ВОЈВОДА И ВИТЕЗ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:36:"Кумо,изгоретиќесе

    1. Претседателот Трајковски од граѓанин стана витез. Кој ќе го трпи сега? Нека повели сега премиерот Љубчо или министерката Доста да му преречат нешто, па ќе видат со кого си имаат работа. Тие мислеа мајтап си играат кога го наместија за претседател, а тој сега уште и со меч може да замавне.
    Ќе си го губи времето Борис со некои војводи и војвотки од Балканот!? Како не! Тој во белосветските метрополи се дружи со кралици, а тука Љубчо или Доста ќе му кажуваат што да прави. Е, нема веќе. Се профини Борче. Сега кога од Муртино, преку Струмица, виа Синѓелиќ стаса и до Бакингемската палата во Лондон, можат само под прозорец да му плукнат.
    Пуста Кралица Елизабета, којзнае дали ѝ е јасно на кого му дала витешки орден. Ние тука си го познаваме Борис подобро од неа. Дури и Македонската телевизија не му даде којзнае какво значење на приемот кај кралицата. Се случило ли некогаш, на државните централни вести, кога има и специјален известувач што го следи претседателот, извештајот од посетата да оди дури во петнаесеттата минута? Нека му ја мисли Борис, ама ова е сомнителна работа. Или Бане Димовски бил многу завидлив што испратил друг новинар, а не заминал тој да се слика кај кралицата, или, пак, дефинитивно треба да се знае дека во Македонија војводата е поважен од витезот.
    Витезот, наместо да си ги собере потчинетите на тркалезната маса си ја продолжи посетата на Велика Британија. Известувачот јави дека откако му завршил официјалниот дел, претседателот ќе останел во неколкудневна приватна посета на Лондон. Ете што ти е успех. Да те изберат за претседател за да го видиш Биг Бен. Да се надеваме дека овој пат претседателот со себе не ги носи и семејната фризерка и козметичарка, како оној пат во Рим. Замислете, онака нашминкан и насмеан, да го посети музејот на восочни фигури “Мадам Тисо”. Веднаш ќе ни го задржат претседателот како експонат. И што правиме после? СДСМ ќе си остане без граѓанин, граѓаните без витез, а ВМРО-ДПМНЕ ќе мора пак да го моли Арбен Џафери да му избере претседател.

    2. Љубчо си беше војвода, ама кога се врати од Израел стана и аџија. Борис си беше граѓанин, ама еве сега од Англија ќе ни се врати како витез. Циле ќе ја спасува Битола со купување на свиларницата со тајвански пари. Од толку патувања по патот на свилата, веќе е вратен како мандарин.
    Само Бранко сè уште е во криза. Тој би преминал во партизани, ама некако не му се напуштаат плоштадите. Можеби затоа и го пушти Ристо Пенов да земе мерка од плоштадот Тиенанмен во Пекинг за да направи сличен плоштад и во Скопје. Пенов се збунил. Тој е претседател на Либералнодемократска партија. А во НР Кина – либерална демократија колку сакаш! Само да најдат уште претседател за да има Пенов со кого да се сретне.
    Македонија е лулка на цивилизацијата во која се испреплетени многу култури и историски влијанија. Затоа и си имаме војводи, аџии, витези, мандарини, команданти… Остана ли некој нормален.

    3. Зошто се дигна толку врева околу покрстувањето на пратеничката Ѓулистана Марковска во Мртво Море, во Израел. Зар само затоа што сменила вера?
    Па Ѓулистана Јумеровска на времето беше активна Титова младинка. Потоа стана реформистка, малку време либерална, па проба да биде независна, и кога виде колку е часот стана правоверна ВМРО-вка. Кога веќе толку пати ја менува партијата, зошто еднаш да не си ја смени и верата.
    Освен тоа, ова не е какво било покрстување. Ова е жртвување за да се стане член на фамилијата. Најважно е да не ти се налути Кумот. Ако Кумот те земе под заштита, секогаш ќе има и за тебе. Најдобро поминуваат оние членови на фамилијата кои се блиски со Кумот.
    Кума на Ѓулистана е сопругата на премиерот Снежана Георгиевска. Во нашата фамилија наместо Кум, си имаме Кума. Кумството е сериозна работа. За да бидеш добар кум, треба да имаш пари.
    Злонамерни се сите забелешки дека Кумата собирала пари за својата донација “Благовестие” со рекетирање на македонските фирми. Тоа што во организацијата на кумството бил вклучен и Сашко Станинов, не значи дека Снешка не можела сама да се снајде. Туку, вака било полесно. Штом директорите ќе го видат Станинов, веднаш знаат дека треба да дадат пари, па не треба многу да им се објаснува.
    Значи, едно да биде јасно. Тоа што другите го викаат рекетирање, не е обично собирање пари од фирмите. Тоа е полнење на ќесето на Кумата. Снежана не смее да се посрамоти. Инаку, замислете каков срам би бил за Снешка, кога луѓето ќе викнат “Кумо, ти изгоре ќесето!”, а Кумата со празно ќесе.

    4. Неколкумина читатели, кои себеси се претставија како интелектуалци, реагираа на интервјуто со американскиот амбасадор Мајк Ајник, објавено минатата сабота, особено на насловот во кој се велеше дека “Македонија е кафеанско општество”.
    Кога ќе се каже “кафеанско општество”, мене тоа ми асоцира на Париз и Виена, на нивната гордост дека се кафеанско општество и немам ништо против и Скопје да се врзува со таков опис. Или, некој смета дека ова е “библиотекарско општество”?
    Не знам зошто овие читатели се навредени од нешто што, на крајот на краиштата, и го отсликува нашиот менталитет. Па кај нас само во кафеана се оди за добра дружба, само во кафеана ќе пронајдете луѓе боеми, со широки погледи, со слободно размислување… Сите овие години, нас само кафеаната нè одржа во добро расположение. Човек треба да биде слеп за да не забележи дека во македонското стопанство најдобро работат само кафеаните.
    Можеби целата идеја за “кафеанско општество” ја изопачија Љубчо и Циле кои правеа реконструкции и ја спасуваа коалицијата во кафеана, па луѓето мислат дека штом таму се води политика, тоа мора да е валкана работа. Ама, тоа веќе не е до кафеаните. Тоа е до политичарите.

    5. “Окта” бара зголемување на цените на бензинот. Ако не ѝ се дозволи, ќе престане да увезува нафта.
    Нели ви е приказнава позната. “Макпетрол” бара зголемување на цените на бензинот. Владата не дозволува. Другиот ден веќе нема бензин на пумпите.
    Сè е исто како и некогаш. Тогаш “Макпетрол”, сега “Окта”.
    Некој рече “промени”? Да, го сменивме монополот.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира