ЗАКЛУЧЕНА ВРАТА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:222:"ДабешеизвршенатентатврзгосподинотГлигоров,наместоврзпретседателотГлигоров,светотвоопштонемашедасепотресе

    1. Зошто полицијата воопшто се труди да ги пронајде терористите што го извршија атентатот врз претседателот Глигоров? Зошто ли во државава ни дојдоа експерти за антитероризам од разни земји на светот да ни помогнат во открива­њето на злосторниците?
    Нема никаква потреба. Ние имаме доволно експерти. Се покажаа. Седат во Парламентот, во партиските седишта, по кафеаните… Имаат тези, контратези, разни сознанија за заговори… Џабе му е на потсекретарот во МВР Диме Ѓурев кога објаснува дека е оптимист и дека полицијата има корисни траги. Што е битна полицијата во целиот овој случај. Што се битни трагите. Битно е што мислат политичарите. Тие ги знаат атентаторите.
    Полициската истрага е на самиот почеток. Политичката истрага веќе ги пронајде виновните.

    2. Посебна приказна е како фамозното усогласување на грчко-македонскиот меморандум го доживеаја новинарите од македонските медиуми. Веројатно само кај нас може да се слушне ваква формулација во дневникот на државното радио: “Дознаваме од грчки новинари, блиски на грчката делегација”. И што е уште потрагично – тоа е гола вистина. За време на преговорите на македонската и грчката делегација во Скопје, главниот извор на информирање беа грчките новинари, а разговорите се водат во Министерството за надворешни работи на Македонија!!!
    Ништо чудно, затоа што македонското Министерство за надворешни работи и овој пат остана доследно на практиката домашните новинари да ги смета како државни непријатели на кои ништо не треба да им се каже. Настрана податокот дека сите претставници на медиумите од Македонија среде Скопје беа помало­бројни отколку новинарите и телевизиските екипи што специјално допатуваа од Грција. Настрана и податокот што членовите на грчката преговарачка делегација редовно доаѓаа во “Гранд”-хотелот и ги брифираа своите новинари како течат разговорите. И, место Грците да се “гребат” од нас за информација, ние моравме да одиме во хотелот, да се “гребеме” од нив. Колку за потсетување, преговорите се водеа во Македонија.
    Кога видоа во македонското Министерство за надворешни работи дека постои оправдана опасност некој новинар да им се појави во зградата и да се обиде да праша нешто, барем и основната информација, до кога треба да чекаме, веројатно како мерка за безбедност кон државните непријатели ја заклучија влезната врата однатре. За секој случај. Тоа што група новинари како идиоти чекавме пред заклучена врата, на прометна улица во центарот на Скопје, веро­јатно им беше смешно на станарите од околните згради и на минувачите, ама кој ни е виновен што сме решиле да се занимаваме со новинарство во оваа држава.
    Некој побара телефон? Таман работа! Видете колку ве има! Среќа што отспротива има повеќе продавници, а продавачите имаат повеќе чувство за односи со јавноста отколку во Министерството со заклучена врата. Ќе ви откријам една тајна. Завчерашните извештаи испратени за централните дневници на државната телевизија, приватната “А1”, и за нашиот весник беа диктирани од продавницата за мебел спроти Министерстсвото за надворешни работи. Продавачите можеби не знаат како изгледа еден прес-центар, ама видовме, сочувствуваа со нас. Им благодариме.

    3. Конечно нé примија во ОБСЕ. Никој особено не се потресе, немаше специјални емисии, ниту еден функционер не се појави со изјава од типот “уште една победа на македонската дипломатија”… Дури имаше и двоумења како да се пласира веста – како прва, или по билтенот за здравствената состојба на прет­седателот на државата.
    Забележавме само тонско јавување на дипломатскиот претставник на Македонија во Виена, кој на репортерот на телевизијата “А1” на прашањето: “Како ни се обраќаа, со кое име?” одговори: “Некои ни се обраќаа со нашето име, а некои со референцата што ВИЕ ја споменавте”. Не дај боже дипломатот да ја спомене референцата што новинарот ја споменал. Којзнае, можеби има некоја наредба според која секој дипломат што од она “БЈРМ” ќе го спомене само зборчето “бивша” и тој ќе стане бивш дипломат.
    Патем, супер што неодамна Метју Нимиц ни го измисли тој збор “референца”. Ни стана најомилен кога не сакаме да зборуваме за она “БЈРМ”. Прво велевме “привремено име”, потоа “провизорно име”, па “описно име”. Ова “референца” – здвучи најубаво.

    4. Не знам до каде стигне ВМРО-ДПМНЕ со упорното инатчиско веење на сега веќе старото знаме со шеснаесеткракото сонце. Не знам како не сфаќаат дека со тврдоглавото инсистирање дека не ја прифаќаат спогодбата со Грција и не го прифаќаат новото државно знаме полека се маргинализираат во меѓуна­родната јавност. Кој ќе ги смета за сериозен партнер во странство, доколку на следните избори тие дојдат на власт, имајќи ги предвид изјавите дека тие не почитуваат меѓународни договори. Особено што зад таа спогодба стојат САД и Европската унија. И не знам зошто упорното инсистирање на тоа дека е извршен атентат врз господинот Глигоров, а не врз претседателот Глигоров. Нели самиот Љупчо Георгиевски во првата изјава, на самиот ден на атентатот, изјави дека тоа е напад врз највисоката институција на државата. Да беше извршен атентат врз господинот Глигоров, како што инсистира ВМРО-ДПМНЕ врз основа на својата  теза за нелигитимната власт, а не врз претседателот Глиговор, не сум сигурен дека светот толку многу ќе се потресеше, како што тоа го направи овие денови. А и ВМРО немаше да држи прес-конференции.

    5. Во Прилеп некој секоја вечер пишува графити со навредлива содржина. Полицијата досега не ги фатила пишувачите, иако графитите се во центарот на градот. Полицијата само ефикасно секое утро ги пребојадисува ѕидовите. Така и МВР може да се чита како “Молероваросувачки работи”.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира