1 Се сеќавате ли дека кога се отвораше современата шведска млекарница “Сведмилк” имаше расправија меѓу Никола Груевски и Владо Бучковски чија е инвестицијата. Бучко велеше дека странската инвестиција е заслуга на неговата влада и дека тој ја договорил. А Груевски пиеше јогурт и шеташе со најлони на главата и на нозете и се сликаше за првите успешни од стоте чекори што ги вети кога победи првиот пат.
Сега и двајцата не би сакале да се сеќаваат на таа епизода. Со таа разлика што на Бучко баш му е гајле, а на Груевски би требало да му е гајле оти фармерите на кои “Сведмилк” им должи четири милиони евра и што треба да гласаат и на овие избори, сега се гневни.
И како докажано солиден политичар кој знае секогаш да даде вистинска политичка изјава во вистинско време, Груевски неделава порача: “Никогаш не сум терал никого да земе кредит. Единствена работа што сум ја направил за ‘Сведмилк’ е што бев на отворањето”.
Па и ние не сме го терале Груевски да оди на избори за да го избереме за премиер. И ние не го теравме да се слика на отворањето на “Сведмилк”. Ни да пие јогурт. Не го теравме ни директорот на “Сведмилк” да се слика за спотот на ВМРО-ДПМНЕ во кампањата за изборите минатото лето.
Вистина е тој не ги терал луѓето да земаат кредити. Ама, кога го виделе на телевизија, му поверувале и се задолжиле.
Затоа премиере, пред да се сликаш на следната инвестиција, откриј каде се милионите од “Сведмилк”. Имаш држава, имаш институции, имаш инструменти за да откриеш. Мене многу ме интересира каква дубара е направена. И дали некој ќе одговара за тоа.
Тоа мораш да го направиш. Не затоа што треба да се грижиш за бизнис односи меѓу приватна фирма и приватни луѓе. Туку затоа што многу сакаш да се сликаш. За да знам утре кога ќе те видам на телевизија како се фалиш со друга инвестиција дали да ти верувам. Да знам дали вреди да барам работа во таа фирма. Дали да се задолжувам во банка. Дали да водам бизнис со тие луѓе.
Лесно е да се каже: “Јас не ги терав да земаат кредити”. Исто како што за “Нико Нестор” во Струга ни кажа: “Јас предупредував дека ќе дојде до ова уште пред пет години”.
Кога веќе сме те избрале, очекуваме да ни обезбедиш држава во која ќе има барем елементарна правна и економска сигурност.
Што ќе ни кажеш утре? Јас не ви реков да одите на суд? Или, јас не ве терав да се лекувате во државна болница? Или, јас не ве терав да правите трето дете?
Или “Јас не ве терам да живеете во Македонија”.
2 Ако Груевски не го реши проблемот со фармерите како премиер, има надеж тоа да го стори Фрчко ако случајно стане Претседател. Оти, додека се снајде во улогата на кандидат, прво се среќаваше со фармерите и со стечајците.
Со какви се не проблеми се среќавал Фрчко, а не ги решил, а не пак со овие. Како министер за внатрешни работи не го реши атентатот врз Глигоров. Како министер за надворешни работи не го реши името. А сега како Претседател сигурно нема да ги реши ни фармерите, ни стечајците. Оти тоа не му е ни работа.
Го понесе изборната музика и заборави дека тој го пишуваше Уставот. А таму прецизно се дефинирани ингеренциите на Претседателот. Па сега дури и да сака сам да н внесе во ЕУ и во НАТО, како што ветува, не знам како ќе го изведе тоа без Парламентот и Владата. А богами и без опозицијата. Оти, ако тој успее да направи нешто што Бранко не направил претходно и тој ќе му се налути како лидер на СДСМ.
Ама Фрчко има поголем проект. Вели: “Ќе ја внесам Македонија во НАТО на пролет, а ќе почнам преговори со ЕУ на есен”. Уште не кажал: “А на 15 септември ќе станам лидер на СДСМ”.
Ете ти нов судир на левицата.
3 Ај пробајте да го скандирате слоганот на Фрчко на митинзи: “Македонијаинтегрираранаиобезбедена!” Звучи будалесто, ама, за разлика од космодиск, не делува.
Што значи слоганот “Македонија интегрирана и обезбедена”? После долга анализа сфатив што сакал авторот да порача. Тоа е: “Македонија нацицана и со променета пелена”. Да се закачиш на некоја цицка и пак некоја мајка да те згрижи како бебе. СФРЈ ли е, ЕУ ли е, НАТО ли е… Кратенка си е. Мајка си е мајка. А, Македонија никако да порасне.
4 Го гледав првото претставување на кандидатите за претседател на “Телма”. И видов дека и Ѓоле Иванов, исто како Груевски е Лутко. Како да не им влијаеле билбордите од кампањата “Ослободи го срцето”. Цело време чека некој да го нападне. И цело време се спрема за напад.
Не дека не го напаѓаа. Ама тој е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и ќе ги трпи ударите наменети и за партијата и за Груевски. Можеби многу полесно ќе му биде да стане Претседател ако научи да не покажува кога се лути.
Затоа Ѓоле, фино ти вели Владата Ослободи го срцето. Доста ни е еден Лутко во државата. Оти Жолтко само тоа го чека: “Што не кажа ти дека се лутиш, ние ќе почневме и порано да те зафркаваме”. Барем тоа Жолтко добро го знае.
5 Некои охриѓани исчкртале три грчки автобуси, напишале врз нив Македонија и ете ти драма. Море се извинуваше градоначалникот, море полиција објаснуваше, море Грција издаде предупредување до нивните граѓани за патување во Македонија.
И на крај премиерот даде политичка изјава: “И нашите камионџии летоска ги малтретираа, ама ние не рековме дека зад тоа стои грчката Влада”.
Е па учете од Грција. Наместо тогаш македонското МНР да издаде предупредување до македонските граѓани, тие оставаа некоја невладина да лепи плакати за да не се оди на одмор во Грција и да не се пазари во Веро.
Работава е: “Н тепаа, ама си ќутевме”. Зошто? За да не се налути Грција? Па таа е лута, откако сме станати независна држава.
Грчката амбасадорка среде Скопје напушти меѓународна средба оти не и се бендисувало како си се викаме дома, па нашето МНР смета дека нема потреба од протестна нота, а Грција протестира дури и на интервју на Милошоски дадено за германски весник.
Не дека и ние им молчиме. Ама, наместо со дипломатски мерки им го пуштаме Букефал.
6 Министерот за здравство Бујар Османи им забрани на докторите болните од рак да ги оперираат во дополнителна дејност и да им наплатуваат екстра пари. За да се направи ред во операциите, компјутерот ќе одлучува кој доктор, односно кој пациент ќе се прегледува попладне.
Не треба да си многу информатички писмен за да знаеш дека компјутерот не работи сам. Тоа што имаме кампања “Компјутер за секое дете”, не значи дека сите сме деца. Па од компјутерот ќе правиме бауч. Демек “така реши компјутерот и Господ нека ве чува”.
На компјутерот сам ли му текнува? Или некој човек го наполнил со податоци?
Истиот ден беше објавена истрагата за паѓањето на авионот на “Туркиш ерлајнс” во Амстердам. И пилотите се потпреле на компјутерот, па им падна авионот. Оти компјутерот се расипал, а тие не го виделе.