1. Собранието на Македонија покажува невидена активност во правец на меѓународното признавање на државата. Кога слушнаа дека пратениците на Долниот дом на британскиот парламент си ги замрзнале платите до крајот на годината, во овие тешки предединбуршки денови на искушение и македонските пратеници си рекоа дека би било добро малку да им се улизуваат на своите колеги од Островот. Па покажаа невидена меѓународна солидарност. И тие се замрзнаа. Нема да работат до Единбург.
Одлуката за замрзнување на платите парламентарците од Британија ја донеле поради општата состојба во земјата, тешката рецесија и големите економски тешкотии на поголемиот дел од населението. Нашите парламентарци, како што е општо познато, ги немаат тие проблеми. Жртвувањето од работата е чисто на солидарна основа. Настрана што македонските пратеници се цврсто убедени дека со овој гест ќе ги разнежат срцата на студените Британци, па овие ќе ги наградат со признавање во Единбург. Да не е така, сосема би била беспредметна некоја слична одлука на нашите парламентарни избраници. Прво, затоа што Македонија не е исто што и Британија. Тие возат на лева страна, ние на десна. Нивната одлука е образложена со општата состојба во земјата, а кај нас општата состојба е супер. Тие имаат тешка рецесија, ние немаме ни економија, па не можеме да имаме ни рецесија. А кога немаме економија, не можеме да имаме економски тешкотии.
Разликата е очигледна. Затоа и пратениците различно се солидаризираат со избирачите. Британците ги замрзнуваат платите, нашите ја замрзнуваат работата. Кој им е виновен што наместо Џон Мејџор не си го избрале Бранко Црвенковски за премиер. Ќе си имаа секој први во месецот свежо отпечатени фунти.
2. Пратениците со ова замрзнување на работата “до Единбург” покажуваат резон на малолетници. Мислат дека со одложувањето на расправите за жешките теми ќе ги избегнат проблемите. А тие си остануваат.
Слично постапува и мало дете кое се плаши да оди на заболекар. Таман кога ќе му дојде датумот однапред закажан за поправка на некој заб, ќе смисли илјада и една причина зошто токму тој ден не може да оди. И така неколку пати. Додека не почне да отекува, а забот да го боли. Тогаш веќе е доцна. Ќе мора да му го вадат.
3. Тоа што дома не работиме, успешно го компензираме со работа надвор. Ете, учествувавме на Конференцијата во Истанбул за Босна и Херцеговина. Како и лани, кога цело време го решававме проблемот на Босна, па затоа дури во декември побаравме меѓународно признавање. Со активностите надвор и “замрзнувањето” дома, човек не може да биде сигурен од каде всушност ѝ се заканува најголемата опасност на Македонија.
Тоа што Собранието не работи, за да не ги вознемирува духовите пред самитот на ЕЕЗ во Единбург, логично го наметнува заклучокот дека најголемата опасност по мирот во државата се пратениците. Ако е така, нека престанат највисоките државни раководители секојдневно да нé плашат со војна, со познатата фраза дека”опасноста од неа е реална”, без притоа да ни кажат кој ќе не нападне, со какво оружје, со што ќе се браниме и слични воени прикаски што му го одвлекуваат на граѓанинот вниманието од секојдневните основни животни проблеми, кои државата никако не успева да му ги реши. А така е затоа што Собранието не работи. Ако според нивната логика работата на парламентарците би предизвикала војна, зошто тогаш не ги распуштат и не закажат нови избори?
4. Муабет слушнат во редиците за молби за откуп на државните станови:
“Како може секој ден прво да ни кажуваат дека сигурно ќе има војна, а потоа да нé тераат да ги купуваме становите? Па, кој е будала заштеденото да го даде за нешто што ќе му биде уништено?”
5. Во целата збрка, сосема незабележано, помина појавата на оган од еден од оџаците на Рафинеријата во Миладиновци. Беше тоа ден за прослава, ако не и за прогласување на национален празник, ама не беше тука вицепремиерот Јован Андонов да ја пушти Рафинеријата во подготвително производство.
Шеикот од Македонија продолжува со ширење на оптимизам и влечење на маестрални потези. Минатата недела беше крајно изненаден од новите санкции на ООН, ама за кусо. Веднаш отпатува за Софија и таму издејствува Резолуцијата 787 да не биде никаква пречка за транспортот на нафта за Македонија од Бугарија, преку Србија.
Сила е Андонов. Посилен и од Советот за безбедност.
6. Утре е 29 ноември. Српско-црногорската СР Југославија глуми наслесдничка на старата Југославија и ќе ја празнува годишнината на Второто заседание на АВНОЈ. За таа цел мораа повторно да го “ослободуваат” Јајце.
За да нема забуни, вчера кај нас се огласи Министерството за труд и социјална политика со соопштение во кое се вели: “Во врска со претстојните денови 29 и 30 ноември, Министерството соопштува дека овие денови не се празнуваат, односно се работни за граѓаните на Република Македонија.”
Јас ја почитувам власта. Штом така вели Министерството, иако 29 ноември е в недела – морам да одам на работа.