ВОИН НА КОЊ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:53:"Етејаивторатадилема:Како?

    1 Сите видовме што се случи на 24 декември минатата година. Имаше официјални снимки од собранискиот систем на камери. Имаше и неофицијални снимки од мобилните телефони кои сe уште се вртат на Интернет. Имаше и снимки од медиумите кои беа надвор пред Собранието.
    Откако ги видовме снимките, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не можеа да се договорат дали тоа што се случило, навистина се случило. Потоа се договорија дека се случило, но за да откријат што навистина се случило, им дојдоа од Брисел и им рекоа дека треба да направат комисија, за да добие Македонија позитивна оценка. Им дадоа дури и странци да седат во комисијата. Потоа, за комисијата долго време не можеше да се најде претседател. Откако се најде претседател, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се скараа, па претседателот си даде оставка. Потоа од Брисел пак се заканија, па мораше да се сретнат Груевски и Заев за да ја состанат пак комисијата. Дури и претседателот во оставка се врати. Се собраа, расправаа три – четири дена, се испокараа и на крајот потпишаа извештај и препораки. СДСМ ги призна извештајот и препораките. ВМРО-ДПМНЕ го потпиша, ама не го призна извештајот туку само препораките.
    Во меѓувреме, имаше една викенд драмолетка со наслов “Или извештај или предвремени избори”. Ама тоа сега ќе го заборавиме, оти Брисел рече дека за Македонија е добро што потпишале. Оти тоа било дијалог.
    Ако е ова е дијалог, што ли е кавга?
    2 Значи, до минатиот викенд наивно сум мислел дека најголемата мистерија за земјава е зошто најголемиот споменик во државата е поставен под псевдоним. Човекот личи на Александар Македонски, а се вика Воин на коњ.
    Арно ама, од понеделникот наваму се соочивме со други предизвици за логиката во дефинирањето на државните интереси. Оти премиерот и лидер на владејачката партија ни соопшти дека иако извештајот не е добар за ВМРО-ДПМНЕ, сепак го потпишале затоа што бил добар за Македонија. Тоа е едната дилема: Како нешто што е добро за државата, може да не е добро за владејачката партија?
    Но тоа не е сe. Мистеријата продолжува. Илија Димовски, кој како член на комисијата за 24 декември под својот потпис на извештајот напиша дека не ги признава правните квалификации во него, два дена подоцна во Собранието беше избран на чело на собраниска работна група која треба да ги спроведе препораките на извештајот. Тоа е истиот извештај кој Димовски го потпишал, ама не го признал. И треба да го раководи спроведувањето. Ете ја и втората дилема: Како?
    И третата дилема е поврзана со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ партиите во Собранието да потпишат меморандум за нивната посветеност на евроинтеграциите. Знаев дека нешто фали на патот кон ЕУ. Значи партиите толку работат во секојдневната пракса за да влеземе во ЕУ, ама ние тоа не го гледаме. Па сега мора меморандум да потпишат за ние да ги сфатиме сериозно.
    Уф… Да ти се земе умот ако пробаш да ја сфатиш логиката на политичкиот дијалог и дејствување во Македонија. И тие мене ми зборат за државни интереси.
    3 Најискрено му се извинувам на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски. По ланскиот 24 декември напишав дека треба да си даде оставка оти не покажал демократски капацитет да се справи со кризата околу буџетот. Арно ама, откако ја видов препораката на комисијата што ја потпишале и ја прифаќаат и ВМРО и СДСМ дека во деновите кога заседава Собранието, околу него да се воспостави неутрална зона “заради засилување на неговиот интегритет и независност и на интегритетот и слободата на пратеникот”, сфатив дека и другите пратеници немаат демократски капацитет, па кој и да дојде на местото на Трајко, на демократијата исто $ се пишува. И власта и опозицијата се согласиле дека со протестите на граѓаните што ги избрале пратениците, ќе се вршел притисок врз нив при одлучувањето. И капак на тоа е препораката оваа зона оперативно и технички да ја утврдува МВР.
    Во членот 21 од Уставот пишува дека “граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба”.
    На пратенициве изгледа многу им се гледа демократски Уставот.
    Што значи ова? Дека според препораката и на власта и на опозицијата, секој пат кога ќе заседава Собранието, ќе биде прогласена вонредна состојба. Се надевам не и воена. Па луѓе мои, ние во 2001 година имавме војна, имаше протест на граѓани со вистински упад во Собранието, дури и знамето на државата беше симнато и фрлено од собранискиот јарбол, па никому не му текна да воведе ваква мерка. Во 1989 година, значи во време на недемократија, штрајкувачите на Железарницата го блокираа Собранието на тогашната Социјалистичка Република Македонија и упаднаа во него, па дури ни едноумната власт не донесе ваква мерка. Во време на конфликтот во 2001 година семејствата на киднапираните Македонци шест месеци, во знак на протест живееја во Собранието. Не дека пратениците многу ги есапеа, ама протестот никој не им го забрани. А да не потсетувам дека сегашната владејачка гарнитура во ВМРО-ДПМНЕ во 1997 година 30 дена протестираше против двојазичноста на Педагошката академија со кампување и штрајк со глад пред Собранието. Дали и пратениците Антонио Милошоски и Влатко Ѓорчев, кои тогаш како студенти протестираа пред Собранието, сега ќе гласаат за тампон-зона што ќе ги спречи граѓаните да не им вршат притисок.
    Притисок!? Како да не. Единствениот притисок што пратениците го имаат е од нивните лидери. Да се чудиш колку спремно го прифаќаат. Избрани од народот, а се исплашија од народот. Ние им даваме доверба, а тие немаат доверба во нас. Наместо тие да ги штитат граѓаните, тие се штитат себеси од граѓаните. И тоа со полиција. Тоа ти се вика ненародна власт. И ненародна опозиција. Што имаат тие да скријат од нас? Толку ли лошо прават за Македонија, што мора со ѕид да се оградат?
    4 Лидерот на СДСМ Зоран Заев, во малкуте јавни политички изјави што ги има, излезе на прес-конференција и наброја што сe ВМРО-ДПМНЕ не направила во изминатите седум години. Другиот ден, за да биде поголем конзервативец од конзервативците, се прошета по цркви и честиташе верски празник.
    Прво, не очекувам најпомпезната активност на лидерот на опозицијата да биде шетањето по цркви и организирањето општонародни веселби. Фала Богу, не може да биде подобар во тоа од ВМРО-ДПМНЕ. Ама не очекувам ни да ми направи список што не направила ВМРО-ДПМНЕ. Очекувам конечно да излезе и да зборува за тоа што ќе го направи СДСМ. А тоа уште не се случило.
    5 Претседателот Ѓорге Иванов, што така мудро молчеше и си седеше во Охрид додека европската иднина на земјата зависеше од кавгата во комисијата за 24 декември, откако го прими претседателот во оставка Борче Давитковски со веќе потпишан извештај, соопшти дека “никој во Македонија нема право и не смее за каков било интерес да ги држи во заложништво напредокот и развојот на државата”. И “апелира еднаш засекогаш да се престане со деструктивни политики, политиките на ултиматуми и уцени и поставување на тесно-партиските интереси и интересите на поединци, над интересите на државата и граѓаните”.
    За која држава зборува претседателот? За Сирија? Или за Турција? Кому апелира? На Обединети нации? Кој да престане со деструктивни политики? Во соопштението од неговиот Кабинет фалеше уште да ги повика двете страни да се воздржат од употреба на сила.
    Ало, Претседателе! Какво е времето на вашата планета?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира