Ѕвезден прав

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:79:"ДостаенајпосакуванатаженавоМакедонија

    1. И овој текст го пишувам далеку од дома. Затоа, ќе ве замолам да не се лутите ако некоја работа ми остане незабележана или погрешно прочитана. Зашто, тешко е од Вашингтон или од Њујорк секојдневно да се следи сè што се случува во Македонија. Луѓето со кои се среќавав изминативе десет дена, по природата на својата работа, знаат многу работи за нас. Но и ним им е тешко секој ден да се тркаат со настаните.
    “Многу е забавно кај вас долу”, ми рече еден висок функционер во Стејт департментот, задолжен за политиката на Балканот. Еден професор по новинарство, пак, се интересираше дали македонските новинари опстојуваат на една тема, кога ќе ја откријат. Во смисла, дали по првото објавување држат тензија, продолжуваат со истражување и наредните денови, дознаваат нови работи, се јавуваат нови извори… Му одговорив: “Тешко”. Зошто, праша тој. Затоа што веќе третиот ден во Македонија има нов настан, нов случај, нова афера, па новинарите мораат да трчаат по нив и да го остават старото, зашто ќе ги прегази времето.

    2. Претпоставувам дека исто ќе се случи и со таканаречената оставка на министерката за внатрешни работи. На Македонија не ѝ е доста од Доста. Уште помалку на Љубчо. Замислете каква трагедија ќе се случеше ако министерката опстоеше на својата морална одговорност и на разбудената совест, па навистина си дадеше оставка. Ќе останеа старите структури да ни ја разнебитуваат државата. Вака, батали морал, батали совест, се работи за нешто многу посериозно од политичката судбина на Димовска. Станува збор за судбината на Љубчо, а богами и Арбен Џафери најавил дека ќе излезе од Владата ако челичната сестра се повлече пред старите структури. Никој не може без неа. Доста во моментов е најпосакуваната жена во Македонија.
    И оди после нека каже некој дека Фрчкоски не им е советник на премиерот и на министерката. И тој на Бранко, по атентатот врз Глигоров, му поднесе оставка, ама Бранко не му ја прифати. Во случајот со Доста дури има и напредок. Фрчко, по повторно добиената доверба од тогашниот премиер, бркаше песоци по скопските гаражи. Доста нема намера да ја изневери довербата на Љубчо. Таа не брка песок. Брка луѓе. И во двата случаи заедничко е што се дига голем прав.
    Сега на министерката ѝ останува да ги избрка сите. Храбро и бескомпромисно. Зашто, “поголем морален потег било храброто справување со реформите отколку кукавичкото отстапување од справувањето со реформите”. Колку ли работа ѝ се отвори по оваа едногласна поддршка што ја доби од Владата? Знаете ли што значи да се бориш против старите структури. Тоа значи да се бориш, практично, против сите, освен против Георгиевски и Џафери. Вклучително и против самата себе. Белки не заборавила дека на времето предавала марксизам во гимназија. Храбрата сестра – реформаторка.

    3. Овие Американците од сè прават пари, па преку Интернет можете да си купите и ѕвезда. Се сетиле астролозите, гледаат безброј ѕвезди на небото, треба на сите да им се даде име и решиле да ги продаваат. Така, Американците  за родендени, за Денот на вљубените, за годишнини и за други свечености на саканите им подаруваат ѕвезди на кои им го даваат нивното име. Плаќаш 45 долари, плус нешто данок и опа, си го решил проблемот – не мора да се грижиш што да ѝ купиш за подарок  на саканата. Си ѝ подарил ѕвезда со нејзиното име. Плус, за тие пари добиваш и уверение со координатите каде  се наоѓа ѕвездата, така што во иднина таа ѕвезда има име и никој не може да ѝ го земе.
    Една пријателска порака до Љубчо Георгиевски и Арбен Џафери.  Во иднина не мора на Доста да ѝ симнуваат ѕвезди од небото за да ѝ кажат колку ја сакаат. Нека ѝ купат ѕвезда  од американските астролози И нека ѝ дадат име – Доста. Белки ќе се најдат педесетина долари уште нераспределени од Телекомот.
    Само да не ги збуниме астролозите кога ѕвездата Доста ќе замавне со метлата да ги исчисти старите структури. На небото ќе се појави ѕвезден прав.

    4. Бидејќи немав можност да го гледам настапот на премиерот Љубчо Георгиевски во Собранието, се обидувам во главата да си ја составам сликата на говорницата. Како ли изгледало кога Георгиевски зборувал за старите структури. И дали во тој момент зад него седел Стојан  Андов. Или Љубчо него го есапи за нова структура. Или – возобновена.

    5. Слатко се изнасмеав кога прочитав дека новинарката на А1 телевизија ја расипала акцијата на македонската војска кога ја киднапирале во Танушевци. Демек, македонските граничари подготвувале голема вооружена акција за разбивање на паравојската, кога пустата Жане Лупевска, сосе камерман напланирано упаднала во реонот.
    Тамам си помислив дека новинарите пак излегле виновни, како што се секогаш, кога, си викам, па приказнава има логика. Па ние сме биле навистина седма сила. Толку силна што спречува воена интервенција.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира