1. Една “Македонка” шири паника и страв низ просторот на Грција. Откако ревносните грчки цариници пред некој ден успеаја да ја фатат како, наконтена со модни детали, инспирирани од мотивот на Беас Куле во Солун, сака да ја премине границата, преплашените Грци повеќе не ги фаќа сон. Конечно се уверија во експанзионистичката и агресивна политика што ја спроведува “Република Скопје”. По обичај недоверливи во ефикасноста на пограничните органи, стравуваат дека многу “Македонки” се веќе растурени насекаде низ земјата, па имаат уплав некоја да не се најде случајно и во нивните домови.
Во недостиг на очевидци може само да се претпоставува како грчкиот цариник се однесувал кон илегалната “Македонка” од градскиот плоштад во Скопје. Веројатно веднаш штом ја забележал ја подложил на детаљна контрола. Ја разгледувал парче по парче. Па ја вртел, де однапред, де одзади. Па ја местел спротивно на светлоста, да види што се проѕира. Потоа можеби ги викнал и колегите. Па примениле групна контрола. Меѓутоа и покрај возбудата, се воздржале да не ја – скинат. Ќе ја подготват за пат во Брисел, кај другите Европејци, за Самарас да им ја покаже негибната.
Сме имале среќа, па ни остана “Македонката” невина.
2. На Грците сепак им се препорачува, пред да ја изнесат “Македонката” на европска виделина, малку да видат што пишува во нивниот печат. Новинарите како да им се школувале на високата школа на белградските изданија на “Слободанка”, така што под влијание на учителите не можат да ги избегнат нивните омилени термини. Па за Џани де Микелис, кому му излетало два-три пати да каже збор-два за Македонија, со сигурност може да се тврди дека е фашист, ватиканец, Дуче и гроф Чано.
Е сега, може да се замисли, како ќе се однесува “Македонката” што ќе ја доведат Грците во Брисел, како дополнителен аргумент против признавањето на “Скопје”, кога преку маса ќе го здогледа шизикот Џани. И што сé може да се случи, ако Џани ја земе “Македонката” в раце. Од таа спојка на фашистичко-ватикански и коминтерновски елементи ќе се создаде невидена вештачка творба која во главите на македонските националисти и италијански фашисти е замислена само како база од каде што ќе поаѓаат здружените македонско-италијански фаланги во опсада на Солун.
Откако со помош на Џани ќе ја освоиме Грција, од Родос, каде што според традицијата “Македонката” ќе ја замениме со “статер”, ќе удриме директно на Египет. Еднаш засекогаш да ја освоиме Александрија. Да му се оддолжиме на Александар Македонски. За инает на Република Атина.
Во ослободените краишта Џани де Микелис, како автор на книга за италијанските дискотеки, сега ќе може да го прошири својот опус со туристички водич за љубителите на диско-клубовите низ Грција и по островите. Диск-џокеите ќе го поздравуваат со пуштање на хитот: “Дали сум Пиринка, Егејка, Вардарка, Јас сум горда Македонка!”
3. Штосот е во тоа што покрај супертајното оружје, што пред две недели ни го запленија во пристаништето Патрас, Грците пред пет-шест дена во Пиреј открија девет контејнери халуциногена дрога, наменета за првоборците на македонската фаланга. Па сега во освојувачки походи ќе одиме добро вооружени со вирусот “А”. Кога ќе навалиме грипозни на шопинг во Солун, ниту еден трговец нема да може да се воздржи од плачење. Има да се изнашмркаат…
А дрогата што ни ја запленија, великодушно ќе им ја подариме. Нека продолжат да халуцинираат.
4. Претседателот Глигоров не можеше да избере полошо време за патување во Америка. Којзнае како ќе го примат кога ќе дознаат дека на Матка сме отруле осум белоглави орли. А орелот е симбол на САД. Па според некои толкувања може да излезе дека агресивната македонска држава на тој начин, скришно, ги покажува своите намери, кога ќе заврши работа со Грција да удри и на Америка.
Сé ми се чини дека и тука Грците замешале свои прсти. Тие ни ги отруле орлите, за да може Самарас поубедливо да нé кодоши кај Бејкер. Демек, не само што им го крадеме името, туку сме толку безобразни, па им ги труеме пријателските односи.
5. Им ги труеме и односите со Бугарија, која за инает на грчките пријатели од Белград нé призна како независна држава. Па во дрскоста отиде дури и дотаму што една улица во Софија ја прекрсти со име “Македонија”.
Радио Белград завчера вечер реагираше на софиските прекрстувања на улиците. Со највата “Дипломатија на бугарски начин”, јави дека некои улици ги добиле имињата “Љубљанска”, “Загрепска”, “Пиротска” и “Попова Шапка”. Па потоа искоментира: “Ај “Љубљанска” и “Загрепска” – добро, ама од каде правото Бугарите за своите имиња да употребуваат српски топоними?”
Од кога пак Попова Шапка е српски топоним? Не е, ама може да биде во скратената федерација што дарежливо ни ја нудат Мицотакис и Милошевиќ.
Ви велам јас, за сé е виновна Грција. Особено, ако се размислува на грчки начин.