ЗЕЛЕНО ПАЗАРЧЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:223:"Каковлезетбиималокарањетоаконетедознаецеломаало?ИстокакодасиспиелсоАнџелинаЏолииникомуданесепофалиш.

    1 В понеделник ќе има нова лидерска средба. Ја закажа премиерот Никола Груевски. Соопштението од неговиот кабинет беше пуштено по електронска пошта во 2.15 часот по полноќ.
    Зошто работеле толку доцна? Чекале да си легне Бранко, па дури откако ќе заспие да го пуштат соопштението. Оти, ако јават за лидерска средба додека Бранко е буден, пак ќе им смисли некоја ѕврчка.

    2 Евроамбасадорот Ерван Фуере завчера им порача на Претседателот и на премиерот дека кога веќе се караат, не е убаво тоа да го прават јавно.
    Тој Фуере како да не е од тука. Се прави “на Енглез”. А тој е Ирец.
    Фуере би требало да знае дека ако Бранко и Никола се караат тајно, никој нема да се потресе. Каков лезет би имало карањето ако не те дознае цело маало? Исто како да си спиел со Анџелина Џоли и никому да не се пофалиш.
    Проблемот е што ако Претседателот и премиерот се караат тајно, ќе мора нешто и да работат. Замислете да ги нема со кавгите, барем еден ден. Како ќе ги преживееме сите вести? Ќе нама вести. Сите ќе се загрижиме да не им се случило нешто. Или ќе прашуваме каде се и што работат. А бидејќи се Претседател и премиер, ќе бараме и некакви резултати од работата. Вака ем тие лезет си тераат ем ништо не мора да работат .
    Успеаја да нѐ убедат дека нема ништо поважно во оваа држава од нивните кавги. И ние сме среќни со тоа.

    3 А има ли нешто поважно? Еве, цел свет се потресе од глобалната економска криза, се затвораат банки, паѓаат берзите, паѓа потрошувачката… Секаде прва вест е дали светот ќе се спаси од рецесија.
    Само нам не ни е гајле. Ние си ги имаме Бранко и Никола со нивните досетки.
    Еден македонски берзански аналитичар рече дека има денови кога Македонската берза бележи промет помал и од прометот на Зеленото пазарче во Скопје.
    Во држава во која Претседателот и премиерот се караат како на пазар, нормално е и Берзата да има промет како Зелено пазарче. А и политичарите се зелени.

    4 Тоа не важи за Бранко оти тој во меѓувреме созреал.
    Се сеќавам дека во 1989 година, кога беа познатите вевчански настани, Бранко, како дел од либералното и напредно крило на тогашниот СКМ, им порача на старите комунисти: “Не карајте се како стари баби”.
    Растот на државникот продолжи и во времето на плурализмот. Кога се караше со ВМРО-ДПМНЕ во времето на Љубчо, го запаметивме со изјавата: “Со ситни души држава не се прави”.
    Бранко созрева. Станува ист како нив. Само нема помлад кој ќе му го каже истото нему.

    5 И малите деца знаат: Кога двајца се караат, третиот користи.
    А трети околу Македонија има многу. А богами и во Македонија.

    6 На 8 октомври во Генералното собрание на ОН во Њујорк ќе се гласа за предложената резолуција на Србија со која се бара Меѓународниот суд во Хаг да се изјасни за законитоста на независноста на Косово.
    Македонија нема поим како ќе гласа. Затоа што уште не знае како да го признае Косово, а да не се налути Србија.
    Најдобро е ние да си купиме торта од слаткарницата “Ринија”. Ќе ја замрзнеме за да може да се најде во повеќе случаи.
    Ќе пратиме едно парче торта за претставникот на Македонија во ОН. Така Македонија нема да биде ни “за”, ни “против”, ни “воздржана”. Претставникот на Македонија ќе биде оправдано отсутен.

    7 Поранешната лидерка на СДСМ Радмила Шеќеринска на една лидерска средба околу Нова година на колегите им однесе колачиња.
    Да не му се наоѓа на некој дома замрзнато парче торта од “Ринија”? Да им пратиме на лидерите в понеделник во Клубот на пратениците да се заблажат.
    Така брзо ќе се доведат во состојба на оправдано отсутни. И оправдано ќе избегнат да го кажат ставот за името.
    Се плашам дека се високоотпорни на надворешни дразби и влијанија. Има опасност да бидат дополнително инспирирани за да им тргне течно политичкиот дијалог.

    8 Европското првенство во ракомет за жени го добивме пред четири години. Ама, на два месеца пред одржувањето не се знае дали ќе го организираме.
    Затоа, ја поздравувам идејата на Владата за изградба на ски скокалници. Уште сега, навреме да се пријавиме за термин за новогодишната турнеја “Четири скокалници”.
    Локацијата на скокалниците се држи во тајност. Галиба ќе никнат врз стокатниците спроти “Холидеј ин”. Груевски свечено ќе ја отвори првата скокалница. Прв ќе скокне. И ќе каже “Оп”.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира