1. Зошто претседателот Киро Глигоров им кажа прво на Словенците, а потоа и на Русите дека неговото семејството нема да се согласи да се кандидидира и за трет мандат, токму на почетокот на годината во која треба да се одржат редовните парламентарни избори? Можеше да почека барем до изборите. Во СДСМ велеа дека тој им бил најдобрата инвестиција на минатите избори. Не е фер од него сега да ги остава сами во партијата, раскарани меѓу ханџовисти, титоисти и фрчковисти. Да имаше Бранко Црвенковски четириесет години, ќе го решеше проблемот – ќе го кандидираа него за претседател. Вака, тешко дека ќе можат да изберат кандидат што би им бил барем пристојна замена за досегашната инвестиција.
Глигоров ги стави на мака. Сега ќе мора да седнат да го убедуваат дека не мора баш постојано да го слуша семејството. Освен тоа, според овој устав, откако претседателот се избира на општи и непосредни избори, а не во Собранието, нему во 1999 година би му почнал втор мандат. Не му држат ни објаснувањата дека не сака да ја дочека Титовата старост како претседател. Има време до 88 години. На таа возраст, да сме здрави и живи, Глигоров би бил дури кога ќе му заврши и тој мандат во 2004 година. Освен тоа, изјавите беа дадени во странство. Не мора да важат и дома. Во политичката практика кај нас нема да биде првпат нешто да се каже, а потоа да се одрече.
Ако со овие аргументи не успеат да го разубедат, нема друго – ќе мораат да го менуваат Уставот. До есен, додека уште можат да соберат доволно гласови, нека го избришат оној член кој не дозволува претседателот да има помалку од 40 години.
На минатите избори Глигоров извикуваше: “Не оставајте ме сам!” И – по логиката: “Гласаме за Киро!”, СДСМ ги доби сите оние места во Парламентот што му овозможија четири години да си владее без контрола. Да не се случи наесен Бранко Црвенковски да му вика на Глигоров: “Не оставај нé сами!”.
2. Во меѓувреме, додека СДСМ не успее да пронајде нова инвестиција, на претседателот му останува да го реши инвестирањето во западниот коридор, преку кој ќе се транспортираат Албанците што ќе бегаат од Косово. Тоа нема да биде особено тешка задача, зашто кај нас и досега, и без коридори, Албанците што бегаат од Косово беа добредојдени, особено кога ги бидува да основаат универзитети или да ја развиваат мултиетничката и мултикултурната слика за Македонија со знамиња и химни на туѓи држави.
Бидејќи претседателот знае дека на Косово ќе пукне и бидејќи знае дека од таму ќе бегаат Албанците, и тоа со стотици илјади, и бидејќи уште од сега се знае дека тие нема да бегаат директно преку граница во Албанија, туку преку Македонија, ние ќе им направиме коридор. Ама, бидејќи за западниот коридор уште не ни дале пари за пруга, не ќе можеме бегалците да ги ставаме во вагони и да ги заклучуваме однадвор, па тие како коридор ќе ја користат целата наша територија.
На овој начин може конечно да се реши македонското прашање и тоа повеќе да не му претставува главоболка никому. Едноставно, кога преку коридорот ќе влезат толку Албанци, Македонците ќе станат малцинство. Бидејќи македонското малцинство и онака никој не го признава, проблемот е решен. Нема Македонци, нема проблем.
Западниот коридор би бил и интересен вежбовен полигон за Војската на Југославија. Кога веќе претседателот зазеде страна во можниот иден судир, веројатно ја има на ум можноста , српската војска, по урнекот на турската што ги гони курдските терористи и отаде границата во Ирак, да ги гони албанските терористи и кај нас. Па, по неколку години, ЈНА пак да си се врати во напуштените касарни во западна Македонија. Само што сега ситуацијата е поинаква. Ние на Криволак ќе си го имаме НАТО. На тој начин повторно ќе влеземе во историјата. Во бившата СФРЈ, ЈНА беше обучена да се бори против евентуалниот напад од страна на НАТО, кој би дошол од запад. Сега, за првпат, НАТО ќе биде источно од ЈНА.
3. Идната недела, во Вашингтон ќе се одржи традиционалниот молитвен појадок кај американскиот претседател Клинтон. Традиционално, и од Македонија ќе има присутни на појадокот и, традиционално, медиумите ќе се занимаваат со тоа кој со кого седел на маса и колку бил оддалечен од Клинтон.
Слушнав дека меѓу поканетите од Македонија е и претседателката на Комисијата за надворешна политика на Собранието Илинка Митрева. Да се надеваме дека госпоѓата Митрева ќе седи на некоја маса пооддалечена од масата на американскиот претседател, така што да не може да ја забележи. Не за друго, туку, како што Клинтон им бара на сите по ред, да не ѝ побара и на нашата Илинка.
4. Судењето на Аце Циганот во Основниот суд 1 во Скопје е вистинска револуција во македонското правосудство. Салата е реновирана, новинарите се сместени во галерија, има микрофони и звучници, судиите се облечени во тоги, па дури и машините за пишување од бившата Источна Германија се заменети со електрични.
Гледајќи ги снимките од судењето на телевизија, Аце Циганот по малку ме потсетува на Ранду од серијата “Касандра”. Обвинетите и одбраната, кога ќе го земат микрофонот в раце, мислиш ќе имаат настап и ќе почнат да пеат. Целата атмосфера по малку потсетува на секојдневните сцени од нашиот живот. Имаме херој на улицата, приказна за доброто и злото и евтина забава за народот. Трите стожери врз кои во моментов се потпира Македонија се тука: Аце Циганот, “Касандра” и “Вашите пет минути”.
5. Што му требаше на Глигоров сега да оди во посета на Русија. Ете и Елцин се откажа од трет мандат. Кучан не успеа да го убеди Киро, ама Киро го убеди Елцин.