Македонецот Марјан Атанасов (53) го носеше олимпискиот пламен во Пјаченца, Италија, која ќе биде домаќин на 25. Зимски олимписки игри. Тој викендов трчаше со група спортисти и истакнати личности по улиците на Пјаченца, каде што живеат илјадници Македонци. Атанасов, кој е родум од Ваташа, Кавадаречко, е меѓу 10.001 носител на олимпискиот факел во Италија пред стартот на Игрите во Милано-Кортина на 6 февруари.
„Да бидам избран за претставник на Милано-Кортина 2026 за мене значи ширење на една позитивна порака, а таа е обединување на луѓето, нациите и разните истории преку спортот. Тоа значи претставување на вредности како што се почит, посветеност, вклученост и фер-плеј, не само за време на патувањето на пламенот, туку и во секојдневниот живот. Гледањето како пламенот поминува од рака во рака е потсетник дека секој, некое одредено време, може да биде дел од нешто поголемо“, вели Атанасов, кој во Италија живее од 1998 година.
Тој вели дека конечно му се исполнил детскиот сон од Олимписките игри во Сараево. Гледајќи ги Игрите на 11-годишна возраст, посакал еден ден да биде носител на олимпискиот факел. Таа желба се разгорела во 2006, кога Торнио беше домаќин на Зимските олимписки игри.
„Сонот се роди за време на Олимписките игри во Сараево во 1984 година и потпа продолжи во Торино 2006 и сега за Милано-Кортина во 2026. Уште од дете, Олимписките игри ми биле симбол на соништа, посветеност и единство помеѓу луѓето. Идејата да се носи пламенот, дури и на кратко растојание, ме натера да се чувствувам како дел од нешто поголемо од мене. Сознанието дека учествував, го прави ова искуство уникатно и незаборавно за мене“, вели Марјан, кој е крводарител во Пјаченца.
Атанасов е доста активен во промоција на македонските култура, музика и традиции во Италија. Бил вклучен во асоцијацијата на Македонците „Сонце – Соле“, но и во повеќе проекти од интерес на македонската заедница во Пјаченца.
В. ТРАЈКОВ




