1 Мери им го умот на Британците. Се загрижиле дека паднал снег и ја оковал земјата. Пресметуваат колку пари изгубиле бизнисите оти луѓето доцнеле на работа, а некои не ни дошле. Плус и трошеле за дополнително загревање.
А кај нас, види колку е убаво. Ем нема снег ем не се оди на работа. И никој не се загрижува колку сме изгубиле. Оти ние не губиме. Кај нас е важно да се врти лепчето. За да видиме каде ќе падне паричката. Дали кај мама, дали кај Господ, дали во куќата… Секако некому ќе падне.
И онака не е важно каде ќе падне паричката. Важно е да се врти парата. И уште поважно е големата пара да си остане во фамилијата.
2 Им го мерам умот и на британските новинари. И тие пресметуваат колку пари се изгубени поради снегот. А ние не сме загрижени што фабриките не работат, хотелите се празни, а во државните институции не можеш да завршиш никаква работа најрано до 11 јануари. Најважно е кому од министрите му паднала паричката. Среќа што во Владата имаме и министри од ДУИ. Оти ако и тие вртеа лепче, ќе требаше вестите да траат два дена.
Ете идеја за премиерот Груевски што да прави в година. Кога веќе можеше на 31 декември да одговара на пратенички прашања, би можел в година на Божик да свика јавна седница на Владата. Па на телевизија да ги испитува министрите. Еден по еден да даваат отчет пред јавноста. Кој купил брашно, кој месел, кој гледал, кој го киснел тестото. И да им дава наредби. Не треба два пати, три пати треба да се врти….А ние после ќе правиме коментари.
Самиот се срамам што се мајтапам со македонското новинарство. Ама си викам, ако вест на денот е дека Христос се родил, тогаш зошто да не биде вест и кај кого паднала паричката. Особено што веста за паричката е нова. За разлика од онаа дека Христос се родил, која е стара веќе 2010 години.
3 Премиерот Груевски рече дека овој Бадник за првпат во 67 години паричката паднала кај мајка му.
Не помислил дека можеби досега му местела нему да му се падне? Која мајка не би била среќна синот двапати да победи на избори и да биде премиер?
По толку години вртење лепче, и Никола стана толку влијателен што може и тој некому да намести паричка.
5 До лани Црквата велеше дека палењето огнови спроти Бадник бил пагански обичај. И го осудуваше пиењето ракија околу огновите во строг пост.
Арно ама, од оваа година и поповите се фатија за ракијата. Да важеа законите за сите, и ним можеа да им накалемат некое дело од типот “благослов на пуштање во промет на јавно место на алкохолни пијалаци без платена акциза и ДДВ “. Со иконата в раце трчаа од оган до оган по скопските населби и пееја за здравје. Кумот им плаќаше. Колку? Колку ќе дадеш. Поп кусур не враќа. Важно е да се врти парата.
Во право е владиката Петар што вели дека тие не се фабрика за да плаќаат даноци. Не се фабрика. Корпорација се.
Оваа година општините даваа пари за да се купат дрва. За да горат Бадникарските огнови.
По извесно време истите општини ќе организираат автобуси за да се садат дрва.
Садење, палење, не е важно. Важно е да се врти парата.
Чув некоја пресметка дека со дрвата што ги купиле општините за бадникарските огнови цела зима можеле да се греат педесет семејства. А црквата наместо да ги благословува општините што ги дадоа парите за да ги горат дрвата, можеше да ги благослови ако им ги подареа дрвата на семејствата што не можат сами да си купат. И така и поглаварот г.г. Стефан ќе добиеше одговор на своето прашање во божикното послание: “Витлеемската пештера го смести Христос во своите јасли. А имаме ли ние место во своите срца за него? Ние денеска како да не сме подготвени ни пештера ни јасли да му дадеме”.
А богами ни дрва на сиромашните.
Ова се вика енергетската ефикасност на македонски начин. Борис Трајанов ги сади дрвјата, црквата му ги пали. Па наместо слоганот “Засади ја својата иднина”, ќе викаме “Запали ја својата иднина”.
6 Премиерот беше во Израел. Тргна по инвестиции, а таму му рекоа дека ни се инфилтрирале ќелии на Ал Каеда.
Леле мајко. Малку ни беше името и Грција. Сега уште и Ал Каеда ни фали. Среќа што оваа вест ја дозна кога беше во Ерусалим на божјиот гроб. Може му текнало на вистинското место да побара помош од Господ.
7 Владата најавува дека ќе го зголеми бројот на економски промотори по македонските амбасади низ светот.
Не треба да распишува конкурс. Нека прошетаат по плоштадот Македонија во Скопје. Продавачите од картонските кутии се најфлескибилни и со најздрав претприемачки дух. Во новогодишното лудило се продаваа ролки “Шехерезад”. Една госпоѓа имаше и рекламен натпис: “Шекрезат само 150 денари, за инат”. Зошто за инает? Веројатно заради комшијата. Сигурно неговите ролки биле поскапи.
Ете затоа ја сакам Македонија. За инает.