1 Луѓе, не нема на телевизија. Всушност, не дека не нема, ама кажуваат за нас онака патем, колку да пополнат време во вестите.
За време на овие избори не бев во Македонија. И текстов го пишувам надвор од земјава. Се погоди и за ланските избори да бидам на одмор, ама тогаш нервозно зјапав по странските канали и извештајот за нас секогаш одеше зад извештајот за изборите во Зимбабве.
Да не се подречеме, оти допрва не чека вториот круг. Ама барем од првиот, власта и партиите можат да научат некоја лекција од граѓаните. Оти, не се граѓаните тие што се политички незрели, туку тие што ни ги организираат изборите и што учествуваат во нив.
Првиот изборен круг покажа дека кога државата си ја врши саглам својата работа Македонците не да се демократи, туку се исти како и сите оние граѓани во кои изборите се толку здодевни што одвај наоѓаат триесетина секунди во вестите на странските телевизии. За жал Македонците 19 години им веруваат на лажговции и манипулатори на кои им одговара да не третираат како овци. Или си во едно, или си во друго стадо. Или те води еден овчар, или друг. Белким после 19 години се свестивме. Оти на 22 март имаше снег, па и ние имавме скандинавски избори. Белким нема сега кога ќе пукне сонце на 5 април пак да ја оплескаме.
Зошто велам дека не водат лажговци, кои манипулираат со својата неспособност оти не можат да бидат ефикасни?
– Затоа што 19 години не плашат со меѓуетнички тензии, во 2000 година дури и војна ни направија. А на 22 март над 50 илјади етнички Македонци гласаа за Имер Селмани. И тоа не затоа што е Албанец, не ни дека е лидер на некоја голема партија, туку затоа што остави впечаток со неговата личност. Конечно и затоа што имаше храброст да се стави македонско знаме и да отпечати билборди на македонски јазик. Гледам, не му падна круната од главата. Напротив. Тој е моралниот победник на овие избори.
– Затоа што не лажеа дека во Македонија не може да има мирни избори. Дека има една Македонија тука и една таму, на север и запад. Дека има борци за човекови права кои пукаат и полнат кутии. Е па сега, кога меѓународниот фактор конечно реши да не го оправдува пукањето како дел од етничката традиција на изразување емоции при свадби и сунети и кога никој ни збор не кажа оти имаше многу полиција која би можела да го преплаши локалното население, излезе дека и во западна и во северна Македонија можело нормално да се гласа.
Да се надеваме дека сега конечно им стана јасно тоа што сите нормални политичари во сите нормални држави го знаат. Дека кога државата е на место и си ја врши својата работа, тогаш има и демократија.
2 Се сеќавате дека на ланските избори СДСМ одеше со некои спотови демек “после онаа работа нема каење” и носеа маички со натписот “Социјалдемократијата е секси”.
Џабе е ако си секси, а не се сексаш. На Македонија сега повеќе од било кога и треба левица што е секси, ама да се секса и да не користи вијагра. Оти додека левиве самозадоволно се одушевуваат дека и лидерот, а и тие се многу секси, овие десниве ги отепаа од сексање.
3 Прочитав дека на последното соочување на претседателските кандидати Агрон Буџаку повторно ја споменал идејата што во јануари на албанска телевизија ја кажа неговиот лидер Али Ахмети. А тоа е дека ќе бара ВМРО-ДПМНЕ да поддржи Албанец за претседател на Македонија во 2014 година.
Е па се покажа дека Македонците можат да гласаат за Албанец. И тоа не по пет години, туку – сега. Овој пат можеби паднаа само на сликањето пред државното знаме на Република Албанија. По пет години ќе бараат повеќе.
И јас би поддржал Албанец. Само сакам да чујам од него и од неговата партија како ќе го осуди неплаќањето струја, вода и даноци и не сакам да се жали на загрозени права кога полицијата ќе апси криминалци. И конечно сакам да вети дека веќе никога нема да се пука на избори, па макар колку и да било тоа во нивната етничка традиција.
Не сфаќам и зошто ВМРО-ДПМНЕ во јануари веднаш нервозно реагираше дека тие нема да поддржат Албанец за претседател.
Само ние тука мислевме дека и Америка не е спремна за претседател Афроамериканец. Изборот на Обама не е историски поради неговата боја на кожата. Туку поради победата на неговите политички верувања и делувања.
Затоа и ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ нека престанат со приказната кого ќе поддржеле и како ќе поддржеле. Белким за пет години овој народ ќе сфати дека наместо да му верува на својот пастир, ќе мисли со своја глава. Па ќе избира според тоа дали некој го бива, или не, а не дали е Албанец или не е.
4 Оти одвај чекам да станеме нормална држава во која има здодевни избори. Сакам да живеам во ептен здодевна Македонија во која од резултатите на гласањето не ми зависи ни работата, ни репертоарот во театарот, ни дали ќе изгубам, или ќе добијам на суд, ни дали ќе завршам работа во катастар, ни дали ја смениле директорката на градинката и училиштето, ни дали ќе ме прегледаат и оперираат наутро со сино картонче, или попладне со дополнителна работа на лекарот и со пари…
И кога ќе бидам на одмор како што сум сега и кога, здравје Боже пак ќе треба да го пишувам “Сакам да кажам”, не сакам да ја гледам мојата земја на странски телевизии. Освен ако има некој спортски пренос или, евентуално рекламен туристички спот.
Не сакам да ме има на Си-Ен-Ен.