1. Нешто не е во ред со оваа војна. Сé беше убаво смислено, ама Блаце не беше ставено во компјутерската игра. Не беше предвидено да страдаат луѓе. Особено не оние во чие име и се изведуваат нападите врз Милошевиќ. Тука е направена грешка. Стотици илјади луѓе страдаат заглавени во калта, на оддалеченост од само два часа летање од која било европска престолнина, и за тоа некој мора да одговара. И кој е виновен? НАТО не е, бидејќи тој е во мировна мисија. Милошевиќ сигурно не е, бидејќи од него такво нешто и можело да се очекува – не му е првпат.
Остана Македонија. Виновна е Владата на Македонија зашто водела просрпска политика. Затоа и и се губат илјадници бегалци во непознат правец среде ноќ. И полицијата тепа. Затоа што наместо хумани печати за тело, како што имаат нивните германски колеги, употребува палки. Чиста егзотика. И тоа среде Европа. Нема поубава сцена за насловна страница. Ем се многу загрижени, ем се на безбедна оддалеченост, ем работат за мир, ем парите за хуманитарна помош им остануваат дома, бидејќи доаѓаат со нивни производи. Вистинска штета е што авторите на сторијата за координираната акција на македонската Влада со Милошевиќ не ја имаа слушнато приказната за дедото на Љубчо Георгиевски кој бил прв српски џандар во Делчево. Веднаш ќе ни ја откриеја тајната за србоманството на ВМРО. Ако требаше и со генетска анализа на јуначкото срце на дедото на премиерот.
2. Гревота е што премиерот многу брзо ни се разочара од Европа. Не помина ни една недела откако насмеан се врати од Германија и рече дека тоа била најуспешна посета досега, кога, по хоророт на Блаце ги обвини сите членки на НАТО дека ги фрлија бомбите и си заминаа на велигденски празници. И бегалците и нас нé заборавија. Во иста кал се задушуваме.
А баш убаво си смисливме како ќе си живееме. Бегалци ќе нема, зашто не сакавме да поверуваме дека ќе има, НАТО ќе ни се грижи за одбраната на татковината, а ние само ќе се грижиме како да ги потрошиме доларите од Тајван. Кога, сé излезе наопаку.
Меѓутоа, во лутината, Љубчо не смееше Си-Ен-Ен и Би-Би-Си да ги обвини за комунистичка пропаганда. Зашто тие размислуваат пазарно. Што поегзотична слика толку повеќе гледачи. Нека не си игра со нив, оти ако им текне и тука ќе ни направат војна. Којзнае колку реклами ќе соберат додека одат снимките од новото боиште. Немој случајно да ѝ текне на Кристијан Аманпур да се пресели од Албанија во Македонија и од пред “Александар палас” да известува за Си-Ен-Ен. Дури тогаш дебело сме заглавиле во калта.
3. И министерот за надворешни работи Александар Димитров изјави дека во оваа војна Македонија може да биде единствената невина жртва. Министерот ни е многу нажален. Зборува со траурен тон, а на последната конференција за печатот, дури така беше и облечен. Димитров комбинира црна вратоврска, на црна кошула со црно палто. Да не жали случајно за Македонија пред време? За секој случај. Додека уште има за што да се жали.
4. Американците ќе ги носеле бегалците од Косово во нивната база Гуантанамо беј, на Куба. Далеку од Милошевиќ, далеку од Клинтон, ама блиску до Кастро. Кубанците ги носат во Мајами, а Албанците во Гуантанамо. Така Американците водат сметка да не им се наруши етничката рамнотежа.
Којзнае, можеби кога Косовците ќе бидат поблиску до Хавана, Американците ќе можат со нивна помош да го соборат и Кастро. Таму ќе организираат единици на ОВК. Кратенката е иста, а името е “ослободителна војска на Куба”.
Ако не падна Милошевиќ, можеби Кастро ќе падне. Верувам дека дури и албанските политички лидери од Македонија Арбен Џафери и Абдурахман Алити ќе им дадат поддршка. Нели лани можеа да се силат по скопските плоштади, повикувајќи го НАТО со извиците “Одиме на Косово”, тогаш сигурно ќе соберат храброст да викаат и “Одиме на Куба”. Така, тие ќе ја освојуваат Куба, а Американците ќе дојдат да ги спасуваат. Ако не им успее и тој експеримент, има белки некое изолирано островче на Пацификот за нови бегалци. Таму ќе можат да се фрлат на туристички бизнис. Па кога богатите Американци ќе одат да се одмораат од стресот што го доживуваат гледајќи вести за Балканот, наместо “Мекдоналдс” и “кока-кола”, ќе јадат тазе бурек и јогурт.
5. Оваа идеја за освојување на Куба е добра и за останатите херои во оваа војна. Демонстрантите пред американската амбасада во Скопје извикуваа “Одиме на Косово” и “Не го даваме Косово!” Не знам кога Косово било во Македонија, ама од толку храбри луѓе никогаш нема зијан. Особено кога храбрите воини не се одзиваат на мобилизација да ја штитат границата на Македонија од пребегани припадници на ОВК. Јунаците ќе бидат уште посилни ако извикуваат “Одиме на Куба!” Знаат дека немаат шанса да стигнат до таму.
Кастро чекај нé! Македонското знаме нема да се виори само на плоштадот во Белград. И Хавана ќе ни биде благодарна.
6. Зошто НАТО не му верува на Милошевиќ кога овој прогласува прекин на огнот? Има толку многу бегалци и депортирани, така што, навистина, човекот има потреба од примирје. Нема веќе по кого да пука.