Војвода Ваљони

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:60:"Шипковицо,падниминабелигради

    1. Што би правела Америка без наш Борис во овие тешки моменти. Борис решил да се бори против тероризмот. Денес сите сме биле Американци. И, како што му се пофали Борис на Буш, граѓаните на Македонија ќе ја поддржеле Америка во нејзиниот одговор, без разлика како, кога и каде тоа да се случи. Борис вели: “Ако тоа значи елиминирање на одделни терористички гнезда или земји кои ги поддржуваат, или засолнуваат терористите, тоа е легитимно и правилно”. Еве како ние во Шипковица и во Арачиново.
    Советот за безбедност на претседателот расправа кои сили ќе ги вклучи Македонија во борбата против тероризмот. Зашто, “тероризмот удира на големи и мали, на величествени и понизни”, мудро заклучил нашиот претседател. И сега мудреците од Советот за безбедност се чудат. Дали понизните “тигри” да ги испратат за Авганистан, или понизните “лавови” да се повлечат од Тетовско и да чекаат на сигнал од Буш, кога ќе го нападнат Ирак. Величествената ОНА, како легитимна војска, ќе си остане дома.
    Многу ни е умен претседателот.  Ама доцна му текнува. Сега вели: “Терористите не можат да се смират и со нив не може да се преговара, зашто никогаш нема да бидат задоволни”.
    Значи, да се подготвуваме за нов рамковен договор.

    2. Несреќата на големите изгледа најголема на свет. Додека не се случи хоророт во Њујорк и трагедијата во Вашингтон, САД нè убедуваа дека има добри и лоши терористи. Овие нашиве се добри, нивните се лоши.
    Во што е разликата меѓу уривањето на мотелот “Бриони” во Чегране и близначките во Јужен Менхетен. Во бројот на катовите и бројот на жртвите. Помала држава, помалку жртви. Ама монструозноста е иста.

    3. Еден од добрите терористи е и командантот Ваљони од Бродец, порано офицер во гардата на претседателот на државата. Ваљони одвај чекал да се врати на работното место. Сигурно и на работа одвај чекаат да се врати. Кога Ваљони ќе си ја соблече униформата на УЧК, ќе се облече во гардист. Гардистите носат стилизирана облека на комитите. Ама Ваљони е командант. Тој не може да биде обичен комита. Ваљони ќе биде војвода. Војводата од Бродец се враќа кај Трајковски.
    Командантот Ваљони бил обучуван од државата Република Македонија во Воена академија. Исто како што и киднаперите на авионите биле обучувани за пилоти во воздухопловните академии на американската компанија “Боинг”. Ваљони е во предност. Тој може да се врати да го чува претседателот. За разлика од терористите – самоубијци, кои веќе немаат шанса да седнат во кокпитот на претседателскиот авион на САД.

    4. Претседателот Трајковски заборави на САД да им понуди и дополнителни услуги. Еве, на Осама бин Ладен не можат да му земат парафински ракавици. Така што ќе мора да преговараат. Додека возвраќаат пропорционално, ние од се срце ќе им помогнеме во преговорите. Еве, за олеснувач ќе им го испратиме Амди Бајрам. Да му смисли план на Буш. И да го подготви рамковниот договор на некоја плажа на Флорида, додека Буш игра тенис, како Борче наш во Охрид, додека Пердју му го мислеше планот. Ако Бајрам не знае да го состави како што треба, како засилување може да отпатува советникот за национална безбедност Никола Димитров. Со оглед на годините, за да не му биде здодевно, него ќе го пратиме во Дизниленд. Кога ќе се изнаигра, ќе пишува домашна задача за утре. И – опа Буш ќе се појави со план.
    Со Амди Бајрам Американците ќе успеат. 99,9 и 102 отсто!

    5. Љубе Бошкоски рече дека македонските синови и ќерки, со голи гради ќе ја бранат татковината. Ај, синовите не се толку шокантни. Ама, замислете колку ќе се шокираат учките кога ќе им се појават одбраните македонски ќерки со голи гради. Во прв ред Доста Димовска, а зад неа Илинка, Ганка, со пешадиска поддршка на Радмила Шеќеринска и Ѓулистана.
    Вака би изгледала женската патриотска фаланга, според голите гради. Доста како тешка артилерија, што тетовци не ја пропуштаат на Колтук. Зад неа Илинка – “Биди тигар”, за десантни упаѓања, а Ганка и Шеќеринска како кашикари – мали, ама убиствени.
    Топлес во Шипковица. Шипковицо, падни ми на бели гради
    Ѓулистана не мора да се соблекува. Доволно е само уста да отвори. Како митралез е. Зборува рафално. А отвори уста – цела ОНА г’з преку глава ќе се разбега. Не само оружјето, и униформите ќе ги остави.

    6. Портпаролот на НАТО Марк Лејти, на новинарите им се клешти во лице. Си игра мајтап. Старо оружје, ново оружје, и од старо се гинело… Нè прави малоумни.
    Не е крив Лејти. Крива е малоумната власт што сериозно ги сфаќа малоумните портпароли.

    7. Хрватскиот генерал Адеми во затворот во Хаг му готвел ручек на Слободан Милошевиќ. Ама гозбата не им била комплетна. Го чекале Љубе Бошкоски, да им прави слатки.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари