1 Помина уште еден датум за датум. Европската унија порача да се имплементира договорот од 1 март. Што беше тоа? Кој се сеќава што беше договорено на 1 март? Аха, ми текна. Нешто што се случило на 24 декември. Многу датуми имаше, не знам што беше прво за паметење.
Пресложено за еден нормален ум е кога на 20 декември зборуваме за нешто што било на први март, за нешто што се случило на 24 декември, ама лани. Кој го почна тоа? Ако веќе се сеќаваме, треба да ги вратиме работите многу одамна. Ако не од Александар, тогаш барем од свети Павле.
Ние имаме колективно паметење, ама слаба меморија. Знаеме се што се случило од Аминта Трети наваму, ама не знаеме што сме направиле од 24 декември до 21 декември.
2 Македонија нема да почне преговори со ЕУ, затоа што немаме добрососедски односи. Србија ќе ги почне преговорите, оти има добрососедски односи. Особено со Косово. А Хрватска, како членка на ЕУ, не стави вето за преговорите со Србија, иако двете земји меѓусебно се тужат за геноцид. Уште откриваат масовни гробници, уште раселените не можат да се вратат дома, кирилицата им ја забрануваат веднаш преку Сава, вистински геноцид се случи на двете страни пред само дваесет години, и тие имаат добрососедски односи. А ние со Бугарите имаме и кирилица заедно, а и со Грците, плус – минус, некои букви ни се исти, 150.000 Македонци имаат бугарски пасоши, половина милион Македонци одат на одмор и шопинг во Грција, ама немаме добрососедски односи.
Читаат ли тие во Брисел што имаат напишано во извештаите за Македонија?
Можам да разберам кога забелешките на ЕУ се за владеење на правото, реформа на судството, слобода на говор, слобода на медиуми, човекови права, непартизирана јавна администрација и други демократски придобивки каде што навистина сме тенки. Ама за 20 години можеа лошотилокот на Грција и неизживеаноста на Бугарија да го покријат со некоја поочебијна забелешка отколку добрососедски односи. Оти дури и голата статистика покажува дека и покрај сите граници со соседите, имаме проток на луѓе и идеи, а богами и пари по европски стандард.
3 Малку сум збунет. Како оние од Брисел бараат да се сеќаваме за нешто што се случило на 1 март, за нешто што се случило на 24 декември, а во исто време, американскиот амбасадор Пол Волерс ни вика дека ретровизорот не треба да е поголем од шофершајбната. Демек, гледајте напред, а не назад.
Кога сме веќе кај ретровизорот и шофершајбната, зошто ЕУ има право да гледа во ретровизор, а ние немаме. Оти тртљањето за добрососедските односи се сведува баш на ретровизорот. Грција и Бугарија имаат право во ретровизор да гледаат во Александар и во Кирил и Методиј, а ние немаме.
Изгледа дека ЕУ и САД не можат да се договорат. Едните викаат ширете ги ретровизорите. А другите проширете ги шофершајбните. Кога те учат двајца инструктори со двојни стандарди, нормално е да ти се блокира мозокот. И наместо да возиме, ние си стоиме во место.
4 Кај што стоиме во место, па уште и не дишеме. Оти така препорача Владата кога донесе мерки против загадувањето. Рекоа кој нема потреба, да не излегува од дома. А кој излегува без потреба? И што е потреба? Дефинирајте. Има потреба да се оди на работа, во школо, на лекар, на пазар, на слава..?. А што, кога ќе излезеш со потреба, воздухот веднаш е помалку загаден?
Плус ни рекоа и да не ги проветруваме просториите. Што мислат они? Дека ние дома од Маврово го увезуваме воздухот и го складираме како зимница? Плус, ај да те видам не проветрувај по толку посни слави со грав и кисела зелка. Не ни дадоа точни напатствија уште колку време не смееме да отвараме прозорци. Не дишете едно месец и пол, па кога ќе дувне ветер ќе може да дишете.
За случајно да не си помислиме дека власта не се грижи за народот, излегоа со некои морски идеи за пресадување на стари дрвја и полевање на улиците со хемикалија. Додека чекаме да пораснат осумте милиони садници, не утешија дека и во Париз и во Барселона било загадено. Ама заборавија да кажат дека ним им е уште потешко. Ние барем чекаме гасификација и трамвај за да почнеме да дишеме. А тие имаат и гас и трамвај, па немаат на што да се надеваат. Безнадежен случај се.
Утре да дувне ветер, се ќе се заборави. А напролет ќе се вратиме на градежните активности на Водно и темата за загаденоста ќе биде актуелна колку и ланскиот снег. Исто како препораката на ЕУ дека за датумот за Македонија ќе расправаат следната година.
Ама, на нивната потреба да се оправдаат, која очигледно е многу поголема од потребата да го решат проблемот, имам едно човечко и најпросто прашање: Каде живеат македонските политичари? И неколку потпрашања: Дали дишат од нашиот воздух? Дали министрите одат во Влада без потреба? Како луфтираат? И каде си ги шетаат децата?
5 Денеска ќе се отвори ургентниот центар на Детската клиника. Се сеќавам дека пред неколку години започна хуманитарна невладина акција помогната од холандската амбасада. Под слоганот “Можеш ако сакаш”, преку донации на фирми и СМС пораки, требаше да се соберат 50.000 евра.
Во исто време додека граѓанството донираше, странци ни држеа прес-конференции и организираа кампања за да се направи нашиот ургентен педијатриски центар, за да се соберат тие 50.000 евра, Владата најладно фукна 160.000 евра за вртелешка на Плоштадот. Како размазен тинејџер што ниту ја знае ниту, пак, сака да ја знае вредноста на парите и приоритетите што со нив да се купи. Или како неодговорен новопечен бизнисмен, кој со првите пари што ќе ги земе на кредит, си купува џип и не ги исплаќа платите и долговите.
6 Во ист ден додека сексуалните работници со црвени чадори во Скопје маршираа против насилството на работно место, во Куманово газдата на некоја фирма ги затворал вработените во фрижидер додека помине инспекцијата, а на тие што зборувале за медиуми им ја намалил платата. Кога дошла инспекцијата, тој им рекол дека се е во ред, и тие му поверувале.
Кој е тука злоупотребен сексуален работник? И зошто маршираат само сексуалните работници, кога и другите се малтретирани на ист начин на работното место. Ги дупи газдата, а богами и државата.