1. Пред десетина дена, министерот за одбрана Лазар Китановски најави дека ќе бара партнер за Македонија. И партнерот му пристигна во четвртокот. Избраникот на нашето срце е американскиот генерал Весли Кларк, командант на НАТО за Европа и прв човек на европската команда на силите на САД. Министерот, од хеликоптер, на зетот му го покажа и имотот на невестата и тамам кога требаше да дадат збор, излезе дека стројникот и кандидатот не се разбрале. Генералот ја згреши невестата. Лазе му ја нудеше Македонија, а на војникот повеќе му се бендисала Владата.
По изјавата на американскиот генерал за определбата “да продолжиме со обезбедување помош и поддршка за оваа многу важна влада, овде во Македонија”, ме фаќа страв да не му текне на командантот, со сета сила што ја има, да ни ја грабне Владата. Само да не се разочара по првата брачна ноќ, па да ни ја врати назад. Тоа ќе биде уште пострашно.
Веројатно имало и други примери кога американски генерали посетуваат туѓи земји и изјавуваат дека ја поддржуваат токму оваа влада. Кога воено лице поддржува политичка влада, тоа обично потсетува на некоја латиноамериканска банана држава. Ама кај нас не е така, бидејќи “оваа влада” е “многу важна”. Поважна – здравје!
2. Генералот Кларк е толку заинтересиран што мисли оваа Влада, што сосема го игнорираше преводот на изјавата на министерот и додека Китановски зборуваше, гостинот, пред очите на новинарите, си се тргна настрана да си прави муабет со амбасадорот Кристофер Хил. Веројатно пресметувале уште колку селски патишта останаа непуштени и од колку чешми треба да потече вода, за да може да се насочи поддршката во предизборните активности на владината коалиција.
Да ја дадеше генералот оваа изјава порано, можеби Владата на Македонија немаше да се прави важна и ќе дозволеше во рамките на “Решителен сокол”, НАТО да го користи и Криволак. Изгледа не сме им ја сфатиле намерата. Тие не ни мислеле од Криволак да напаѓаат други држави. Тие имале намера да напаѓаат други партии. Сепак, има време за поправки во однесувањето. Во септември ќе се одржи голема вежба. Во предвечерието на изборите, не ќе е лошо НАТО војниците да вежбаат на симулирано сценарио: Како да се одбрани СДСМ од евентуален изборен пораз?
3. Амбасадорот Хил изјавува дека бомбите што во последно време пукаат низ Македонија не се толку сериозни, бидејќи не предизвикале жртви и материјална штета. Но затоа, пак, полицијата сериозно си ја врши работата. Ете, успеала да го открие типот на експлозивот на бомбите во Куманово и “неофицијално” им го кажа тоа на дописниците на сите медиуми. Официјално, никој уште ништо не кажува.
Минатиот пат, на шега прашав, да не заскитал случајно министерот Томислав Чокревски, па го нема никаде. Арно ама, ситуацијата е сериозна. Овој пат, навистина сум загрижен што се случува со министерот. Да не го уапсија?
Потврда дека Чокревски е сериозно исчезнат, даваат и дневниците на државната телевизија. Помина цела недела, а Бранко Црвенковски го нема во “Дневник плус”. Сигурно и тој лично тргнал да го бара Чокревски.
Единствено му остана да се надева дека министерот за внатрешни работи му е на некоја специјална задача. Можеби го ставиле во карантин. Како што спортистите ги ставаат во карантин пред некој значен натпревар, и Чокревски е изолиран пред Илинден. Полицијата мора да биде организирана и подготвена да не ѝ се случат инциденти како минатогодишните. На приодните патишта кон Крушево се контролира дали патниците со себе носат и разни течности во пластични шишиња. Ако веќе државното првенство во плукање во далечина треба да прерасне во традиционално, забранети се други стимулативни средства.
4. Што толку се испотресовме дека на Институтот за радиологија и онкологија била неисправна кобалт бомбата за зрачење на болните од рак, кога другите бомби беспрекорно функционираат. Плус, велат дека во моментов Македонија и Албанија се единствените земји во Европа без таков апарат за зрачење. И дека, според бројот на жителите, во Македонија требало да има шест такви апарати – што бомби, што акцелератори. А кај нас веќе беа активирани девет бомби. Што значи дека пукаме од здравје. И од радост што по толку упорна, повеќедецениска работа успеавме да ја стигнеме Албанија.
5. Вчера и завчера, во официјална посета на Македонија требаше да престојува министерот за надворешни работи Робин Кук. Гостинот не допатува, поради тоа што морал да присуствува на седница на Парламентот.
Пред извесно време, кога Собранието на Македонија требаше да расправа за интерпелацијата на потпретседателот на Владата Насер Зибери, расправата беше одложена бидејќи Зибери беше на службен пат во странство.
Додека во Велика Британија министрите ги одложуваат патувањата поради седници на Парламентот, кај нас Собранието ги одложува седниците поради патувања на министрите.