1. Циле правеше драма со месеци за да си ги смени своите министри. Се покажа како политичар од голем калибар. Вреди за четворица. За да стане тој потпретседател, се откажа од Кипријанова, Камбовски и од Трајанов. Убаво Радмила го фалеше лидерот дека има уривачка моќ. Го почувствува тоа на своја кожа.
Сега е на ред остварување на барањата што Демократската алтернатива принципиелно му ги нудеше на премиерот Георгиевски. На пример борбата против корупцијата и криминалот. Откако Циле се откажа од министерствата за внатрешни работи и за правда, битката против криминалот ќе ја војува преку Министерството за образование. Уште како деца, ќе ги подучува луѓето да не крадат. Така, прашањето на криминалот ќе го решава долгорочно. Бидејќи Циле не гледа од денеска за утре, туку мисли на иднината.
Овој коалиционен договор ќе трае три месеци. По три месеци, коалицијата пак ќе биде во криза. И Циле пак ќе предложи платформа за преговори. Па преговорите ќе траат уште три-четири месеци. И на крај, Циле и Љубчо пак ќе се смират. Демократската алтернатива е партија со многу интелектуалци. Така што Циле има уште кадри за давање. Нека не се грижат Александар Димитров и Боби Спирковски ако останат во Владата. И ним ќе им дојде редот, со следната платформа.
Важно е да се биде принципиелен. Кога полицијата упаѓаше по разни фирми и ги апсеше директорите, ДА принципиелно молчеше, бидејќи не сакаше да му се меша во работата на коалициониот партнер. Кога коалициониот партнер влезе во фирмата на нивниот поранешен министер Чадо, ДА повторно принципиелно се заложи за почитување на правната држава и застана во одбрана на новинарите.
Циле е принципиелен. Не може да каже “Не”. Затоа и партијата му се вика “ДА”.
2. Коалиционите партнери заборавија во договорот за идната соработка да запишат кој кого може да уапси. Ако продолжат по системот на Топилница да се апсат меѓу себе, наскоро само Арбен Џафери ќе остане нечепнат, па тој ќе мора да формира влада. Можеби затоа и задоволно изјави дека секој, ден во секој поглед, сé повеќе напредува.
Сепак, не е оваа влада баш толку наивна, па сé да му даде на Џафери. Затоа и во договорот не постои клаузула кој кого смее да апси. Во оваа држава мора да има ред. Отсега ќе апси само Доста.
И редно беше партиските војници повторно да се вратат во првите борбени редови на МВР. И тоа да се пополнат со луѓе кои имаат меѓународно искуство. Како, на пример, Љубе Бошковски. Сигурно додека продавал ќебапчиња во Хрватска учел на искуството на Туѓмановото владеење со влевање страв кај граѓаните. И што му фалеше на Туѓман? Вака, така, си проживеа 10 години.
А не тука, Павле Трајанов инсистира да се ослободат новинарите што ги уапсил локалниот велешки полицаец. А ним ништо не им фалеше. Никој не им имаше ставено лисици. Плус беа однесени со полициска “марица”, кај Ивица, за да не трошат сопствен бензин. Државата уште и превозот им го плаќа. Исто како и на Чадо. Се прави голем газда, а ваму, кога доброволно оди во полиција, не сака да оди со своја кола, туку и тој би со Марица да се вози.
Началникот е дефинитивно во право за приведувањето на новинарите и за одземањето на камерите. Остави тоа што му личеле на рекетари со камери и што не биле обележани. Со самото тоа што се претставиле како новинари, веднаш било јасно дека треба да се апсат. Затоа што за сите состојби во државата, виновни се новинарите.
Додека не ја видов прес-конференцијата на велешкиот началник мислев дека вицовите за полицајци се претерани.
3. Европската мисија ќе ни пратела мисија за набљудување. Какви што сме, скраја да е, изгледа нé подготвуваат за психијатриски третман.
Откако Европа нé исклучи, Телеком доби инспирација да ги исклучи телефоните. Сега и Електростопанство, да не остане покусо од европските трендови, ќе ни ја исклучи и струјата. Остана уште народот да го исклучат, за да не им ја расипува коалиционата идилична љубов.
Во мрак и штама лесно се владее.
4. Според коалициониот договор, министрите и пратениците не смеат да се озборуваат и да размислуваат поинаку од Владата. Сé ќе се решавало внатре во коалицијата. Кој ќе озборува, ќе биде сменет. Тоа ти се вика вистинска демократија. При следниот договор ќе им текне да ги воведат коминикеата од времето на СКМ и секое утро сложно ќе ни кажуваат што треба да работиме.
Озборувањето е многу поопасно за државата отколку ако некој министер работи против Уставот. Зашто, премиерот има право само да го предупреди министерот ако не ја извршува својата функција во согласност со Уставот и законите. Дури ако министерот, и покрај предупредувањето продолжи да работи противзаконски, премиерот има право да го разреши.
А, како ќе му кажат на премиерот дека некој работи против Уставот, кога озборувањето е забрането. Затоа Љубчо си ја обезбедува полицијата. Кога не смее јавно да се зборува и озборува, премиерот треба да има “големи уши”.
5. Премиерот решил да го продава “Фени” заедно со Топилницата во Велес. Арно ама, Чадо му ја урна концепцијата.
Во уставот е загарантирана приватната сопственост, ама ако не влегува во концептот на Владата, гаранцијата не важи. Може да ти се случи, да ти влезе дома некој локален полицаец и да ти каже: “Владата најде стратешки партнер за цела зграда, ама мора да ти го продадеме и станот. Немој да ја уриваш концепцијата, зашто ќе ти дојде Марица”.
Ако одбиеш да го продадеш станот и поради тоа не се продаде зградата, белки ќе поминеш со два-три информативни разговори. Туку, што правиме ако на Владата ѝ текне да ја продаде цела држава.