1 Не сакам да се повторувам, ама морам. Влегувам во креативна криза. Како да се зафркавам со нешто што е зафрканција само по себе. Пред две недели, за темата протести и контрапротести, напишав дека почнале да го даваат Монти Пајтон на вести. И дека стварноста ни е како во нивниот филм “Брајановото житие”, во кој Народниот фронт на Јудеја се тепа со Фронтот на Народна Јудеја.
Е па завчера се случи и тоа. Пред Собранието на Македонија, во исто време се најдоа Народниот фронт на Јудеја и Фронтот на Народна Јудеја. Досега се собираа на различни места и во различно време. А сега првпат, случајно се погодија пред Собранието. И се соочија едни со други. А кутрите полицајци, се збунија. Па наместо да ги штитат институциите на државата како што е вообичаено при протестите, сега мораше да го бранат народот сам од себе.
2 Алал да им е. Како успеваат брзо да се организираат, како на лагер да имаат контрапротестанти, па дури и со трактори брзо стигнаа да го изразат своето незадоволство од опозицијата. Додуша, некои скептици имаа забелешки зошто некои земјоделки се појавија со штикли и со очила за сонце. Па што ако? Зар само стечајките и жртвите на транзицијата смеат да носат штикли? Во земјоделството штиклите можат дури да бидат и корисни. Пушти ја земјоделката да протрча со штикли низ нива, и веднаш можеш арпаџик да боцнеш. А очила за сонце мора да носат. Па и шапки. Кој не бил на нива, не знае.
Една од земјоделките се пожали на СДСМ дека не давал субвенции, а таа одгледувала калинки, сливи и цвеќиња за лична употреба. Како и јас не разбрав порано? На балконот имам и цвеќиња, ама и босилек, па дури и мали лути пиперчиња. Каде да се пријавам за субвенции?
Е таа земјоделка, според пишувањата на некои веб портали, била флејтистка. Таа сигурно ја открила волшебната спрега меѓу музиката и растенијата. Плус, нели има многу истражувања кои покажуваат дека и кравите даваат повеќе млеко, а кокошките несат повеќе јајца ако им се пушта музика. Така што, со парите од субвенциите земјоделката ќе си купи поголема флејта. Поголема флејта, повеќе музика. Повеќе музика, повеќе пари. Чиста логика, чист бизнис.
Алал да му е на тој што успева да регрутира и свирачи место земјоделците. Многу музички желби може да исполни. Ќе ни го свирне на сите.
3 Се врати радоста во секојдневјето. Владата почна да го враќа ДДВто. Премиерот вети, и уште другиот ден тргна реката со исплати.
Не се разбирам многу во економија, ама се обидов да ја сфатам работава. Значи, јас ти должам пари. И не ти ги враќам навреме, како што сме се договориле, ама кога ќе решам да ти ги вратам, ќе се испофалам дека ќе почнам да ги враќам, и цела чаршија ќе ми рече: “Алал да тие”. Ако немам доволно пари за да ти ги вратам сите што ти ги должам, ќе земам кредит од банка.
Или вака: Државата должи пари. Тоа се пари на компаниите кои одамна требало да им ги врати. Пари кои им фалеле на компаниите, па морале да земаат кредити од банка и да плаќаат камати. И сега компаниите се среќни. Оти се осмелиле да имаат бизнис во Македонија. И не побарале поврат на ДДВ. Не се ни побуниле оти Владата не го почитувала законот. Па сега, односно до март ќе си ги добијат парите назад. После избори ќе чекаат нови избори.
Како што би рекол претседателот Ѓорге Иванов “Звучи шашаво, ама функционира”.
4 Дури и во СДСМ се среќни. Ликуваат: “Видовте, премиерот призна дека не враќал пари”. Е па призна, де призна! А вие што признавте? Што ќе преземете? Или чекате Бранко да се врати од Њујорк, да добиете дозвола за да кажете што ќе направите.
Компаниите ќе добијат пари до март. На пензионерите ќе им бидат зголемени пензиите до март. Субвенциите на земјоделците ќе бидат исплатени до март.
Локални избори има во март. Зошто во СДСМ не можат да го видат тоа што го гледаме сите? Тие како да се изгубени во времето. Или си живеат паралелен живот. А политиката им е хоби. Затоа, пак, овие што се на власт, сериозно си ја сфатиле политиката. И затоа сите рокови ги ставија до март.
Од ВМРО-ДПМНЕ барем гледаат до март. А овие од СДСМ изгледа не ни имаат потреба да гледаат во иднината. Чекаат да видат што ќе прави Груевски.
Кога ги гледам Гордан Георгиев и Зоран Јовановски, сe ми се чини како да се претставници на партија на плачковци. Ги пуштаат на говорница како по казна. Ќе прочитаат дека ВМРО не чини, и толку.
Кој победил на избори затоа што рекол дека има проблем. Или затоа што рекол дека другите не чинат. Па не треба тие тоа да ми го кажат. Ние проблемите ги чувствуваме повеќе од нив. Или, пак, мислат дека ќе победат само затоа што виделе дека има проблем. Па тие дури ни први не ги гледаат проблемите. Чекаат да објави некој медиум, па да прочитаат соопштение.
Е па не се даваат гласови на избори само затоа што некој ќе прочита дека има проблем. На избори се гласа за тој што ќе каже дека има решение за проблемот. Или барем вешто да излаже дека знае да го спроведе тоа што ќе го вети.
Патем, нели шетаа по села, спиеја по куќи, јадеа домашни манџи, промовираа градоначалници… Од многу работа, дури и го одложија големиот митинг кој требаше да го одржат овој месец во Скопје. Изгледа чекаат да падне снег. Па да имаат оправдување дека делегатите биле завеани по патиштата. Како што Македонија не стигна во Јајце на АВНОЈ во 1943.
5 Лекарите се побунија, па еве нешто може и ќе испреговараат. Новинарите се мачат со новиот закон за декриминализација. Пензионерите ќе добијат покачување, а премиерот се отепа умилкувајќи им се. Стопанските комори се охрабрија и изнудија враќање на долговите кон нивните членки.
Како така, по нешто се придвижува. Само судството уште е црна дупка. А таму божем се правеа најмногу реформи, најмногу пари се фрлија…
Додека е дупката отворена, ништо од бизнисот.