1 Убаво Тито рекол: “Да работиме како 100 години да ќе има мир, а да се подготвуваме како утре да ќе има војна”. Љубчо, како примерен Титов пионер убаво ја запаметил реченицата. Завчера, по повод резолуцијата на косовското собрание што не го признава договорот со СР Југославија за границата ни кажа: “Новиот напад може да дојде утре, а може и за три години”. Зависи кога им одговара на Љубчо и Џафери. Бидејќи од Титовото до Љубчовото време има историска дистанца, на популарната реченица за војната и мирот, сега може да и се даде нов пристап: “Да крадеме како 100 години да ќе биде мир, а да се подготвуваме за војна како утре да ќе не фатат на дело”.
2 Што си мислеше Љубчо кога во 1999 година на црвени килими го прими Хашим Тачи и ни го промовираше како премиер на Косово? Дали тогаш имаше опасност од реална војна? Или, она што ни се случуваше лани беше виртуелно. Што сака Љубчо? Прогласениот премиер да му ги прости границите? Мисли дека Џафери џабе го натера уште тогаш кон Косово да се однесува како кон држава.
Затоа, не треба да чуди што и сега исто се однесува. И што заедно со Андов и Собранието на Македонија го става како партнер на Собранието на Косово. Никој во светот не го призна легитиметот на донесената резолуција во Приштина. А ние му дадовме значење како тоа да го сторила легитимна држава. Дури не спореди и со Индија и Пакистан. Само не кажа кои се Пакистанците.
Нормално е на оваа резолуција да и пријдеме со должна почит, оти и ДПА изјави дека ја признава легитимноста на косовскиот парламент. Коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ за кој Љубчо до пред две недели се жалеше дека некој сака да го одвои од него дури и со оружје, пак има различен став од него. Ако утре косовскиот парламент донесе одлука за анексија на дел од Македонија, ДПА пак ќе му го признае легитимитетот. А Љубчо ќе изјавува дека тоа е ладна војна и ќе го моли Џафери да остане со него.
Но, тие не се секогаш со различни ставови. Имаат нешто и заедничко. Како подолго да останат на власт. Ако може и да нема избори. Да не спасат со уште една војна. Оти таа е реална. Кога се Љубчо и Џафери во прашање.
3 Што си е сигурно, сигурно е. И да има војна, и да нема, Љубчо смета на последните сто дена од оваа влада. Во последните сто дена, ќе се продадат четири големи фирми од јавен интерес. Ќе одат на продажба двата аеродрома, Поштата, Електростопанство и “Нова Македонија”.
ВЕСТ распишува тендер: “Остана ли уште нешто вредно од интерес на сите, што не се распродаде?” Кој знае, нека се јави.
4 А и тој Борис, нема друга работа, па му ѕвони на мобилниот на шефот на дипломатијата. И овој не му одговара. Или е во авион, па мобилката му е исклучена, или се среќава со Џек Строу. А претседателот исфрустриран што не го примила кралицата, сака да го нервира.
“Кога ќе бидам слободен, ќе му одговорам”, им изјави Чашуле на новинарите. И успешно го зазеде местото на Љубе Бошковски во извештаите на медиумите, откако одлучивме да го игнорираме.
Се чудам, што има министерот за надворешни работи толку против претседателот Борис Трајковски. Да не му е лут уште од претседателските избори кога му го зезна лидерот Циле. Добро, тој Чашуле, знае ли дека сега е во друга партија?
5 Премиерот Георгиевски пали – гаси. Пред некој ден ги пушти во употреба рефлекторите на струмичкиот стадион. Што е за Љубчо ламби да запали? Тоа е мал чекор за него, ама голем за неговиот шура Ванчо Таковски.
6 Бидејќи Македонија е држава од латиноамерикански тип на демократија и опозицијата се подготвува на избори да настапува латиноамерикански. Како герила.
СДСМ во предизборните активности ќе организира посета на домовите од врата до врата. Бранко прави список на јавки. Оти обично, на чукање прашуваш: “Кој е?”. Ако си со СДСМ ќе ја знаеш јавката, ако си од ВМРО нема отварање врата.
Во случај ВМРО-ДПМНЕ да ги провали јавките и да им отвори врата на партизаните, СДСМ има резервна варијанта за заштита. Сите моми социјалдемократки пуштаат коси. Ќе ги кријат изборните програми во плетенки.
Бранко менува тактика. Ама и пијачка. На избори ќе се пеат нови партизански песни. “Текила, герила”.