1. По реконструкцијата на Владата, премиерот Љубчо Георгиевски треба да направи и реконструкција во најтесниот кабинет. Прва треба да биде сменета советничката Мина.
Георгиевски најави дека војната ќе заврши за една недела. Не кажа само во колку часот. Толку беше убедлив во тоа што го зборуваше, така што помисливме дека има некој многу сигурен извор. Му шепнала гледачката Мина. Бидејќи Мина погрешила во прогнозите, можно е наскоро да биде реконструирана.
Ако НАТО продолжи со нападите, ќе излезе многу несериозен пред македонските власти. Не може тукутака, премиерот да каже војната ќе престане, а таа не престанува. Среќа што Љубчо во Владата си го има и Александар Димитров. Тој има разбирање за НАТО, па му даде фора уште една недела. Шефот на дипломатијата е попустлив, па рече дека војната ќе заврши за две недели. Па овие од НАТО си рекоа: “Е, штом Сашо ни дозволи, имаме уште време за бомбардирање!” Затоа деновиве ги засилија бомбардирањата.
Не знаеме дали премиерот и министерот за надворешни работи имаат ист извор на информирање во поглед на прогнозите. Зашто, разликата е евидентна. Останува уште една недела да видиме дали советничката на Димитров е попрецизна од советничката на Георгиевски. Мина на Георгиевски промаши. Ќе видиме дали ќе погоди Мината на Димитров?
2. Мина му треба и на министерот за одбрана Никола Кљусев. Не од оние какви што ги продаваат “волците”, туку вистинска Мина, како замена на некои офицери на АРМ кои не знаат што ни паѓа од небото.
Претставникот на Министерството за одбрана рече дека кај него не знаат какви се тие падобранци, разни делови од воена опрема, беспилотни авиони и други чуда што паѓаат од небото во Македонија. Дури рече дека не знае ни кој е надлежен да одговори на тие прашања.
Крајно непрофесионално е да се прашува офицер на АРМ за небески прашања. И каква е таа глупост, Министерството за одбрана да се грижи за разни паѓања. Нека се праша во Хидрометеоролошкиот завод. Тие знаат што ни паѓа над главите. Можеби не ги бидува многу за прогнозирање, па не можат однапред да предвидат дали ќе пане заскитана ракета, дел од воена опрема, авион, или човек, ама отпосле постојано погодуваат каде врнело дожд, а каде снег.
Велат: “Господ знае од каде паѓаат”. Небаре во војната има вмешано прсти Господ, а не НАТО. Ако е така, зошто тогаш на владините прес конференции не присуствува и претставник на Митрополијата.
3. Пратениците се преселија во реновираната собраниска сала. Фотелјите им ги направиле по урнек на германскиот Бундестаг. Демек – европски. Со европски компјутерски систем за гласање.
Арно ама, како што европските стандарди не виреат на оваа почва така и компјутерскиот систем откажа уште на првото гласање. Се мачеа пратениците со некои картички, притискаа копчиња, Саво им мереше секунди, ама – џабе. На крај, пратениците се вратија на стариот испробан начин на гласање. Со дигање раце. Пратениците дигнаа раце од техниката.
4. Среќа што минатогодишниот претставник на евровизискиот фестивал не успеа да ја кандидира Македонија за учество и на годинашниот фестивал. Инаку, ќе ја исплашевме Европа. Кога ќе им се појавеше Гиш со вреќите, ќе си речеа: “Овие од кај се, не е ни чудо што ги малтретираат бегалците, туку да нé почнат и да ги јадат!”
Сопругата на премиерот Снежана, во паузата пред гласањето, на прашањето кој ќе победи, одговори: “Па, се разбира – Гиш!” И навистина се разбира. Јордан Данаиловски, член на жирито, автор на сценариото и еден од помошниците директори во Македонската телевизија. Перо Камиказа, директор на фестивалот и еден од помошниците директори на Македонската телевизија. Гиш, добитник на Гран прито на фестивалот и уредник во Македонската телевизија. Организатор на фестивалот – Македонска радио-телевизија.
Така било секогаш, па нека продолжи и натаму. Сами си организираме, сами си победуваме. Зошто да им даваме на други, кога сега ние сме на власт. Нека си останат наградите дома. До лани наградите ги делеше СДСМ, отсега ќе ги дели ВМРО-ДПМНЕ. Лани Копров, оваа година Гиш. Важно е да се пее. Затоа што овој народ сака фестивали. Кој и да дојде на власт, животот ни е песна.
Многу убаво е што и во современата музика и на фестивали кои претендираат да нé претстават во Европа се негува имиџ кој ни го истакнува националниот идентитет. Ама, белки во Македонија имало нешто повредно од мантии сошиени од вреќи. Имало ли некаков градски живот, или сите сме биле овчари?
Ако веќе ВМРО-ДПМНЕ ги презеде и фестивалите од комунистите, не ќе беше лошо барем пејачите да им се угледаа на славните личности од македонската историја. Ги гледаме по сликите Гоце, Јане…, наконтени, средени, градски облечени. А – револуционери. Комунистите беа познати по тоа што го уништиле градскиот живот во Македонија. Зошто тогаш и овие ја следат нивната традиција?
5. “Амнести интернешнл”, ја критикува македонската Влада дека не постапувала правилно кон бегалците од Косово. Тие се плашеле од нашите полицајци. Зошто, ако нашите полицајци се толку страшни, тогаш бегале од добрите полицајци на Милошевиќ.
Најдобар начин бегалците да не се плашат од нашите полицајци е тие да се земат во Велика Британија. Бидејќи во централата на “Амнести интернешнл” во Лондон седат хумани луѓе, кои од канцеларија пишуваат извештаи за ѕверствата на македонската полиција, тие нема да имаат ништо против сите бегалци да си ги земат во Британија. Ем нема да се плашат од македонската полиција ем ќе имаат подобар третман.
Така познатите англиски “боби” полицајци ќе шетаат Албанци по улиците на Лондон. Тамошните полицајци се многу фини, така што сигурно нема да им дозволат на бегалците сами да шетаат по градовите. Кај нас, сироти, ај што се уплашени, туку мораат и сами да шетаат по улици.