Пак ми се оди на Маурициус на одмор…
И лани ми се одеше…
Арно ама, патриотските пориви подзасилени со строгите визни режими за граѓаните на Македонија и високата плата од цели 200 марки ќе ме одведат во Охрид. Престојот во градот на словенската писменост и култура има и свои предности. Особено ова лето. Пред изборите што никој не ги најави, ама сите знаат дека ќе ги има, политичките јунаци таму ќе фаќаат боја и кондиција за предизборната трка.
Дали политичките јунаци ќе ги здогледам на плажа, порано или подоцна, најмногу ќе зависи од пазарното расположение на “Макпетрол”. И јас сум еден од оние глупавите што токму сега, во невреме пред Илинден решиле да патуваат. А “Макпетрол”, продолжувајќи ја својата традиција откако Македонија се осамостои до денес, веќе трета година на Илинден нé присилува да му се поклонуваме пред бензинските пумпи. И да им аминуваме на смешните образложенија дека бензин нема зашто премногу го трошиме. Уште малку, па да седнеш да ги жалиш, да ги плачеш, колку работат, а не можат да постигнат. Ненаситен народ!
Седете ми со здравје. Нека Ви е честит новоустановениот празник “Св. Макпетрол и два милиона маченици”. Сé ми се чини дека и вгодина ќе ми се оди на Маурициус.
Во Скопје, 30 јули 1993 г.