Над 500 деца од сите основни училишта од Скопје утре ќе го најават неделниот Скопски маратон со Детскиот мини маратон, преку кој ќе повикаат на создавање училишта без насилство.
Ова е втора година како УНИЦЕФ соработува со Унијата на спортови од Скопје, организаторот на Виз ер Скопски маратон, со цел да ја вклучи пошироката заедница во иницијативи што се важни за здравјето и благосостојбата на децата.
„Спортот е одличен начин да се канализира енергијата и да се зајакнат некои важни доблести кај децата, како доследноста, соработката, заемната почит, здравиот натпреварувачки дух и самодовербата. Мило ни е што оваа година Детскиот мини маратон го свртува вниманието кон потребата овие исти доблести да се негуваат и во образованието, за да се спречи насилство во училиштата”, рече Бенџамин Перкс од УНИЦЕФ.
Детскиот мини маратон ќе почне во 10 часот во паркот Авионче во Ново Лисиче во Скопје. Легендарната маратонка од Велика Британија, Пола Редклиф, ќе го отвори настанот.
„Тоа е духот на Детскиот мини маратон: да им се даде на децата можност да учествуваат и да го привлечат вниманието кон работи што им се важни”, рече Кире Синадиновски, директорот на Виз ер Скопски маратон.