ВРАТЕТЕ СЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:121:"Додекафамилијатаодмара,народотподуенодгравјачувадржавата

    1. Ги молам Љубчо и Љубе што поскоро да се вратат во државата. Нека присоберат уште некој од нивните што ги нема еве веќе цела недела и нека се приберат дома. Без нив ни е здодевно. Еве, ни текст не можам да напишам како што треба. Кариерата ми зависи од премиерот и министерот за внатрешни работи.
    Биваше ли на пример второмајскиот излет на тетовското Кале да мине без славната четворка Љубчо, Љубе, Ганка и Балкоски? Никој не знае каде се. Едни велат во Грција, други во Турција, а вчера се пронесе глас дека заминале дури за Дубаи… Не знаеш дали се сончаат, или вежбаат бегање во непознат правец.
    Зарем толку не не сакаат, па не оставија сами со Борис. Фамилијата нека не се грижи. Додека тие одмараат, народот ќе им ја чува државата. Имаат каде да се вратат. Се уште.

    2. Власт со ваков народ не треба да се грижи за својата иднина. Не знам зошто се исплашија и избегаа кога за Први мај народот дојде на плоштадот Македонија во Скопје за да се најаде гравче. Синдикатот вареше, а луѓето со тенџерчињата си го носеа дома за достоинствено да си ги прослават празниците.
    Власта, иако навреме се беше евакуирала, се исплаши од гравот. За време на првомајскиот протест, зградата на Собранието повторно беше опашана со железни огради. Овој пат, за да биде поцврста, оградите беа врзани една за друга со метални жици. Следниот пат, по жицата ќе пуштат и струја.

    3. Вчера славеа и борците за човекови права во Ваксинце, Слупчане и Матејче. Полицијата не смееше да патролира по кумановските села оти се одбележуваше годишнината од почетокот на минатогодишната револуција. И нормално, бидејќи ОБСЕ така сугерираше, полицијата вчера не патролираше.
    Полицијата не му треба на локалното население за парада на празници. Полициските патроли прават парада секој ден.
    И во скопското село Кондово пред една недела, жителите не дозволија влез на полицајците затоа што бил притворен некој нивен соселанец. По извесно време, блокадата беше отстранета, а претседателот на месната заедница изјави дека притворениот не неправил многу тешко кривично дело и тие знаеле дека ќе го ослободат.
    Покрај полиција, сега локалното население си има и свое судство. Претседателите на месните заедници се и претседатели на судовите.

    4. Претседателот Борис Трајковски идната недела ќе патува во Њујорк, на Конференција на ОН за заштита на правата на децата.
    Трајковски во Америка ќе има со што да се пофали бидејќи има и конкретни примери како тој лично се грижи и ги унапредува правата на децата во Македонија. Со него ќе бидат амбасадорот во Вашингтон Никола Димитров и конзулот во Њујорк Филип Петровски.

    5. Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски заедно со сопартијците Илинка Митрева и Владо Бучковски за празниците бил во Слатино, од каде што му потекнува семејството. Во амбиентот на славна Дебарца, инспирирани од партизанското минато, другарите Бранко и Бучко и другарката Илинка се подготвувале за ослободување од Љубчо и кроеле изборна политика.
    Не беше објавено дали во помалку славната Псача во Кривопаланечко одмарале другарот Тито Петковски со другарите Никола Поповски и Ѓорѓи Спасов.

    6. Кога го видов прилогот на државната телевизија за “лавовите” што им даваат храна на децата без родители, ми се натажи душата. Сите запнале Љубчо да ги расформира “лавовите”, а тие ем цареви на џунглата, ем од уста двојат за на други да даваат. Се појави дури и некојси генерал што даваше изјава како неговите луѓе тој ден се откажале од марендата за да и ја дадат на сиротите дечиња, да имале што да јадат на празникот.
    Сироти дечиња. Ем без родители, ем злоупотребени од државната телевизија и политичарите кои не знаат што да направат со проблематичната полициска единица. Колку луѓе дарувале во Домот без родители, па не заслужиле да ги дадат на централните вести на МТВ. Кој им е виновен. Не носеле наполитанки. Тие се задолжителен дел од секоја маренда.

    7. Ве поздрави Охрид. Ако се оценува според првомајските празници, оваа година охридската полиција ќе има богата туристичка жетва. Првите таблички со скопски регистрации се веќе извадени и добро наплатени. Ако не верувате, прашајте го полицаецот што правеше пазар со таблички на улицата кај Летница. Убава работа ова “крајслерите”. Имаат големи багажници и широка хауба. Поголема тезга за таблички – здравје.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира