Италијанскиот атлетичар Џанмарко Тамбери јавно ѝ се извини на сопругата откако го изгуби венчалниот прстен за време на церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Париз. Триесет и двегодишниот светски и олимписки првак во скок во височина беше знаменосец на Италија додека бродовите ги превезуваа олимпијците преку Сена, кога бурмата му паднала од прстот.
„Се извинувам, љубов моја, многу се извинувам“, напиша тој на Инстаграм.
Тој смета дека причините за незгодата се огромниот ентузијазам и губењето на премногу килограми пред ОИ.
„Ако веќе морав да го изгубам прстенот, не можев да замислам подобро место. Сега засекогаш ќе остане на дното на реката во градот на љубовта“, рече Тамбери и ѝ предложи на сопругата Кјара и таа да го фрли својот прстен во реката.
Тамбери првпат се прослави на Олимпијадата во Токио кога одлучи да го подели златниот медал со Катарецот Мутаз Еса Баршим место да се обиде да скока на поголема височина.