ВТОРА СТРАНА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:81:"Настанодисторискозначење:Стевопрозборе!

    1. Замислете си ваква вест: “Денес министерот за надворешни работи на Првата страна беше примен од претседателот на Втората страна.” Или: “Амба­садорот на Втората страна во Обединетите нации денес разговараше со амба­садорот на Првата страна, во врска со најновите настани врзани за спорот на Првата страна со Третата страна”!
    Балканскиот инает се пресели и во Њујорк, па сиромашкиот Сајрус Венс со уште којзнае колку искусни експерти по меѓународно право и дипломати мораше да смисли уникатен документ, со интересно име “Привремена согласност”, што ќе го потпишат претставниците на “двете страни”. Ние досега отрпнавме на ваков тип експерименти од типот на “БЈРМ”, “ФИРОМ”, “вашата земја”,”оваа држава”, “властите во Скопје”, и слично, па и ова именување како “Втора страна” не ни се виде којзнае колку чудно. Тоа пак што Грција се согласи, само за да не се спомене ниту едно “М” од зборот Македонија, во документот да биде претставена како Прва страна, веќе претставува тема за посебна елаборација. Прашањето: До каде може да се стигне со балканскиот инает влегува во сферата на научната фантас­тика со можност од практична примена во дипломатијата.
    Вака како што изгледа, документот е добра основа за решавање на вакви слични проблеми во иднина. Може да се примени секогаш кога Првата страна со излез на море е во спор со Втората страна без излез на море… На пример, истиот документ може да важи за Австрија и Словенија. Или, за Италија и Швајцарија. Тре­ба само да се сменат потписите на Црвенковски и Папуљас. И треба да се има доволно фантазија за да можат да се смислат доволно неразумни прашања околу кои ќе се преговара и да се ангажира безмалку целата меѓународна заедница во потрага по решенија за надминување на спорот.

    2. Сега, кога нашата држава се вика Втора страна, нормално е нејзините државјани да се нарекуваат странци. Отсега ќе се чувствуваме како странци во сопствената држава. Странците зборуваат странски јазик. Веројатно затоа никој ништо не разбира.
    Проблемот е што и државјаните на Првата страна се исто така странци. Ете ти повод за нов спор околу името. Како можеме и едните и другите да бидеме странци? Ќе треба да се разликуваме по тоа што тие ќе се викаат први странци, а ние втори странци. Тоа нема никогаш да го дозволиме. Ем странци, ем втори. Небаре сме граѓани од втор ред.

    3. Изминативе денови бевме во драматично исчекување на она што требаше да се случи во Њујорк. Малата група новинари од Македонија очигледно мака маче­ше да дознае нешто повеќе за да може да им јави на матичните медиуми во Скопје. Ќе се потпише, нема да се потпише, Грците шпекулираат, Метју Нимиц шета од хотел в хотел. Ричард Холбрук го викнале од Вашингтон…
    Дописничката на Македонската телевизија се трудеше да ни ги пренесе сите можни проверени, полупроверени и непроверени информации од сите можни извори и на крајот на извештаите, речиси во очај ќе изговореше: “Се надеваме  министерот Стево Црвенковски ќе изјави нешто. “Или: “Веројатно министерот Стево Црвенковски ќе ќаже нешто малку подоцна”.
    Завчера упорната новинарка успеа да му земе интервју на министерот Цр­венковски. Арно ама, Македонската телевизија пак ја утна работата во редењето на вестите по значење. Првата вест требаше да биде настанот многу поисториски отколку  потпишувањето на спогодбата или приемот кај Бил Клинтон. А таа требаше да гласи кратко и јасно, уште во најавата на ТВ дневникот: “Добровечер, почитувани гледачи, денес Стево прозборе”!

    4. Добрата волја на Првата страна ќе ја ставиме на проверка многу брзо. За триесетина дена, кога ќе го менуваме знамето. Што ќе правиме со новото знаме? Првата страна би требала за почеток да одобри еден кредит за текстилната индустрија на Втората страна за да може Втората страна побрзо да направи замена на старите со нови знамиња. Освен тоа ќе требаат пари и за замена на еполетите на офицерските униформи, на ознаките на полицијата и секаде каде што треба да се симнува сонцето. Ако нема пари Грција, нека побара од САД.

    5. Американците во Скопје подготвуваат една детска градинка за амбасада. Околу зградата изградија високи ѕидови. Со предниот ѕид го имаат фатено и тротоарот и тревникот. Па сега подрачната единица на Министерството за урбанизам на општина Карпош им ја има стопирано градбата. Прво, според нашите урбанистички планови не смее да има повисоки ѕидови од метро и дваесет. (Се сеќавате на акцијата на уривање на ѕидовите на дворовите на Албанците од социјалистичкото време.) Освен тоа, како можат Американците да го зафаќаат и тротоарот?
    Гледам јас дека ќе ги заостриме односите со Американците. Прво Клинтон мораше да чека два дена одговор на писмото за воспоставување дипломатски односи со Македонија од Киро Глигоров. После мораше три пати да ја одлага церемонијата во Белата куќа, затоа што Црвенковски и Папуљас пимплаа со потпишувањето. Хилари била многу лута затоа што три пати ги подгревала кифличките за гостите и накрај само прокоментирала: “Балканци!” и отишла на шопинг. На крајот уште ова ни требаше! Таман Американците решија да отворат амбасада во Скопје, ние ќе им ги уриваме ѕидовите.

    6. Зошто потписите на документот важат седум години? Веројатно затоа што Папуљас и Црвенковски се раководеле од народното непишано правило дека ако бракот не “пукне” во првите седум години, после ќе има вечна љубов.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира