БЕЛГИСКАТА ПАРАОЛИМПИЈКА МАРИКЕ ФЕРФОРТ ОБЈАВИ ДЕКА E ПОДГОТВЕНА ЗА ЕВТАНАЗИЈА

    БЕЛГИСКАТА ПАРАОЛИМПИЈКА МАРИКЕ ФЕРФОРТ ОБЈАВИ ДЕКА E ПОДГОТВЕНА ЗА ЕВТАНАЗИЈАЗдравствените проблеми на Марике Ферфорт почнаа во 2000 година, кога беше погодена од дегенеративна тетраплегија, што ја парализираше (Фото: Гети)

    Белгиска параолимпијка, која изјави дека сака да биде евтаназирана по настапот на Параолимписките игри 2016 во Рио, објави дека е подготвена да стави крај на својот живот.

    Триесет и осумгодишната Марике Ферфорт го воодушеви светот кога освои сребрен медал во трка со колички, иако страда од неизлечива, дегенеративна болест на ‘рбетот.

    Големата спортска хероина вели дека живее во постојани болки и уште во 2008 година има потпишано документи за евтаназија, која е легална во нејзината земја.

    „Болките станаа неиздржливи. Не сакам веќе да страдам. Веќе не можам да спијам, го губам видот, а лековите против болки сѐ помалку делуваат. Претешко ми е, станувам сѐ подепресивна, вакви чувства не сум имала досега, многу плачам. Имам напади и моето тело вреска“, откри Ферфорт во интервјуто за „Дејли телеграф“.

    Таа вели дека веќе ги има разработено сите детали од својата смрт и сака нејзината пепел да биде истурена во Ланцароте, каде што поминуваше Божиќ во последните десет години.

    Здравствените проблеми на Ферфорт почнаа во 2000 година, кога беше погодена од ретка болест, дегенеративна тетраплегија, што ја парализираше.

    Кога стана врзана за количка во 2008 година, ги замени кошарката и триатлонот со спринтот со колички и првиот медал го освои на Параолимписките игри 2012 во Лондон.

    „Датумот кога ќе ја земе смртоносната инјекција не е утврден, но тој ден е блиску“, изјави нејзиниот татко Јос.

    Евтаназијата беше легализирана во Белгија во 2002 година и за неа треба одобрение од три лекари. Се проценува дека пет луѓе дневно умираат на овој начин во Белгија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира