1 Синоќа се прослави 15годишнината од прогласувањето на независноста на Македонија. На говорницата излегоа и Бранко Црвенковски и Стојан Андов.
Пред 15 години, кога на истиот плоштад тогашниот претседател Киро Глигоров свечено ги објави резултатите од референдумот, а тогашниот премиер Никола Кљусев ја пееше химната и му диригираше на славеничкиот народ, на сцената не беа Стојан Андов, тогашен претседател на Собранието, и Бранко Црвенковски, тогашен лидер на СДСМ.
Андов во една пригода рече дека тогаш бил во Грција за да испита како јужниот сосед ќе реагира на независна Македонија. Бранко и по 15 години не објасни каде бил скриен и што испитувал дента кога сите славевме.
Двајцата стигнаа да прозборат за независна Македонија со 15 години задоцнување.
Колку што доцнат тие на сопствената прослава толку и Македонија доцни зад другите во регионот.
2 Има право Груевски кога вели дека именувањата на Габриела Коневска Трајковска за вицепремиер и на нејзиниот сопруг Горан Трајковски за директор на Управата за јавни приходи не е непотизам. “Нема непотизам во владините назначувања”, рече Груевски во Волково. Непотизам е ако е близок роднина. Маж и жена не се роднини.
Груевски рече дека за сопружниците Трајковски и за братучедот Мијалков се консултирал со правни експерти. Коневска не гласала на Влада кога го избирале директорот на УЈП. Дури и излегла од седницата. Не сакала да чуе за мажот ѝ.
“Се работи за професионалци кои имаат свој бекграунд и, како што вели законот, во такви случаи нема простор за непотизам”, вели Груевски.
Пред четири години владеењето на СДСМ почна со голема афера токму на тема непотизам. Настрадаа жените на Андреј Жерновски, Зоран Шапуриќ и на Рубинчо Заревски и сопругот на Лиле Поповска. И тоа само затоа што станаа членови на управни одбори, жена му на Заревски се вработи, а сопругот на Поповска стана директор на Македонското радио каде што цел живот работи. Како што би рекол Груевски: “Се работи за професионалци кои имаат свој бекграунд и, како што вели законот, во такви случаи нема простор за непотизам”.
Со кои експерти се консултирал Груевски? Со Михајло Маневски? Или можеби со Слаѓана Тасева? Таа има што да каже на темата непотизам, оти не е стручњак за конфликт на интереси. Ем во “Транспарентност”, ем во антикорупциска комисија, ем директор на Полициска академија, ем на пат во странство, ем за Канал 5 изјави дека политиката не треба да врши притисоци врз работата на Антикорупциската комисија”. И не треба. Кога веќе самата Антикорупциска не се меша во својата работа.
3 Новиот министер за труд и социјала Љупчо Мешков во средата не се појави како обвинет во скопскиот основен суд.
Неговиот адвокат рече дека клиентот бил во Влада. Наместо во судница морал да биде на седница.
Во случајот со Љупчо Мешков, Груевски не згрешил за непотизам. За криминал не е докажано.
4 “ТМобиле” заврши една работа за Скопје. Го подари осветлувањето под Камениот мост по концертот на “Пет шоп бојс” во Скопје. “ТМобиле” ни помогна да го гледаме мостот од далеку ноќе. Ама уште имаме проблем да одиме преку него. Оти таму нема светла. А во Градот велат дека ќе нема уште најмалку една година.
Сега на ред е “Космофон” да го осветли мостот од горе.
Тоа нема да биде доволно. Некој ќе мора да ги менува светилките кога ќе прегорат. Но има и уште пострашна работа. Некој ќе мора да ја плаќа и струјата.
Затоа Владата под итно нека избира трет мобилен оператор.
5 Илјадници Англичани во средата се истоварија во Скопје. Неколку часа ни беа гости и супер си поминавме.
Бевме добри домаќини. Го изгубивме натпреварот. И не ги теравме да играат оро за да влезат во Македонија.