1 На 9 мај, Денот на победата, цел свет им оддаваше почит на борците што паднаа во борбата против фашизмот. Само партизанските гробишта низ Македонија останаа без ниеден цвет. Ниту една државна делегација не се сети да им одаде почит на борците против фашизмот.
Наместо тоа, во Битола претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски полагаше цвеќиња на паднатите војници од Првата светска војна на Франција, Германија, Србија и Бугарија. Тој настан во медиумите беше претставен како “Ден на европското помирување”.
Фино што Георгиевски и амбасадорите отидоа кај војниците од сите земји што се закопани во Битола. Ама ги заборавија партизаните. Убаво е и тоа што Љубиша Георгиевски сака да не смири со Европа. Иако не знам кога сме биле скарани. Само не гледам дека тоа ни помогна сами со себе да се смириме.
Им простивме на тие ште не окупирале, не делеле и парчеле, а не научивме сами меѓу себе да не се делиме. Што арно сме виделе од бугарска војска за да и проштеваме, па на партизаните да не можеме да им простиме?
2 Така е секогаш кога се правиш поголема десница од десните. Овие од Владата на Груевски кога се прашање партизаните, религијата и комунизмот раскажуваат приказни дека нивните ставови биле “во духот на конзервативната идеја”.
Туф, туф, туф…
Убаво е тоа што сакаат многу да работат. Одлично. Работат дури и во недела.
Само што конзервативизмот и инсиситирањето на верата немаат баш многу допирни точки со работењето во недела и празници. Во духот на конзервативизмот имаш еден ден на кој треба да се посветиш на семејните вредности, традициите, верските обичаи… Како, ако не си слободен.
Ако веќе инсистираат ем на конзервативизам и религија, ем на работа во недела и празник тогаш нека обезбедат и работниците да бидат законски платени. Вака само ги окуражуваат разните транзициони газди кои не ги плаќаат придонесите за вработените ни за работните денови, а не пак за неработните. Имаат добар изговор. Ако може премиерот во недела да оди на работа, ќе можеш и ти.
Бидејќи учат од конзервативните ЦДУ и ЦСУ во Германија, нека пробаат да ја најдат Ангела Меркел на работа во недела. Не може нашиве да се прават поголеми конзерви од вистинските конзерви. Во таа конзервативна Германија на која се угледуваат работничките права и на проститутките се поголеми од оние на државните службеници кај нас. А текстилните работници се надвор од сите категории.
3 Лидерот на ДУИ и пратеник во Собранието на Македонија Али Ахмети не пријавил имот на време. Бил казнет со 5 илјади денари и после тоа го пријавил имотот.
Што права бара Ахмети во оваа држава кога не покажал дека почитува барем една обврска кон државата ни како граѓанин, ни како пратеник.
Не пријавува имот и не оди на собраниски седници.
Ај што уште не научил македонски јазик, може и да му се прости. Толку му сече. Ама тој не почитува закони на државата во која што е и избран пратеник. А ние треба да му веруваме дека се бори за слобода и демократија. И особено треба да им веруваме на претставниците на ЕУ и на САД кои поддржуваат таков борец за демократија.
4 Околу Соборниот храм во Скопје од пред неколку дена забранија паркирање на коли. Не знам дали тоа е заради безбедност пред свадбата на премиерот, или за да ја личи околината, но околу црквата нема паркирани возила. Ама затоа пред неа уште стои колосален билборд за реклами и го крие цел храм.
Министерката за надворешни работи на Грција Дора Бакојани, кога беше градоначалничка на Атина ги извади сите билборди од централното градско подрачје за да се видат убавините на историските зданија на грчката метропола.
Кај нас скопските власти рекоа дека за грдиот и огромен билборд пред Соборниот храм дала согласнот и МПЦ. Единствената забелешка била да се рекламираат пригодни содржини. Демек, да нема голи женски, или не дај боже кондоми. Кредитни картички може да се рекламираат. На божје име пари најлесно се собираат.
Замислете Папата да даде согласност да се стави толкав билборд пред базиликата Св. Петар во Рим. Или градоначалникот на Келн да се правда со одлуката на некој свештеник ако дозволи да се постави огромен билборд пред Келнската катедрала.
МПЦ го смета Јован за искушение и се брани од него. А од обичен билборд не може да се одбрани.
5 Весна Јаневска од ВМРО – НП изгуби во битката за лидер на партијата. Победи \орѓи Трендафилов.
Крилото на бившата в.д претседателка Јаневска со пратениците Валентина Божиновска и Ден Дончев не се гледа во органите на партијата. Тие одбија да бидат членови на новиот Извршен комитет.
Дојде време за уште едно ВМРО. Имаме ВМРО – ДПМНЕ и ВМРО – Народна. Па имавме и ВМРО – Вистинска и ВМРО – Македонска и можеби уште некое.
Сега е време за некоја ВМРО компилација. Новата партија ќе се вика ВМРО – ПЗНДМНЕ. Политичко забавно и народно движење за македонско национално единство.