1. Денеска, Фала Богу, е молк. Малку тишина за во мир да си ги средиме мислите и за да си ги изгледаме сериите без долги паузи за политички реклами. Кандидатите кажаа што кажаа, кој разбрал – разбрал. Утре е на нас да си кажеме.
Денеска не смеам да зборувам за политика. Само имам потреба да споделам една изборна приказна што ме порази. Станува збор за двајца млади луѓе, брачен пар, интелектуалци, високообразовани, градски деца. Неодамна поднеле барање за иселеничка виза за Канада. Викаат: “Зарем вие ќе гласате? Ние не одиме на гласање”. Ги прашав: “Зошто?” , а тие најсериозно ме убедуваа: “Затоа што ќе се дознае за кого сме гласале”. Им викам: “Глупости! Како може да се дознае? Кој те гледа што правиш зад параванот”. А тие ми викаат: “Остај ти таа работа…”
Човече, после 23 години демократија и којзнае колку избори, што претседателски, што парламентарни, што локални, што референдуми, уште слушам вакви муабети. Е тоа ме порази. Се разочарав од тоа колку лесно некои луѓе се спремни да се откажат од најголемата демократска придобивка. Од конформизам ли? Од мрза ли? Од страв ли? Па тие кога веќе си избрале резервна татковина, од кого сега се плашат? Или, штом решиле да заминат, веќе не ги интересира што ќе се случува со старата татковина?
Избирачкото право не може никој да ти го одземе. И треба да си глупав ако самиот се откажеш од тоа право. Оти ако мислиш дека некој гледа што правиш зад параванот, па затоа не гласаш, тоа значи дека самиот си се откажуваш од правото да одлучуваш за својата иднина.
2. За мене, највпечатлива слика од изборните денови е кога ги гледам повозрасните сограѓани. Тие, какво и да е времето, доаѓаат на избирачките места дотерани, избричени, со фризури, со костумчиња. И гордо. Се гледа дека се радуваат. Оти изборите ги сфаќаат како празник. Тие што со години немале можност да гласаат на слободни избори најмногу знаат да си ја ценат слободата на избор.
Просто е како грав. Одиш таму, ќе ти го лакираат ноктот, ќе ти ја проверат личната карта, го земаш ливчето, одиш зад параванот и – правиш што сакаш. Ќе си се прашаш во каква Македонија сакам да живеам и ќе си заокружиш. Со своја глава и со своја рака. Со свој есап. Со свои очекувања. Со свои надежи. Со свои мотиви дали сакаш да наградиш или казниш. Со свое гледање во кој кандидат најлесно можеш да се препознаеш.
На крајот на краиштата, без разлика дали твојот глас ќе биде кај победникот или кај поразениот, најважно е дека си се обидел да влијаеш на својата иднина. Си ја покажал својата моќ. Башка што со свои пари веќе учествуваш во оние 8 милиони евра што ќе се потрошат за изборите.
3. Се разбира, имаш право и да не гласаш. Другите ќе одлучат за тебе. А ти продолжи да дрндаш по Фејсбук и да бистриш политика по комшии.