани беа 20- 30 бандити што прават бељи некаде по планините. И оваа година имаме 20-30 бандити што овој пат се симнаа и во долината. Лани и НАТО и ЕУ ни советуваа сами да си се пресметаме со нив. Годинава амбасадорот Клаус Фолерс се грижеше зошто полицијата не интервенирала во пресметката во Мала Речица. И лани бандитите дојдоа од Косово. И годинава доаѓаат од Косово.
Минатата година ДПА се откажуваше од ОНА. После ОНА се откажуваше од АНА. Сега на крај АНА се откажува од АНА.
Живееме во виртуелна реалност. Ако сопственичката на дворецот на Водно што се вика Соња, не е Соња, тогаш и АНА од Мала Речица, не е АНА.
Албанските интелектуалци пак молчат. Ај што од ОНА не се оградија, било, па поминало, ама можеа да кажат некој збор за АНА. А и на Џафери му требаа три дена да смисли некакво соопштение. Зашто, во оваа држава со самото тоа што си Албанец по дефиниција имаш право да бидеш незадоволен. А кога си незадоволен можеш да се прогласиш за командант. Да земеш пушка и да убиваш. Нека извинат тие што потпишуваа некакви договори, што божем се разоружуваа, менуваа Устав… Ако сум Албанец, брате, и времето ако не ми се погоди денеска, имам право барем со една зоља да се испразнам. Па крстете го тоа и атентат на Али Ахмети, ако сакате. Тука е НАТО да го спаси.
2. Пред 11 години Љубчо на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп вети дека следниот конгрес ќе го држи во Солун.
Солун и натаму не е наш. Ама, Македонија е на Грците. Кај и да се свртиш, грчка фирма се појавува. Па дури и непостоечкиот дворец, со непостоечката сопственичка станал сопственост на некоја кипарска фирма.
Уште пред да ми се закани Љубчо дека ќе ме тужи, јас бев убеден дека дворецот на неговата свеска има патриотска заднина. Кога се ќе стане грчко и конгресот на ВМРО-ДПМНЕ ќе може да се одржи во Солун. Значи дворецот и се што им испооткрија во источна Македонија не било од алчност на премиерската двојка. Тоа било тактика за да се заметнат трагите. До каде е Македонија, а од каде е Грција.
3. На Љубе му тргна борбата против тероризмот. Еве, да речеме го открил атентаторот на Глигоров. Додуше само тој го знае и борбата против тероризмот засега се сведува на борба против Фрчко. Сега сто посто ќе најдат некој Семи Хебиби што го фатиле во некоја европска држава за тепачка, или за дилање дрога и ќе се изгубат документите за екстрадиција по пошта. Ама важно ќе се вика “атентаторот на Киро”.
Љубе, како што се забревтал, по трагите на атентаторот на Киро, ништо чудно некаде пред изборите да го фати и Бин Ладен. Па нели само тој и Американците се вклучени во глобалната борба против тероризмот. Така Љубе ќе стане светски процес.
Што се однесува до мене, поарно Љубе да го фати Бин Ладен, отколку пред изборите да ни открие атомска бомба. Во патриотски занес може да посака лично да ја демонтира.
4. Што функција е тоа да бидеш студентски лидер? Колкава ли власт се добива со тоа? Баш ме интересира од каде добија студентите таква идеја да се тепаат за претседател на студентската организација. Кога вака се тепаат за една бедна студентска функција, што ли ќе прават наесен кога и големите ќе имаат избори? И што кога и тие ќе станат функционери.
А и ние будали им влеговме во филмот. Те бодигарди, те плакати, те платени страници во весници, те наслови од типот “Избран претседателот” и најави дека резултатите ќе бидат познати во вторите вести. Борче падна во сенка.
Ај ти, паметни се тие… Научија дека најпрофитабилна професија во оваа држава е да бидеш политичар. И дека пари можеш да направиш само преку политика и насилство. Партија што има ваква младина, не треба да се грижи за својата иднина.
5. Доста Димовска се промовираше на новата функција со придружба на претседателот Трајковски за време на неговата посета на Турција. Шефот на државата направил одличен избор. Претседател и плавуша на Босфор.
До вчера Борче стоеше мирно пред Доста. А сега таа дочека тој да ја шета по светот. Тоа покажува дека претседателот ја почитува улогата и значењето на сестрата во развојот на неговата личност и кариера. Да не беше Доста, ќе си останеше Борис само со изјавата од Стенковец. Ама, учениците секогаш им се благодарни на учителките.
Наравоучение. Се врти тркалото. Како му рекол Борис на другар му од Струмица што си го нашол во Турција: “Таков е животот. Ти си шофер, а јас станав претседател”.
6. Доказ дека Македонија е библиска земја е приказната дека Исус мора да бил Македонец. Имал 33 години, уште живеел со мајка му, не бил вработен, а се однесувал како Господ.